X
 13.03.2021 Живот

Анализа ги открива психолошките причини зошто луѓето споделуваат на социјалните мрежи

Секојдневно дознаваме вести и учиме нови работи на интернет, но дали некогаш сте се запрашале дали другите сакаат да читаат и да споделуваат исти работи како вас?

Џејмс Куриер стои зад веб-страницата „Тикл“ која била посветена на анализирање податоци од 150 милиони корисници за да заклучи што ги мотивира луѓето да споделуваат објави на социјалните мрежи. Анализата спроведена преку „Тикл“ покажала дека има 8 главни психолошки причини што ги поттикнуваат луѓето да споделуваат објави.

Меѓу другото, луѓето сакаат да објавуваат работи со кои го покажуваат статусот во општеството. Со други зборови, објавите што покажуваат ексклузивност и престиж се споделуваат почесто.


Фото: Pixabay

Друга причина за споделување е идентитетот. Ова најчесто се случува кога корисникот чувствува дека неговата група не е разбрана или не е доволно претставена.

Објавите што нудат корист за читателот, односно се од некаква помош, се едни од најпопуларните. Луѓето се поттикнати да споделуваат објави кои се корисни бидејќи сакаат да изгледаат корисно пред другите, според Куриер.

Од друга страна, луѓето сакаат да читаат и да споделуваат приказни и настани кои вклучуваат опасност, а ги читаат и објавите за одбегнување на опасностите.

Постојат и луѓе што споделуваат објави со кои се ветува подобрување на светот, како текстови за подобрување на комуникацијата, работата, продуктивноста и слично.


Фото: Pixabay

Понатаму, анализата покажала дека се популарни објавите што вклучуваат нешто ново. Како што вели Куриер, луѓето ги привлекуваат работи што се доволно нови за да не бидат застарени, но не се премногу нови за да бидат чудни.

Луѓето објавуваат и за да добијат одобрување бидејќи сите сакаат да се чувствуваат паметни, успешни и среќни. Затоа, тие објавуваат објави кои им ги даваат овие чувства, па стануваат популарни тестовите за карактер што се нудат на „Фејсбук“.

Конечно, корисниците на интернет сакаат да се пофалат со своите достигнувања, па објавуваат фотографии од искуства за другите да ги видат.

Автор: Џесика Стилман
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот