X
 12.08.2020 Економија

Мнозинството Балканци во Германија работат како стручна работна сила, само 4 отсто се експерти

Повеќе од половина од луѓето од Западен Балкан во Германија работат како стручна работна сила, покажува студија на Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ).

Дури 54 отсто од работните односи што во Германија се договараат преку регулативи за регионот на Западниот Балкан се однесуваат на стручната работна сила. На следното, повисоко ниво на квалификација - „специјалистите“ и „експертите“ опфаќаат околу 4 отсто, а 42 отсто се помошна работна сила. Ова се резултатите од студијата што ја објави Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ) со седиште во Нирнберг.

Навалица во Германија


Луѓето од земјите што не се членки на ЕУ - Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија и Косово - можат да се вработат во Германија во рамки на утврдени правила за регионот од 2016. Услов е да поседуваат обврзувачки исказ од некој работодавец дека сака да ги вработи. Доказ за квалификации не е неопходен.

Таа регулатива, која засега важи до крајот на 2020 година, наиде на голем интерес кај луѓето од регионот што се во потрага по работа - така беше и во германските компании, во најмала рака до избивање на пандемијата.

Големиот број на апликации доведе до тесно грло во нивната административна обработка во германските дипломатски претставништва на Западниот Балкан - предолго се чекаше за виза, па бројот на реализирани договори е помал отколку што можеше да биде.

Мажите во градежништво

Студијата ги набљудувала 2016 и 2017 година. Во нив просечната старост на доселениците во 73 отсто од случаите била пониска од 40. А дури 86 отсто се мажи. Причината е големата побарувачка во градежништвото, кое спаѓа во традиционалните машки дејности. Во таа економска гранка, како што се наведува во соопштението, работа нашле 44% од вработените, кои во Германија заминале по регулативата за западнобалканските земји.

Фото: Pexels

Во услужните дејности, како што се хотелиерството и гастрономијата, работат 13 отсто од луѓето од регионот, 11 отсто се во здравствената и социјалната гранка, а во останатите услужни дејности, во кои спаѓа да речеме чистењето, работат 10 отсто од луѓето што тргнале на печалба во Германија.

Работа се добива главно со посредство на приватни и професионални мрежи. Таквите посредници, според резултатите од студијата, исполнуваат важна функција и се од суштинско значење за успешно продолжување на работниот однос. Тие посреднички мрежи се грижат профилот на кандидатот за работа да одговара на очекувањата на компанијата. Со тоа се создава предвидливост и за работодавецот и за работникот, наведуваат од Институтот.

Успешна интеграција


- Интеграцијата на лицата што нашле работа во Германија врз основа на таа регулатива е успешна во поглед на стабилноста на работните односи и природата - во споредба со другите мигрантски групи и германските почетници на работа - нагласуваат авторите на студијата.

Невработеноста, како и земањето помош за невработените од прв или втор степен, изнесува 0,1 отсто. Всушност, продолжувањето на дозволата за престој е поврзано со способноста да се обезбеди покривање на животните трошоци на сопствените приходи. Но, авторите на студијата велат дека тоа не го исклучува макар привременото примање помош за невработени кога ќе дојде до отпуштање или затворање на компанија.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pexels
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија