Да живееш во Велес покрај Вардар, а да не си влегол во кајак е исто како воопшто да не си растел во градот на гемиџиите. Тоа најдобро го знае јуниорскиот шампион и репрезентативец Ангел Петрушев, кој влезе во студените води на Вардар кога имаше само седум години.
- Имам полни 18 години, а првите почетоци со кајакарството ги направив пред 11 години. Во семејството никој не се занимавал професионално со кајак на диви води, но јас живеам покрај реката Вардар и тоа нормално пробуди желба кај мене да влезам во студената вода. Се сеќавам дека имав седум години, ме пуштија со сигурносен појас за да не се случи несреќа. Имаш страв и трема, малечок си, но тренерот влегува покрај тебе во вода и те насочува и те поддржува. Од првиот ден во вода, па сѐ до денес тренер ми е Димче Стефановски од кајакарскиот клуб „Вардар“.
Благодарение на желбата и тренинзите со него, за кратко време успеав да направам историски резултати во јуниорска конкуренција за Македонија, истакна Петрушев.
Една деценија подоцна македонскиот репрезентативец го освои четвртото место на Европското првенство во кајак слалом на диви води во Чешка, а во големото финале медалот му избега за 90 стотинки. Изминатиов викенд тој беше најдобар на полуфиналната трка и имаше одлично возење без казнени поени во финалето, но една судиска одлука го спречи да го донесе првиот медал за македонскиот кајак на европските и светските првенства.
- Мојот настап во полуфинале беше одличен и бев прв. Во финалето имав минимална грешка, а светските судии не му досудија правилно на францускиот кајакар. И тоа ме одвои од најмалку бронзен медал. Јас извозев без казнени поени и заостанував 90 стотинки. Сепак, ние сме помала репрезентација, француската лига е број еден во светот и Французите имаат голем авторитет во овој спорт – коментира велешкиот кајакар.
Ангелче Петрушев не е разочаран што не освои медал затоа што претстојат нови трки, нови предизвици и можности за успеси на сениорско ниво.
- Возбуден си кога освојуваш медал, стекнуваш самодоверба дека можеш да напредуваш, даваш сѐ од себе, имаш многу мотиви пред себе. Од 2019 година досега имам остварено седум полуфиналиња и две финалиња, меѓу кои и ова финале на кое го зазедов четвртото место во Будејовице. Пред секој натпревар е потребен фокус на самата патека и мора да се има цел која ја надминуваш. Спортот никогаш нема крај, секогаш поставуваш повисока цел, никогаш не си задоволен од резултатот - вели Петрушев за мотивите што го влечат напред.
За еден обичен натпревар во Македонија во јуниорска конкуренција, потребни се подготовки од околу две години, а за резултати, многу повеќе и откажување од работите што се важни за еден тинејџер, вели Петрушев.
- Додека се подготвуваш, се откажуваш од многу работи, кајакот бара многу тренинзи. Училиштето не смееш да го запоставиш, но имаш поддршка оттаму за да остваруваш резултати и наставниците и професорите секогаш ти излегуваат во пресрет затоа што на сите им значат спортските успеси на нивните ученици - вели Петрушев.
Условите за тренирање се подобрени, но Македонија, иако има таленти во кајак на диви води, сѐ уште заостанува во однос на другите земји затоа што нема патека каде што можат кајакарите постојано да ја усовршуваат техниката и да се подготвуваат на највисоко ниво што, според нашиот репрезентативец, би донело и стандардно учество и борба за медали на европските и на светските првенства, како и на Олимписките игри.
- Немаме патека каде што може да одржуваме тренинзи на бранови на вода, што се вели да ја учиме водата. На Матка сме само по еден месец во годината, каде што ни се одвиваат изборните натпревари за влез во репрезентацијата. Тука, на Вардар, во Велес водата е повеќе за физички подготовки за база и снага, но не можеш да го научиш она техничко искуство што се добива на дивите води.
Ако ја има таа патека, ќе се издвојуваат еден до двајца кајакари затоа што ќе ги имаат предиспозициите да научат исто како и другите што имаат можности да стасаат дотаму со искуството на дива вода. Би се одвоил барем по еден натпреварувач што ќе влегува во финалето – коментира Петрушев.
Кајакот е скап спорт. Еден нов кајак е 2.500 евра, а едно весло е 400 евра. Тешко е да се тренира кајак без помош од државата. Легендарните Атанас Николовски и Лазе Поповски, кои ја почувствуваа Олимпијадата, еднаш споменаа дека државата треба повеќе да издвојува за врвните спортисти.
- Има некоја мала помош, но тоа не доволно. Треба повеќе да се издвојува за спортот. Има граница што треба да ја достигнеш за спортска пензија, но има и спортски стипендии кои ги доделува АМС. На тие изборни натпревари се бориме за околу 500 стипендии кои АМС ги доделува секоја година. Кога станува збор за искусен спортист како мене, државата или агенцијата мора да обезбедат работно место или паричен надоместок за спортистот за да може тој да се фокусира само на резултатите - смета Петрушев.
Тој е репрезентативец на Македонија од 2015 година и не крие дека борбата со водата во боите на државното знаме е најубавото чувство кај спортистот. Затоа и секој спортист како него сонува да го развиори знамето на најголемиот спортски настан во светот – Олимписките игри.
- На првото СП во Краков обезбедив полуфинале. Тогаш добив самодоверба дека можам да направам повеќе, мотив дека можам да стигнам далеку. Можеби во Париз не се гледам, но се гледам на следните Игри. Олимпијадата е сон на секој спортист, нема спортист што не се гледа на Олимписки игри – истакна Петрушев, кој од следната година ќе настапува во сениорска конкуренција и паралелно со кајакот, по завршувањето на средното училиште, идната година ќе му се посвети на Факултетот за физичка култура, каде што планира да се надградува како професионален спортист.
Фото: приватна архива