X
 13.02.2024 Живот

Бесплатна замена на возачките и сообраќајните дозволи, нема да се плаќа за патните листови, одлучи Владата

Замената на возачките и сообраќајните дозволи поради промената на уставното име од утре ќе се врши бесплатно, а без надомест ќе бидат издавани и патните листови на нашите државјани кои се надвор од државава, а треба да се вратат поради промена на личните документи. Во државите каде што нема дипломатско конзуларни претставништва издавањето на патните листови ќе биде онлајн и со достава преку пошта. Најавена е и награда со исплата на една плата за вработените во управните служби за ангажманот при издавањето документи.

Одлуките што ги донела денеска Владата ги соопштија на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.

-Од денеска го задолживме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите правни акти за возачките и сообраќајни дозволи за сите граѓани на РСМ што треба предвремено да се сменат да бидат без надомест. Министерството за надворешни работи, пак, треба да преземе активности издавањето на патните листови за сите граѓани што живеат надвор од територијата на Северна Македонија кои имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи, надоместот за патните листови да биде нула или ќе биде без надомест за нив. Дополнително, МНР се задолжи да преземе активности соодветно издавањето на патните листови во државите каде што нема ДКП-а да биде направено онлајн и да бидат испратени по пошта за нашите граѓани што живеат надвор од територијата да немаат дополнителни трошоци за да го добијат патниот лист - рече Битиќи.

Бојмацалиев истакна дека од утре на товар на МВР ќе се врши промена на возачките и сообраќајните дозволи со старото уставно име.

- Службите во МВР веќе ги изготвуваат сите интерни акти што ќе бидат потпишани од мене и од министерот за внатрешни работи - рече Бојмацалиев.
Тој најави дека вработените во управните служби ангажирани во промената на документите утре ќе добијат по една плата во висина на последната исплата. Тој акт, како што рече, е потпишан и од него и од министерот Тошковски.

Одлуките на Владата се донесени по решенијата што ги донела Работната група која пред две недели доби задача да најде решение за сообраќајните и возачките дозволи, патните листови и сѐ што е поврзано околу менувањето или предвременото менување на документи заради законските одредби по уставните измени и промената на името на државата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот