X
 12.05.2020 Колумни

Колумна, академик Абдулменаф Беџети: Македонската економија низ кризите од осамостојувањето до Ковид-19

Лекцијата што денес треба да ја научи актуелната Влада, и тоа веднаш, е постапката и брзината на реализација на нејзините мерки. Дури поважна е брзината отколку големината на мерките

Пишува: Проф. д-р Абдулменаф Беџети, економист, редовен член на МАНУ

Историјата на економски кризи со факти ни покажува дека во светски рамки речиси во просек на секои 5-7 години се случуваат, ако не глобални, секако регионални кризи. Бидејќи економијата не е линеарен феномен, туку цикличен, овие појави сосема се нормални. Од секоја криза произлегуваат научени лекции, иновативни решенија, па и нови можности. Помудрите знаат да ги искористуваат токму нив за да стекнат поголема корист. Во оваа насока, како позитивен пример се дел наши текстилци, токму во оваа криза. Првичните податоци покажуваат дека во екот на кризата нивниот извоз порасна за 300%! Зарем ова не е доволен доказ за нови можности!

Без да одиме предалеку во минатото, од осамостојувањето на државата до денес, оваа тековната (Ковид-19) ни е петта по ред голема криза.

Aкадемик Абдулменаф Беџети

На самиот почеток на деведесеттите години, при осамостојувањето ни се случи т.н. јужна и северна блокада, исклучиво поради политички причини, ама ни нанесе огромни економски штети. Потоа (во 1997 год.) ни се случија пирамидалните штедилници (ТАТ, Лавци, и слични на нив) би рекол поради системски (економски), а можеби и поради политички причини. Потоа, повторно поради исклучиво политички причини, ни се случи меѓуетничкиот воен конфликт во 2001 година, а 7 години потоа и глобалната финансиска криза (кај нас пристигна 2008/2009), која траеше сè до 2010 (во форма на W). Сега ни се случува Ковид-19, најспецифична и најнепредвидливата во историја на економските кризи барем во период од речиси еден век!

Сите наведени кризи со своите специфичности (локални, регионални и глобални), имале значително влијание врз економијата. Кај некои бевме со поблаг пад на економска активност, а кај некои други со поостар пад. По некоја побрзо, а по некоја многу побавно економски закрепнавме.

Ако малку поспецифично ја анализираме последната економска финансиска глобална криза, поточно од аспект на дизајнирање и менаџирање на економските политики и мерки, би нагласил најмалку два аспекта од кои би требало да учиме.

Прво, од 2008 до 2010 година имавме огромен судир помеѓу најважните економски институции во државава. Од една страна, Народната банка на РМ и, од друга страна, Владата преку Министерството за финансии. Класичен институционален „натпревар“ за моќ поврзан во причинско-последична врска! Постојано, но особено во период на економски кризи, токму овие два економски столба треба да бидат во највисока координација и хармонизација во дизајнирање на економските политики. Едните ги дизајнираат монетарните, додека другите фискалните политики кои секогаш треба да бидат во координација и хармонија меѓу себе за да ги минимизираат штетите и да го консолидираат стопанството со најниска можна економска цена.

Тогаш имавме динамичко спротивставување на двете институции, кое пак нè доведе во состојба на врвот („пикот“) на кризата основната каматна стапка на Централната банка да стигне над 9% токму кога треба сосема обратна насока на овој основен економски монетарен инструмент. За жал, и двете овие институции имаа свои оправдувања. Додека НБРМ и според Законот е должна да води сметка за ценовната стабилизација (ниска и таргетирана инфлација), Владата се обидуваше (на свој вешт начин) да ја оправда потребата од што е можно поголемо инјектирање пари во стопанството. Едни повлекувале пари, другите уфрлувале (попрецизно расфрлувале) пари. Како последица на овој „натпревар“ основната каматна стапка спирално се движеше по нагорна линија, а економистите ги препознаваат овие политики како истиснување на инвестиции, производство, вработеност... и поголема криза (crowding out effect)!

За разлика од тогаш, денес за среќа овие два институционални столба на креаторите на економските политики како никогаш до сега (да даде Господ да не ги урочиме!) не биле координирани и хармонични. Затоа последиците на многу пофатална криза од тогашната се очекуваат да бидат многу помали отколку што би биле доколку имаше однесувањето како тогаш. Зарем ова не е научена лекција?

Дел од проектот „Скопје 2014“ / Фото: Wikipedia

Второ, во времето на глобалната финансиска и економска криза, поточно при процесот на економска рекуперација, наместо да се впуштиме во крајно потребни капитални и продуктивни инвестиции од типот на хидроелектрани (на пример, Чебрен и Галиште), автопатишта, гасоводни системи, еколошки и „зелени“ инвестиции и сл., ние влеговме во фантомскиот проект т.н. „Скопје 2014“ во инвестиции на фасади, скулптури, археолошки истражувања и официјално потрошивме над 600 милиони евра, а фактички многу повеќе од тоа.

Комплетната инвестиција во хидроелектраните Чебрен и Галиште ќе беше реализирана само со тие пари. Тогаш го дуплиравме јавниот долг на државава од 25% во над 48% од БДП и речиси го потрошивме целиот фискален простор од оваа компонента! Последично на тоа, денес сред кризата на Ковид-19 немаме фискален простор затоа што сме го „потрошиле“ во друго време и во крајно непродуктивни зафати. Минатата недела г. Фрек Јанмат, шеф на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, презентирајќи го извештајот за економските прогнози на ЕК за Северна Македонија, вели: „Кризата ја погоди земјава во време кога фискалниот простор е ограничен и кога големите долгови од минатото треба да се отплатат во 2020 и 2021“ (завршен цитат).

Се надеваме дека при процес на рекуперација на економијата нема да влеземе во некоја слична инвестициска авантура.

Скопје во време на вонредни мерки / Фото: Борче Поповски

Лекцијата што денес треба да ја научи актуелната Влада, и тоа веднаш, е постапката и брзината на реализација на нејзините мерки. Дури поважна е брзината отколку големината на мерките. Политичарите прават избор, ама економистите (не мислам на тие само со диплома!) треба да ги пишуваат избраните мерки за да не испадне по два-три дена... не важи, па откако ќе се донесуваат, под притисок на заинтересираните страни, да ги сменат! Мерките треба фундирано и врз основа на анализи да се дизајнираат, најбрзо и најтранспарентно што е можно, да се реализираат и по систем на мониторинг да се опсервираат и да се измерат ефектите.

Како што констатиравме погоре, при секоја нова криза се создаваат и нови можности и нови идеи (иновации), но и можност за учење нови лекции. Еве некои (дополнителни) лекции што треба мудро да ги научиме:

Прво, да не градиме ирационални очекувања и илузии дека во состојби на глобални кризи, кои по сè изгледа ќе ги има повеќе и почесто, ќе можеме да се надеваме на глобални центри на моќ како Брисел, Вашингтон, УН (а да не ја споменувам Москва или Пекинг) и слични на нив, особено не кога и тие самите се зафатени со истата криза. Дури и самите тие што се во исти „сојузи“ заборавија на солидарноста на заедницата. Не се тие виновни, туку заедницата е таква, каде што националните интереси на членките, па и на нив самите, биле и ќе бидат прв приоритет. Да не бидам сфатен погрешно, велам во кризи каде што и тие самите се зафатени. Емпириски е докажано дека без нив ние не можеме само кога имаме (внатрешна) национална криза. Дури кога имаме некоја криза во потесен регион или, пак, помеѓу држави, треба да бидеме подготвени за временската дистанца на нивната реакција и поддршка. Случајот на војните во поранешна Југославија или, пак, спорот со Грција, ни се најдобри лекции за тоа.


МАНУ / Фото: Wikipedia

Второ, при конципирање на националниот економски систем да не се потпираме бесконечно на т.н. економски глобални и либерални пазари. Преку ноќ се случија затворање на границите и забрана на извоз на стоки, инвентар, опрема..., па и луѓе, прво за здравствените и безбедносните потреби, па потоа и за стратешките стоки за исхрана, дури и во најлибералните економии во светот. И сето тоа е нормално при вакви појави ако се исклучи моралната димензија. Да не беа некои домашни капацитети од типот на „Алкалоид“, на пример, ќе се соочевме со уште поголеми последици, а за паника да не зборуваме!

Трето, покрај преференциите за пријателски односи и релациите со нив (светските центри на моќ), мора да водиме сметка најпрво за односите со соседите и потесниот регион. Во градење приоритети во надворешната политика ако не преференцијален статус на соседите, барем еднаков како и на светските центри на моќ. Ако ги погледнеме бројките за трговска размена, од аспект на динамика, во месеците на кризата, највисоките индекси (над 110) се кај соседните и земјите на Западен Балкан, а најниски (околу 90) се кај земјите на ЕУ!

И на крај, сета финансиска поддршка што ја добиваме од нив (ММФ, СБ, ЕУ преку ЕИБ и сл.) е добредојдена и треба да сме крајно благодарни. Најголем дел од неа, и покрај тоа што се именува како помош, е позајмување. Тоа се позајмувања (мултилатерални) со многу поволни услови, кои во вакви околности се многу корисни, но и тие треба да се враќаат.

Академик Беџети

И конечно, покрај тоа што имаме центри за справување со кризи, сè уште немаме соодветна стратегија и систем за оцена на сеопфатен ризик од вакви и слични кризи. На нивните веб-страници наоѓаме декларативни документи како мисии, визии, па ако сакате и стратегии, ама тоа се само преземени copy/paste декларативни документи од слични институции низ ЕУ. Мислам дека институциите сериозно треба да размислуваат во оваа насока бидејќи ситуации слични на овие, можно е да има сè повеќе во иднина во ваков турбулентен свет! Дури и во блиска иднина, ако ни се врати интензитетот на Ковид-19 во доцнежната есен. Можеби треба да се навикнеме и да се приспособиме на вакви и слични ситуации. Ние, особено малите држави, за жал, ништо не можеме тука да смениме!

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни