Родителот е партнер во целиот процес - колку повеќе разбира што, зошто и како правиме, толку е поголема доследноста дома. Без добра комуникација не може да се одржи континуитет, ниту да се направат прецизни корекции, истакнува нашата соговорничка
Познато е дека цревата се „вториот мозок“ на човечкото тело. Врската меѓу мозокот и стомакот е реална и дава едно подлабоко разбирање за човекот. Научниците сметаат дека со контролирање на стомачната средина, може да контролираме што се случува во мозокот. Имајќи го ова предвид, во последно време сѐ почесто се поставува прашањето колку исхраната може да влијае врз однесувањето кај децата со нарушување на дефицитот на внимание, како и кај децата со аутизам?
На оваа тема разговараме со Елена Рајкоска, дипломиран нутриционист – специјализирана за нутритивна терапија кај деца со невродивергентни состојби и селективен апетит. Таа изработува индивидуален план за исхрана кај децата со невродивергентни состојби, исхрана при аутизам, АДХД и сензорни проблеми. Секој план е изработен според специфичните потреби на детето.
Храната кај децата со невроразвојни нарушувања не е само оброк. Таа е директен невробиолошки стимул, средство за стабилизирање на мозочната, гастроинтестинална и имунолошката оска.
Нутриционистичкиот процес започнува со внимателно слушање на родителот
Сѐ е индивидуално и секоја исхрана се прави врз основа на анализа на детето и разговор со родителите.
- Кога чинијата е балансирана и распоредот е стабилен, ситоста трае подолго, варењето се одвива без непријатност, а преку оска црево-мозок пристигнува порамномерен сигнал што му треба на мозокот за работа и учење. Така вниманието се задржува подолго, транзициите меѓу активности се полесни, а однесувањето е поуправливо - вели Елена Рајкоска.
Истовремено, не постојат две истоветни деца на спектарот, па оттука и не постои униформен нутритивен одговор кое дете што смее или не смее да јаде. Сѐ е индивидуално и секоја исхрана се прави врз основа на анализа на детето, разговор со родителите...
- Кај едно дете можеби доминира гастроинтестинална компонента (запек, дистензија, варијабилна столица по одредени јаглехидрати или адитиви), кај друго сензорна (текстура, температура, мирис, „бренд-форма“), кај трето изразена ригидност и извршни функции го диктираат изборот; најчесто механизмите коегзистираат во различен сооднос. Затоа ефектот од исхраната е секогаш индивидуален и се мери индивидуално, не според туѓи примери - ни објаснува таа.
Ефикасната поддршка бара мултидисциплинарен пристап во кој исхраната има централна улога, но мора да биде правилно поставена и континуирано следена од стручно лице бидејќи низ различни фази се менуваат и нутритивните потреби.
- Нутриционистичкиот процес започнува со внимателно слушање на родителот и мапирање на оброците, конзистенција и ритам на столица, сон, лекови/суплементи, историја на антибиотици, толеранција на форма и текстура и реални сигнали за глад/ситост. Целта е да се утврди етиологијата на селективноста или неподносливоста (сензорна, гастроинтестинална, ригидносна или комбинирана) - пристапот произлегува од причината. Потоа, без непотребни рестрикции, се средуваат оброците и нивниот распоред во текот на денот; формата и температурата се приспособуваат на толеранцијата, затоа што иста намирница, сервирана во поднослива текстура, често станува прифатлива без конфликт. Паралелно, родителот се обучува за подготовка: правилно термичко готвење, соодветна хидратација околу оброкот и комбинации што го забавуваат влезот на глукоза. Кога оброкот е навистина балансиран, глукозата влегува рамномерно и мозокот добива стабилна енергија; тоа го поддржува вниманието и ја намалува потребата за брзи засладувачи. Влакната и отпорниот скроб се ферментираат во дебелото црево во кратковерижни масни киселини (особено бутират) кои ја хранат слузницата и ја зацврстуваат бариерата, па варењето станува предвидливо, без болка и надуеност. Преку оската црево-мозок, овој ритам придонесува за порамномерни сигнали: допамин/норепинефрин (фокус и издржливост), серотонин (мотилитет и расположение) и ГАБА (саморегулација). Во секојдневието тоа се чита како полесни транзиции меѓу активности и постабилен претпладневен фокус - ни објаснува Елена.
Сензорната толерација се гради безбедно, преку контакт и игра
Со недели доследност се подобруваат заспивањето и утринската будност, а толеранцијата на форма/текстура се шири - детето полесно прифаќа варијации на веќе познатата храна. Балансираниот оброк создава физиолошка подлога на која другите терапии се примаат подобро и напредокот станува видлив и одржлив.
- Сензорната толеранција се гради безбедно преку контакт и игра: храната се гледа, се допира, се мириса, се толерира текстурата (по потреба прво на друг дел од телото ако
дланките се преосетливи), па дури потоа се вкусува; целта е детето да ја доживее храната
како материјал за учење, а не како закана, и тој процес е најуспешен кога родителот е активно присутен, трпелив и конзистентен и гради однос на детето со храната - вели Елена.
Елена Рајкоска, нутриционист
Во исто време се адресираат тригерите што ја нарушуваат физиологијата.
- Прво, рафинирани шеќери и концентрирани засладувачи што даваат кратки гликемиски осцилации и зголемена гасогенеза. Второ, млечни производи кога постои основан сомнеж за реакција на казеин (протеин) - во тој случај се прави дисциплинирана, временски ограничена елиминација на сите извори на млечен протеин со јасно следење на симптоми и нутритивна заштита (калциум, јод, витамин D, B2/B12, адекватен протеин), па контролирано повторно воведување за потврда. Трето, брашното што создаваат висок гликемиски товар и ригидни навики - тука приоритет има преминот кон цели зрна, ротација и форма што детето ја поднесува, што објаснува дека глутенот не е реална закана и не се исклучува доколку тоа не е потврдено, туку самата обработка на зрното - високопроцесиран производ, влегува во групата на обработени намирници кои никако не треба да се дел од исхраната на дете со невроразвојни предизвици, а покрај тоа во секоја високопроцесирана намирница има премногу додатоци кои дополнително влијаат врз невроразвојот - посочува Рајкоска.
Акцентот не е на етикетата „здрава храна“, туку на балансиран оброк
Акцентот не е на етикетата „здрава храна“, туку на балансиран оброк: доволно аминокиселини од животинско и растително потекло, избалансирани сложени јаглехидрати, доволно и соодветни типови влакна, и квалитетни масти.
- Ротацијата на намирници е задолжителна за да се прошири спектарот на влакна и аминокиселини без да се провоцира сензорна одбрана. Се води евиденција за разновидноста на протеинските извори од животинско и од растително потекло бидејќи едноличните избори ја зголемуваат протеолизата во колон и го оптоваруваат системот, додека разновидниот внес симултано ја храни слузницата и го стабилизира микробиомот - додава Рајкоска.
Според неа, утринскиот оброк останува „кочница“ за гликемиските пикови и „стартер“ за мирна ферментација: овошјето и соковите имаат место само во рамнотежен оброк, а навечер скробниот товар е умерен и структурата е нежна, за да не се помести ферментацискиот врв блиску до спиење и да не се наруши сонот.
- Глутенот не се исклучува доколку нема реална потреба и не е докажано. Проблемот во практика поретко е „глутенот како идеја“, а почесто глијадинот во брашнест контекст - при фин процес се ослободуваат фракции што дел од децата ги толерираат полошо, додека целото зрно, во добро склопен оброк, носи сложена енергија и Б-витамини со пониска гликемиска амплитуда. Родителот е партнер во целиот процес, колку повеќе разбира што, зошто и како правиме, толку е поголема доследноста дома. Без добра комуникација не може да се одржи континуитет, ниту да се направат прецизни корекции - подвлекува нашата соговорничка.
Фото: freepik
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.