X
 12.08.2026 Наша тема

Ања Стојадиновска е најдобар студент на Факултетот за ликовни уметности: „Најголем предизвик ми беше да бидам задоволна од тоа што го создавам“

Мислам дека мојата професија е на вистинскиот пат и преку ликовната ангажираност и дејност на сите уметници се создава постојан напредок и промени во полето на ликовната уметност во Македонија. Јас гледам просперитет во Македонија и моментално магистрирам на Факултетот за ликовни уметности, на студиската програма графика, вели Ања Стојадиновска

Ања Стојадиновска од Факултетот за ликовни уметности е добитничка на признанието за најдобар студент на УКИМ. За неа, наградата е голема чест и задоволство, исто така и голема радост за нејзиното семејство.

- Наградата ми ја дава таа самопотврда дека можам да постигнам поголеми резултати и успеси на моето професионално поле - вели Ања.

Како одличен ученик и во основно и во средно училиште, уште во текот на школувањето секогаш била заинтересирана за цртање, вајање и сликање. Ликовната уметност била нешто што ја исполнува и оттука посакала да продолжи да го доразвие тој интерес и да ги унапреди своите вештини. Така откако завршува гимназија, се запишува на Факултетот за ликовни уметности, на студиската програма ликовна педагогија, а потоа во трета година го зема и модулот графика.



Главниот фокус ѝ била графиката

- Најголем предизвик ми беше да бидам задоволна од тоа што го создавам, делата да ми бидат според нивото што го замислував, бев строга кон себе и секогаш перфекционист. Мојата лична желба да се докажам е нешто што ме стимулираше да постигнам успех, но и поддршката од моето семејство, пријатели, исто така и менторот, и преостанатиот кадар на ФЛУ кои веруваа дека можам да постигнам поголем успех.

Најсилно ја мотивирала строгоста што си ја поставувала кон себе.

- Мојата строгост кон себеси, но и мислата дека по секоја напорна работа и труд тие дела ќе ги изложам на годишната изложба, во галерија, на конкурс итн. Мислата дека на тие дела ќе се воодушевуваат луѓе, дека ќе ги анализираат, купуваат, ме мотивираше да се трудам повеќе, дека преку труд и дисциплина се бележи напредок - ни споделува Ања.

Главниот фокус ѝ била графиката, но имала интерес и за создавање мозаици.

-Тежината на проектот, задачата, делото зависеше и од барањата на професорот и од мојата ангажираност. Но, за да го задржам успехот, имам жртвувано време за дружење и време за одмор. Главниот фокус ми беше графиката, специфично од трета година кога се одредив за модулот, но имав личен интерес и за создавање мозаици, особено по втора година. Од поголемите проекти во кои учествував беше проектот: „Креативна азбука“ (ИКСССА), каде што го дизајнирав каталогот, го создадов логото и пет графики - изјавува Ања.



Голема желба ми е да ја почнам и мојата педагошка работа


Нејзините амбиции се да создава уште дела, односно графики, слики, мозаици, цртежи и друго, и да ги изложува во галерии.
- Голема желба ми е да ја почнам и мојата педагошка работа, да учествувам во развојот на ликовните способности и интереси кај другите. Мислам дека мојата професија е на вистинскиот пат и преку ликовната ангажираност и дејност на сите уметници се создава постојан напредок и промени во полето на ликовната уметност во Македонија. Јас гледам просперитет во Македонија и моментално магистрирам на Факултетот за ликовни уметности, на студиска програма графика - дополнува таа.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема