X
 11.12.2017 Живот

Престанете да се тешите себеси дека факултетот не е потребен и земете ја книгата в рака

Отсекогаш сме дозволувале оние со пониско образование да имаат подобра работа и поголемо право на глас од оние со диплома. Иако е точно дека работата денес не им е сигурна ниту на оние што ги чистат улиците (со должна почит), тоа не значи дека завршувањето факултет не доаѓа предвид.

Познатата поговорка - стави ја хартијата в џеб, макар и да ги чистиш улиците, почна да биде потиснувана од стравот дека со таа хартија „можете да го избришете само задникот“. Дипломите се издаваат на подебела, цврста хартија, така што бришењето на задникот можеби не е добра идеја, а обично на нив има убав фонт, па доколку сте погодени дека вашиот труд не е ценет, барем ценете го трудот на другите.

Еве неколку причини зошто е важно да го завршите факултетот.

Прво, заради родителите. И на родителите што имаат високо образование и на оние што немаат образование ќе им значи ако нивните деца имаат соодветно образование. Едните не сакаат да живеете како нив, а другите не сакаат да живеете полошо од нив. Во секој случај, убаво е да се оправдаат надежта и парите што родителите ги вложиле во вас.

Второ, редно е нешто да планирате. Не формално, туку вистински, нешто да учите. Ако нешто ве интересира, што би можело да е поубаво од секојдневното дружење со експертите на ова поле на кои работа им е да ве информираат, да ве обучат и да ве стимулираат за понатамошен развој. Човек не ги цени наставниците додека не ги изгуби. Навистина, со интернетот работите се променија, но колку го користиме за развој, а колку за безделничење и затупување?

Трето, на факултет не учите сами. Со колегите си помагате, се натпреварувате. Колку и да сметате дека групата би можела да пречи, нешто што може да ве обесхрабри, толку е природна, бидејќи човекот е друштвена личност, и во понатамошниот живот го чека интеракција со луѓе со исти или различни професии и цели.

Студентскиот живот зборува сам за себе. Сето она што нема врска со факултетот, дружење, излегување, авантура, младешки лудости, сето тоа е формирано со школувањето, испитите, учењето. Сето ова има своја убавина - и исхраната во мензата, и сместувањето во домот, и изнајмувањето станови со цимери, и недостигот на пари и штедењето...

Во првата година, кога сте полни со очекувања, макар и ниски, откривате кој студира со вас. Тука има бубалици, мамини и татини галеници, чудаци, неуки, сезнајковци, млади од село, млади од град, млади од странство, а има и стари што сега се сетиле на детската клупа.

Во втората година екипата се намалува, во трета година се појавуваат старите студенти кои веќе по петти пат одат во трета година, а четвртата ја завршува онаа група што е најупорна. Јас, секако, зборувам за типичниот систем пред Болоњскиот, така што би можела да биде трета, петта или седма година, главно на крајот од студиите гледате дека со вас сега излегуваат на улица со титула професор, инженер и уште многу други професии. Ќе ги видите тие бубалици, чудаци, неуки и сезнајковци од прва година, тука ќе има многу, и веројатно ќе помислите дека повеќето не се дораснати да ја добијат дипломата. Но, тоа е тоа. И ова е доста важно за подоцнежниот живот и за соработката со луѓето. Оној што нема да заврши факултет верува дека луѓето со факултет се постручни отколку што се.

Запознав многу луѓе што се „материјал“ за академска титула, но поради оваа или онаа причина, никогаш не ја постигнале. Нешто почнале, па го оставиле, па се обиделе со нешто друго, па и тоа го оставиле, се вработиле или основале семејство главно - имале намера, но не и реализација. Ваквите луѓе речиси без исклучок се чувствуваат недоволно добро во сопствена кожа. Дури и ако во работата се многу вешти и способни, секогаш се чувствуваат помалку вредни од колегите што имаат диплома, дури и ако тие се далеку полоши во нивната работа. Повеќе се докажуваат, се сомневаат во себе, склони се кон параноја и се плашат дека ќе бидат оштетени затоа што немаат најобична хартија, и потешко им е да станат, да застанат зад себе и да го изнесат својот став пред другите, пообразованите колеги.

Понатаму, речиси и нема работно место без испраќање биографија. А бидејќи биографијата е основната информација и првото нешто што зборува за вас и за вашето ниво на образование, за секоја попристојна работа ви треба факултет. Всушност, добро би било да имате и магистратура или докторат, или уште еден факултет, виша школа или академија.

Ако влезете во триесеттите години, а во биографијата стои дека сте започнале, но не сте завршиле факултет, тоа на работодавците им испраќа порака дека не сте зрела, квалификувана личност, која се најде во таква ситуација бидејќи во меѓувреме станала родител или се посветила на некоја друга форма на лично и професионално развивање.

Кога сме веќе кај биографијата, иако често се пишува и се зборува за тоа, многу луѓе наведуваат кое основно училиште го завршиле. Што значи тоа? Кога не постои трет кат, ајде да разговараме за приземјето.

Основното училиште во биографијата има смисла само ако сте го завршиле во странство. Со тоа покажувате дека ги познавате јазикот и животот надвор од вашата земја, што за некои професии би можело да биде погодно.

Понатаму, дипломата значи дека сте прочитале многу книги. На некои факултети се чита многу, на некои помалку, но на секој се чита нешто, се истражува, се проучува. Секоја книга ве учи нешто. Го учите јазикот, ако ништо друго. Го проширувате фондот на зборови, утврдувате некои граматички и правописни правила.

Во суштина, факултетот ви помага да ве ценат луѓето, но и вие да ги цените другите.

Човек што нема диплома во суштина испраќа порака: „Вие сте будали што сте се труделе околу училиштето, кога јас и другите сме доказ дека сме еднакви“. Нормално е дека кај луѓето потсвесно и несвесно се развива одреден револт. Тоа е како да чекате во ред, а некој ноншалантно ќе помине пред вас, па уште ви се смее в лице.

Факултетот е и барање одобрение. Секој испит е барање одобрение, поминување, признание. И секогаш е стресно и неизвесно, безброј пати се сомневате во себе, во она што го знаете и она што не го знаете, а особено во она што го знаете - се доведувате во дилема на милион начини, а на крајот некој друг треба да ви каже „амин“. Тој некој некогаш е одличен професор, некогаш кретен и будала и баш како во војска, човек тогаш учи како да го прифати системот и како да се снајде со авторитет.

И за крај, ако ви е доста од сè и сакате да заминете во Канада, потребен ви е занает или факултет. Дури и ако со вашата диплома нема да можете да ја работите професијата, таа ве става во саканата категорија на имигранти, ви дава одреден број поени и ви кажува дека сте академски граѓанин, писмен, образован, способен и подготвен за учење и развивање.

Ред е да се каже дека оној што не студирал не знае некои работи. И колку и да се труди да компензира, залудно е кога не знае, кога не присуствувал на некое досадно предавање што ве натерало да се запрашате: „Кога ќе ми треба ова во животот?“ Па доаѓа тој момент кога ќе се сетите на сите работи што сте мислеле дека не ги знаете, и во тие моменти ви е драго за сите пари.

Колумна на блогерката Кубик за магазинот „Бука“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот