На Германија ѝ недостигаат толку многу возачи на камиони што наскоро полиците во маркетите би можеле да останат празни.
Според податоците на Сојузот за шпедиција и логистика (ДСЛВ), на германските шпедициски компании им недостигаат помеѓу 45 и 60 илјади возачи, а нивниот портпарол предупредува дека таа бранша поради недостиг на работна сила се наоѓа пред колапс.
Работата како возач на камион стана неатрактивна поради ниските плати и лошите работни услови, па претставниците на шпедицијата сега ветуваат дека ќе ги поправат, а сега сакаат да привлечат и жени. Моментално има само 1,7 отсто жени меѓу сите камионџии.
Секоја година во Германија во пензија одат околу 30.000 возачи на камиони, додека се вработуваат само околу 15.000. Според студија на Светската банка, на Германија во 2030 година ќе ѝ недостигаат 150.000 возачи на камиони.
Надлежните ветуваат дека значително ќе ги подобрат условите за работа и платите на возачите. Наведуваат дека во иднина возачите ќе имаат многу подобро опремени кабини, како и тоалети, дека сите ќе добиваат топли оброци и дека ќе можат да користат повеќе санитарни јазли на патот.
Според
податоците, возачите во 2018 година завршиле на 10. место на листата со најмалку платени работи, со годишна бруто-плата од 28.436 евра.