X
 13.06.2023 Живот

Ново Место - пример за децентрализираност и стожер за извонредност и квалитет во образованието

Кога одиме во некоја друга држава, најчесто го посетуваме главниот град на таа земја. Кога говориме за конкретна држава, вообичаено, ја осознаваме и опишуваме преку перцепцијата за главниот град. Кога помислуваме на одредена држава, мислиме на главниот град. И сите наши размислувања за одреден народ, најчесто, ги креираме преку нашето стекнато искуство во главниот град. Пример, Подгорица во Црна Гора, Загреб во Хрватска, Белград во Србија, Софија во Бугарија, Тирана во Албанија, Љубљана во Словенија.

Затоа што во овие главни градови е сконцентрирано речиси сè. Државна администрација, бизнис-центри, архитектонски зданија, културни збиднувања. Ретко која држава во Југоисточна Европа, како што тоа го направи Словенија, успешно го диверзифицира животот и сите случувања на целата територија. Точно е дека голем дел од збиднувањата се случуваат во Љубљана, каде што се слеваат реки од туристи – посетители на Словенија. Државата вложува и развива и многу други туристички центри кои се привлечни за странските и домашните посетители. Но, исто така е точно дека во Словенија до секој дом има инфраструктура (пат, струја, вода) без разлика каде е позициониран. За разлика од Македонија, на пример, жителите на Словенија повеќе живеат во други градови отколку во Љубљана.

За да направиме мала компарација, одлучивме да ви го претставиме Ново Место. Во Словенија познато како индустриски и бизнис-центар. Да, токму тоа е епитетот на ова, навидум мало, но прекрасно место. Град со развиена индустрија (тука се позиционирани познатите Крка, Адриа, Рено фабрика), град во кој се развива меѓународен бизнис, град во кој, според некои, се живее подобро и од Љубљана. Ова е град во кој е родена и Меланија Трамп, некогашната прва дама на Соединетите Американски Држави (2017-2021). Град во кој се произведува познатиот словенечки Цвичек. Град кој историски се нарекувал Рудолфово по познатиот австриски војвода Рудолф IV.

Жителите на Ново Место немаат потреба секојдневно да одат во главниот град за да завршат одредени административни работи. Тоа го прават и во својот град. Во Ново Место живеат околу 25.000 жители. Но, освен административен и бизнис-центар, во последните две децении Ново Место се развива во град со развиена образовна и истражувачка инфраструктура. Во овој град е стациониран истражувачкиот центар Рудолфово, научно-технолошки јавен центар (https://www.rudolfovo.eu/o-nas). Овој центар, оформен пред само една година, има цел да го поддржи технолошкиот развој и иновациите во југоисточниот дел на Словенија - познат како Долењска. Овој институт, всушност, е еден доказ како се размислува и како се практикува децентрализирано, односно визионерски како се создава база за уште поголем развој на овој регион и на градот Ново Место. Институтот Рудолфово придонесува да се надградат системите на соработка меѓу економските и образовните активности и за развој на општата социо-економска состојба во регионот. Преку овој институт се промовира иновацискиот потенцијал и се тестираат нови алатки и методи за одржлив развој на регионот.



Но, за да имате успешен научно-технолошки развој, потребно е да создавате и стручен кадар. Токму во Ново Место е позициониран и познатиот Факултет за информатички студии, столб на јавното високо образование во регионот на Југоисточна Словенија. Ова е првиот факултет во Ново Место и прв факултет надвор од рамките на кој било друг словенечки универзитет. Таму се изучуваат информатичките студии, но вклопени во современото општество и во разни општествени дејности. Како што велат од овој факултет, на ФИШ се насочени кон извонредност, со конкретна мисија во образованието и трансферот на знаења. Вработените, истражувачите, студентите – сите се насочени кон општество базирано на знаење и вклучување на принципите на квалитет и извонредност во секојдневниот начин на работење. Затоа на сите нивоа на образование (дипломски, магистерски и докторски студии) постојат образовни програми кои се насочени кон општеството (https://www.fis.unm.si/).

Токму ова е една од клучните предности на Словенија во однос на многу други држави од регионот. Не само вработените од Рудолфово или ФИШ, туку сите граѓани на државата се насочени кон квалитет и извонредност. Овие две истражувачко-образовни институции се само стожер кој придонесува за постигнување на овие две клучни визионерски цели за развој на регионот. Ова е пример од кој треба да учиме во Македонија, каде што говориме за децентрализираност и за регионален развој, но барем досега не успеавме целосно да ги осамостоиме регионите од зависност од главниот град. И затоа ни се случува речиси 30% од целокупното население да живее во Скопје. Не треба да одиме многу далеку, доволно е да погледнеме кон нам блиската Словенија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот