X
 14.01.2022 Здравје

Зошто не треба намерно да се заразите со омикрон?

Идејата дека не е лошо намерно да се заразите со омикрон, најновиот сој на ковид-19, постои, но експертите велат дека е лудост да го направите тоа.

Доктор Пол Офит, директор на Центарот за едукација за вакцини во Детската болница во Филаделфија, вели дека идејата за намерно заразување со омикрон е сè попопуларна и доаѓа од секакви видови луѓе, вакцинирани и невакцинирани. Доктор Роберт Марфи, извршен директор на институтот за глобално здравје „Хејви“ на Северозападниот универзитет, вели дека намерното заразување со омикрон би било како да играте со динамит.

Не е само потешка настинка

Температура, болка во телото, потечени лимфни јазли, воспаление на грлото и собирање крв во делови од телото се некои од честите симптоми што се јавуваат дури и кај благите верзии на заболувања со омикрон. Ова ги остава луѓето со чувство на слабост и измаченост со денови.

- Луѓето зборуваат за омикрон како да е силна настинка. Тоа не е тешка настинка. Тоа е болест опасна за живот - вели доктор Марфи.

Ризикот за развивање тешки симптоми е поголем кај постарите лица и лицата со други заболувања, но дури и здравите млади луѓе може сериозно да се разболат, вели Марфи. Офит додава дека е вистина дека шансите за хоспитализација се помали доколку се заразите со омикрон, за разлика од делта, но тоа не значи дека не постои шанса да развиете тешка верзија на болеста.

Може да имате долгорочни симптоми

Губењето на мирисот и вкусот е чест симптом кај поблагите случаи. Според истражувањата, поголемиот дел од пациентите го враќаат сетилото за најмногу еден месец, но има такви што ги немаат овие сетила по 6 месеци или повеќе.


Фото: Pixabay

Ова е само еден од симптомите што може да траат долго по заразувањето со ковид-19, а се споменуваат и симптоми како проблеми со дишењето, умор, температура, вртоглавица, дијареја, „магла“ во мозокот“, чукање на срцето, болка во мускулите и стомакот, промени во расположението и тешкотии со спиењето.

Може да го пренесете вирусот

Заразувањето со коронавирусот значи дека сте ризични и за околината. Така, доколку намерно се заразите со омикрон, може да им го пренесете на своите најблиски или на трети лица, а со тоа се зголемува неговото ширење.

Се зголемува притисокот врз здравствениот систем

Со намерно заразување со вирусот ја влошувате пандемијата и го зголемувате притисокот врз здравствениот систем. Истовремено се зголемуваат шансите за заразување на медицинскиот персонал, а недостигот на здравствени работници само ќе ја влоши ситуацијата.

Недостигот на здравствени работници предизвикува и проблеми во здравствениот систем кога станува збор за другите пациенти, не само за оние што се заболени од ковид-19.

Не играјте си со природата

Дали некогаш била добра идеја намерното заразување со некоја болест? Не играјте си со мајката природа. Таа се обидува да нè убие откако сме излегле од океанот на копно, предупредува доктор Офит.

Извор: Eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје