X
 11.12.2024 Здравје

Дали слушањето божиќни песни е лошо за менталното здравје?

Се чини дека маркетиншките трикови почнуваат да го промовираат веселиот Дедо Мраз веднаш штом ќе заврши октомври. Овој феномен, познат како „божиќно прикрадување“, значи дека продавниците пуштаат празнични песни сѐ порано и порано.

Ова постепено навлегување на Божиќ во секојдневието може да има негативно влијание врз вашето ментално здравје, вели клиничкиот психолог Линда Блер. Свирењето божиќна музика пред официјалниот почеток на сезоната на празници може да ве направи вознемирени и депресивни, изјави таа.

- Божиќната музика ќе ги иритира луѓето ако се пушта премногу гласно и прерано. Тоа може да направи да се чувствуваме заробени. Нѐ потсетува дека треба да купуваме подароци, да угостиме луѓе, да организираме прослави. Некои ќе реагираат на ова со импулсивни купувања, што им одговара на трговците. Други може само да ја напуштат продавницата. Тоа е ризик - објаснува таа.

Божиќната музика може да дејствува како еден вид почетен сигнал за празничната сезона.

- Песните, всушност, започнуваат одбројување во нашиот ум и можат да предизвикаат стрес и вознемиреност поради многуте работи што треба да ги направиме пред 25 декември. Наместо да ја чувствуваме топлината на семејството, тоа може да нѐ потсети на бројот на луѓе на кои треба да им купиме подароци, да планираме забави, патувања, да видиме роднини што можеби не сакаме да ги видиме - истакнува Скот Дехорти, социјален работник и извршен директор на центар за детоксикација.

Заканата за менталното здравје е особено силна за сезонските работници и работниците во малопродажба, кои мора да шират празнична радост и покрај постојаниот прилив на голем број купувачи.

Доколку, пак, уживате во можноста да го украсите вашиот дом со светилки и венци, тогаш продолжете да уживате во тоа. Луѓето што украсуваат порано за празниците можеби се посреќни од оние што чекаат или воопшто не украсуваат, вели Стив Мекеун, британски психоаналитичар.

- Во свет полн со стрес и анксиозност, луѓето сакаат да поврзуваат работи што ги прават среќни, а божиќните украси предизвикуваат силни чувства од детството. Украсувањето е начин да се вратите на оние стари магични емоции на возбудата од детството, така што раното поставување на божиќните украси ја продолжува таа возбуда - вели тој.

Студија во „Журналот за психологија на животната средина“ покажала дека луѓето што поставуваат украси им сигнализираат на своите соседи дека се пољубезни и подружељубиви од оние што не украсуваат. Љубовта кон големи украси во дворот или на балконот може да ви помогне подобро да се вклопите во вашата заедница и да изградите посилна социјална мрежа на пријатели.

Извор: vecernji.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје