На „Нетфликс“ е достапна новата серија која ја раскажува приказната за животот и кариерата на легендарниот бразилски возач Ајртон Сена.
Колку е добра, прецизна и достоинствена, веројатно најдобро ќе оценат оние што ја имале можноста да го гледаат Бразилецот на трките и да ги следат настаните од неговото време, како и оние што му биле блиски.
Станува збор за проект предводен од неговото семејство и португалското студио „Гулане“, кој ја раскажува приказната за неговиот живот и кариера, неговите подеми и падови, вклучувајќи ги и неговите почетоци во картингот, натпреварувањето во Формула 3, ривалството во Формула 1 со тимскиот колега Ален Прост и кобната трка за Големата награда на Сан Марино на патеката Имола, каде што трагично загина. Во оваа серија бразилскиот актер Габриел Леоне го глуми Сена и го следи патот на славниот возач до остварување на неговиот сон, а тоа е титулата светски шампион во Формула 1.
Серијата покрива дел од неговата кариера како и неговиот краткотраен брак со Лилијан де Васконселос Соуза, а како главна причина за разводот ја наведува тоа што биле раздвоени.
Кобниот викенд
Трагедијата во која загинал Села се случила во 1994 година на патеката Имола во Италија, каде што се одржала трката за Големата награда на Сан Марино.
Во серијата се истакнати лошите услови на патеката, а се прикажуваат и моментите на несреќата. Прикажано е и дека неговиот сонародник Рунбеес Баричело, неколку дена пред трката, управувајќи го болидот, удрил во тротоарот на свиокот Варијанте Баса, при што се здобил со скршеница на носот и полесни повреди, но преживеал.
Потоа, во квалификациите, Роланд Раценбергер возејќи го најбрзиот дел од патеката, при преминувањето на тротоарот го изгубил предното крило на болидот, со што сопирачките станале бескорисни, па болидот удрил во бетонски ѕид при што Роланд починал.
По смртта на Роланд, Сена бил длабоко потресен и сакал да ги прекине квалификациите. Но, и покрај трагедијата, раководството на Формула 1 одлучило трката да се одржи на 1 мај. За време на трката, по седум круга, се случила трагедија. Сена излетал од патеката и удрил во бетонски ѕид, при што починал. Во неговиот болид било пронајдено австриско знаме, кое Сена го зел со себе за да му оддаде почит на Рацнебергер.
На некои ќе им се допадне серијата, а на некои можеби не затоа што го гледаа Сена како нешто поинакво, но дефинитивно е интересна, возбудлива и доста емотивна. Едно е сигурно, последната епизода повторно ќе ги скрши срцата на љубителите на легендарниот Сена, според многумина - најголемиот и непрежален шампион на Формула 1.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube