X
 12.10.2021 Здравје

Сѐ што знаеме за новиот лек против ковид-19 на „Мерк енд ко“

Фармацевтската компанија „Мерк енд ко“ поднесе барање до американската Администрација за храна и лекови за итно одобрување на лекот за третирање слаби и умерени случаи на ковид-19. Овој лек може да го намали бројот на хоспитализирани лица и смртни случаи како последица на болеста.

Каков е овој лек?

Лекот е наречен молнупиравир и функционира така што го спречува вирусот да прави копии од себеси со создавање грешки во РНК на лицето. Ова го спречува ширењето на вирусот во телото, што се случува кога едно лице е заразено со ковид-19.

Лекот е во облик на капсула и е првиот орален лек за болеста. Бил создаден од компанија на Универзитетот „Имори“ во Атланта, која има лиценца од „Риџбек бајотерапјутикс ЛП“, која соработува со „Мерк енд ко“.

Биле спроведени тестирања на животни во 2020 г. кои покажале дека лекот може целосно да го стопира пренесувањето на вирусот и да спречи или намали оштетување на белите дробови.


Фото: Pixabay

Било спроведено тестирање и на луѓе заразени со болеста кои имале слаби до умерени симптоми, но имале ризик за добивање потешки симптоми поради прекумерна телесна тежина, дијабетес или срцева болест. Лекот го намалил ризикот за хоспитализација за 50 отсто.

Од 762 пациенти, 7,3 отсто што го пиеле лекот биле хоспитализирани, во споредба со 14,1 отсто од оние што пиеле плацебо. Во втората група осуммина починале, додека во првата не починал ниту еден пациент. Ниту еден од пациентите не бил вакциниран.

Зошто лекот е толку ефикасен?

Лекот се смета за револуционерен бидејќи е првиот орален лек кој може да го примаат лица што се позитивни на ковид-19 во сопствениот дом. Сите други третмани што се користат против болеста се даваат во болница. Опцијата за самостојно лекување во домот ќе го намали притисокот врз здравствените системи во земјите.

Дали лекот е безбеден?

Според податоци од компанијата од тестирањето на лекот, имало приближно ист број случаи со придружни ефекти во групата што го примала лекот и онаа што пиела плацебо. Помалку лица во групата што го пиела лекот ја прекинале терапијата поради несакан ефект отколку во групата со плацебо.


Фото: Pixabay

Кој е следен чекор?

Компанијата „Мерк енд ко“ веќе почнала да го произведуваат лекот очекувајќи негово официјално одобрување. Компанијата очекува да произведе 10 милиони дози за третман до крајот на годината, а уште повеќе наредната година. Досега ѝ биле продадени 1,7 милион дози на американската Влада, а од компанијата изјавиле дека пилулите ќе бидат достапни и за другите земји низ светот.

Повеќе компании, меѓу кои и „Фајзер“, работат на слични лекови и очекуваат наскоро да претстават резултати. „Астра зенека“ чека одобрување на лек за создавање антитела кој треба да биде наменет за лица што не може да се вакцинираат.

Извор: Independent
Подготвил: Драгана Петрушевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје