X
 12.03.2020 Здравје

Вистини и митови за ширењето и пренесувањето на новиот коронавирус од СЗО

На веб-страницата на Светската здравствена организација можете да ги најдете сите важни информации поврзани со новиот коронавирус.

Во категоријата совети за јавноста, СЗО детално ги разработува митовите и вистините поврзани со коронавиурсот и дава одговор на важни прашања поврзани со ширењето на новиот коронавирус. Важно е да знаете што е вистина, а што е лага, особено сега, кога светот е во паника.

Ковид-19 може да се пренесе во области со топла и влажна клима


Од досегашните докази, Ковид-19 може да се пренесе во СИТЕ ОБЛАСТИ, вклучувајќи ги и областите со топло и влажно време. Без оглед на климата, важно е да ги примените заштитните мерки ако живеете или патувате во област со луѓе заразени од новиот коронавирус. Најдобра заштита од Ковид-19 е честото миење на рацете. Со тоа ги елиминирате вирусите што може да се на вашите раце и избегнувате инфекција што се појавува кога ќе ги допрете очите, устата и носот.

Студеното време и снегот НЕ МОЖЕ да го убијат коронавирусот

Не постои причина да веруваме дека студеното време може да го убие новиот коронавирус или други болести. Нормалната температура на човечкото тело останува околу 36,5 до 37 степени, без оглед на надворешната температура или временските услови. Најефективниот начин да се заштитите од новиот коронавирус е честото миење на рацете со сапун и вода, како и користење средства за дезинфекција на рацете што содржат алкохол.

Топлата бања не го спречува коронавирусот

Топлата бања нема да спречи да се заразите со Ковид-19. Вашата нормална телесна температура останува околу 36,5 до 37 степени, без оглед на температурата на водата во бањата. Всушност, капењето со многу жешка вода може да биде штетно бидејќи може да се изгорите. Најдобар начин да се заштитите од Ковид-19 е честото миење на рацете. На тој начин ги елиминирате вирусите што може да се на вашите раце и да избегнете инфекција што се јавува кога со рацете ги допирате очите, устата и носот.

Новиот коронавирус не може да се пренесе преку стока произведена во Кина или која
било земја што пријавила случаи на Ковид-19

И покрај тоа што новиот коронавирус може да остане на површините неколку часа и до неколку дена (во зависност од видот на површината), вирусот не може да опстојува на површината откако ќе биде преместен, откако ќе патува и ќе биде изложен на различни услови и температури. Ако мислите дека површината може да биде заразена, користете средство за дезинфекција за да ја исчистите. Откако ќе ја допрете, исчистете ги рацете со средство за дезинфекција.

Новиот коронавирус НЕ МОЖЕ да се пренесе преку убод од комарци


До денес нема информации, ниту докази што укажуваат дека новиот коронавирус може да се пренесе од комарци. Новиот коронавирус е респираторен вирус што првенствено се шири преку капки од заразеното лице по кашлање и кивање или преку плунка или дување на носот. За да се заштитите себеси, чистете ги рацете често со средство за дезинфекција на база на алкохол или измијте ги со сапун и вода. Исто така, избегнувајте близок контакт со секој што кашла и кива.

Дали машините за сушење на рацете се ефикасни во убивањето на новиот вирус?


Не. Овие машини не се ефикасни во убивањето на коронавирусот. За да се заштитите од новиот коронавирус, треба често да ги чистите рацете со средство за дезинфекција на база на алкохол или да ги миете со сапун и вода. Откако вашите раце ќе бидат чисти, треба да ги избришете со хартија.

1
Фото: Pixabay

Дали УВ-ламбите за дезинфекција можат да го убијат новиот коронавирус?


УВ-ламбите не треба да се користат за стерилизирање на рацете или други области на кожата бидејќи УВ-зрачењето може да предизвика иритација на кожата.

Колку се ефикасни термичките скенери за откривање дали луѓето се заразени со новиот коронавирус?


Термичките скенери се ефикасни ако луѓето имаат температура поради инфекцијата со новиот коронавирус. Но, тие не можат да детектираат луѓе што се заразени, а не покажале симптоми. Тоа е така затоа што се потребни помеѓу 2 и 10 дена пред заразените луѓе да се разболат и да имаат температура.

Дали прскањето на алкохол по целото тело може да го убие новиот коронавирус?


Не. Прскањето алкохол или хлор по телото нема да ги убие вирусите што веќе влегле во вашето тело. Прскањето на таквите супстанции може да биде штетно за облеката или мукозните мембрани (устата, очите). Имајте предвид дека алкохолот и хлорот можат да бидат корисни за дезинфекција на површините, но треба да се користат според соодветни препораки.

Дали миленичињата можат да го рашират новиот коронавирус?

Во моментов не постојат докази дека домашните миленичиња, како кучињата или мачките, можат да се заразат со новиот коронавирус. Сепак, добра идеја е да ги измиете рацете со сапун и вода откако сте имале контакт со милениче. Ова ве штити од вообичаени бактерии, како ешерихија коли или салмонела, кои можат да се пренесат помеѓу миленичињата и луѓето.

Дали вакцините против пневмонија можат да ве заштитат од новиот коронавирус?


Не. Вакцините против пневмонија не даваат заштита од новиот коронавирус. Вирусот е толку нов и различен, што е потребна вакцина само за него.

Иако овие вакцини не се ефикасни против Ковид-19, вакцинацијата против респираторните заболувања се препорачува за заштита на вашето здравје.

Дали редовното чистење на носот со солена вода може да спречи заразување со новиот коронавирус?


Не. Не постојат докази дека ова би можело да ги заштити луѓето од инфекција со новиот коронавирус.

Постојат ограничени докази дека редовното чистење на носот со солена вода може да им помогне на луѓето побрзо да закрепнат од обичната настинка. Сепак, редовното чистење на носот не покажало дека спречува респираторни инфекции.

Дали јадењето лук може да помогне во спречување инфекција со новиот коронавирус?


Лукот е здрава храна што може да има антимикробни својства. Сепак, не постојат докази дека јадењето лук ќе ги заштити луѓето од новиот коронавирус.

Дали од новиот коронавирус може да заболат само постарите луѓе или и младите се подложни?


Луѓето од сите возрасти можат да се заразат со новиот вирус. Постарите лица и лицата со претходни медицински состојби (астма, дијабетес, срцеви заболувања) се чини дека се поподложни на посериозно заболување од вирусот.

СЗО ги советува луѓето од сите возрасти да преземат чекори за да се заштитат од вирусот со соодветна хигиена на рацете.

Дали антибиотиците се ефикасни во спречувањето и лекувањето на новиот коронавирус?

Не, антибиотиците не функционираат против вируси, туку само против бактерии. Новиот коронавирус е вирус и според тоа, антибиотиците не треба да се користат како средство за третман.

Но, ако сте хоспитализирани за Ковид-19, може да добиете антибиотици затоа што е можна бактериска коинфекција.

Дали постојат специфични лекови за да се спречи или третира новиот коронавирус?

До денес не постои специфичен лек за спречување или лекување на новиот коронавирус.

Сепак, оние што се заразени со вирусот треба да добијат соодветна грижа за олеснување и лекување на симптоми, а оние со тешка болест треба да добијат оптимизирана грижа. Некои специфични третмани се истражуваат и ќе бидат тестирани преку клинички испитувања.

Извор: Who.int
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје