X
 13.10.2023 Живот

Бевме давеници и чекавме сламка за спас, вели Ѓурѓа Рушкова, Македонка евакуирана од Израел

Велешанката Ѓурѓа Рушкова и нејзиниот син во средата беа евакуирани од Израел со лет до Атина. Тие беа дел од групата со 50 верници од различни држави кои беа на аџилак во светата земја. Таа за МИА со наплив на емоции ја раскажува голготата низ која поминале со нејзиниот син за да се вратат дома, откако се случи конфликтот на Блискиот Исток.

Рушкова раскажува дека на почетокот не верувале дека се случува вистинска војна и дека ништо не навестувало дека ќе се случи такво нешто.

- Кога првпат пукна, ние бевме во хотел во Витлеем, во палестинскиот дел. Појадувавме, сите бевме во ресторанот и наеднаш се слушнаа бомби. Ние бевме група од 50 верници на аџилак, кои требаше да бидеме 11 дена во Израел, да ги посетиме светите места. И кога слушнавме две гранати, бомби, ги прашавме келнерите, а тие ни рекоа дека сѐ е во ред и да не се грижиме, меѓутоа, нешто навистина се случуваше - вели таа.

Потоа се информирале на рецепција што се случува и им кажале дека има некаков напад.

- По појадокот требаше да одиме во Ерусалим, но возачот кој секој ден нѐ земаше со автобус, кој доаѓаше од Ерусалим, ни јави дека не може да влезе затоа што границата е затворена. Ерусалим и Палестина имаат граница каде што има вооружена војска. За да влезеш во палестинскиот дел, се поминува граница и во автобусот проверуваат легитимации - раскажува таа.

Вели дека кога се случило бомбардирањето, останале два дена во Витлеем, биле информирани дека има војна, но биле советувани да не се плашат и оти за кратко ќе можат да го продолжат патувањето.

-Ни беше кажано да ги контактираме нашите матични земји. Сите го направивме тоа и бевме советувани да го напуштиме Витлеем, всушност, да го напуштиме хотелот каде што бевме сместени во палестинскиот дел - вели таа.

Додава дека откако почнало бомбардирањето, бензинските пумпи се затвориле, а сопствениците на хотелот им кажале да очекуваат дека во секој момент може да снемаат и вода и струја.

Раскажува дека по два дена успеале да го напуштат Витлеем со помош на нивниот возач на автобусот, кој издејствувал да ја отворат границата и тие да излезат од палестинскиот дел, по што биле сместени во друг хотел во стариот дел на Ерусалим, од каде што очекувале дека ќе го продолжат нивното патување.

- Меѓутоа, таму стана уште посериозно, само што влеговме во новиот хотел, се качивме горе на покривот каде што имаше ресторан, но наеднаш сирените почнаа да свират за да се евакуираме затоа што се очекува напад. Откако дојдовме во Ерусалим, тоа беше секојдневие. Ќе слушнеш сирени и мораш веднаш да одиш во лобито, тоа беше голем хотел од седум ката, преполн со луѓе и сите се стискавме во една просторија - раскажува Рушкова.

Оттаму почнала драмата - постојано слушале авиони над хотелот.

-Бевме советувани да седиме во хотелот, да не излегуваме надвор. Таму седевме два дена. Војската и полицијата, излегоа на улиците, од балконот од хотелот гледавме што се случува - раскажува Рушкова.

Додава дека биле во контакт со израелската полиција бидејќи не знаеле што се случува.

- Ја контактиравме израелската полиција, јас лично прашав дали е безбедно да одиме во Јордан. Таа ни беше најблиска локација каде што можевме да излеземе, само да ја преминеме границата. Тие ни кажаа дека претходното утро британски туристи биле нападнати пред преминот на Јордан и нѐ советуваа да не преминуваме преку Јордан - вели таа.

Во меѓувреме контактирале со македонската амбасада во Тел Авив, кажале дека се македонски државјани, во кој хотел се сместени и ги замолиле доколку има опција, да ги евакуираат.

-Тие ни кажаа дека соработуваат со нашите македонски органи и ќе нè контактираат ако има некои информации. Тоа беше таква агонија, нонстоп притисок нонстоп бегање долу, криење во лобито, постојано слушавме пукање. Бевме од повеќе националности - од Хрватска, Србија, Канада, Белгија, Исланд, од секаде нè имаше - додава таа.

Бидејќи повеќе не можеле да ја издржат неизвесноста во која се наоѓале, на сопствена одговорност решиле заедно со уште пет жени да го напуштат хотелот и со такси се упатиле кон аеродромот во Тел Авив.

-Јас купив две авионски карти, за две различни дестинации да можеме само да излеземе од Ерусалим. Имавме купено карти да одиме до Јордан, да летаме од Јордан, меѓутоа, и тоа пропадна. Ги информирав во македонската амбасада и кажав дека јас и мојот син ќе бидеме на аеродромот во Тел Авив и да нѐ контактираат - вели таа.



Таа изразува огромна благодарност за македонската амбасада во Тел Авив.

-Кога влеговме на аеродром, додека чекав во ред, добив телефонски повик од македонската амбасада во Тел Авив и ме информираа дека има лет за Атина и дали сакам да го прифатам тој лет, и тогаш ми олесна - вели Рушкова.

Во текот денов, околу 13 часот по израелско време, се очекува да биде организиран бесплатен авионски превоз за граѓаните што побарале помош и евакуација од Израел. Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиотранспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер-лет е надминат преку соработка со „Ер Србија“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош, соопшти вчера Владата посочувајќи дека трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот