X
 14.03.2023 Култура

Цртан филм кој на Југославија ѝ го донесе единствениот „Оскар“ во историјата

Без разлика на која генерација ѝ припаѓате, добро е да се потсетите или да дознаете дека во далечната 1962 година југословенски цртан филм доби „Оскар“.

Станува збор за цртаниот филм „Сурогат“ на Душан Вукотиќ, кој освои „Оскар“ во 1962 година и влезе во историјата како единствен југословенски добитник на оваа престижна награда.

„Индекс.хр“ во соработка со „Југопапир“ пренесува текст од таа година во кој пишува за големиот успех на Душан Вукотиќ.

„Април, 1962 година: Душан Вукотиќ, водечкиот мајстор на Загрепската школа за цртан филм, е еден од овогодишните добитници на „Оскар“, доделен од жири од 2.000 луѓе, дел од Американската филмска академија.

Секако, и во оваа пригода, цртаниот филм остана во сенка на филмовите и имињата на актерите и режисерите. Но, имајќи предвид дека „Оскарот“ во оваа категорија се доделува од 1932 година, а позлатената статуетка дури сега првпат патува надвор од Северна Америка, успехот на Душан Вукотиќ добива посебно значење.

Пред 30 години, Волт Дизни, по неговиот прв „Оскар“, започна со продукција на анимирани цртежи кои ги воодушевија децата и возрасните во кината. До Втората светска војна, па дури и подоцна, „Дизни“ беше неверојатен добитник на „Оскар“ бидејќи беше најдобар на ова поле.

Во последните 15 години „Оскар“ добија различни американски студија за цртани филмови. Волт Дизни беше заменет со Босустов („Кога Магу полета“, 1954 година), за кого „Колумбија“ обезбеди работна сила и услови.

И сега, одеднаш, позлатена фигура која не вреди повеќе од 100 долари, но значи многу во светот на филмската уметност, доби 34-годишен Европеец од Југославија.

Со Душан Вукотиќ првпат се сретнав на крајот од минатата година во Загреб. Штотуку пристигна веста дека неговиот „Сурогат“, по „Крави на Месечината“ и „Концерт за митралез“, му ја донесе третата по ред награда на големиот меѓународен фестивал во Сан Франциско.

Го пропуштивме ручекот додека разговаравме затоа што Вукотиќ со упорност на професор се обидуваше да ми ги открие тајните на цртаните филмови. Зборуваше и зборуваше, црташе и објаснуваше. Се израдува на предлогот да го направиме вистинското интервју подоцна за време на прикажувањето на неговите филмови. Вети дека сè ќе организира сам истата вечер.

При разделбата ветив дека со посебно задоволство ќе пишувам за нашата средба.

- Треба да ви се заблагодарам што покажавте интерес - ми рече Вукотиќ.

Неговата скромност и извонредниот впечаток што го остава кај луѓето ја зголемија радоста со која „Оскарот“ беше пречекан меѓу нашите филмофили. Впрочем, на неодамнешниот белградски фестивал „Сурогат“ беше оценет како комплетно уметничко дело.

Пишува: Џавид Хусиќ, 1962 година

Во цртаниот филм станува збор за приказна за триаголно човече кое живее во свет каде што сѐ е на надувување. Се прикажува како херојот го поминува времето на плажа, каде што едноставно ги надувува предметите (душеците, чамецот, автомобилот, па и девојката), но на крајот сѐ исто толку лесно исчезнува.

Преку весел, но и сатиричен тон филмот го повикува гледачот да ги преиспита потрошувачките навики на современото општество, кое често ја игнорира разликата помеѓу реалноста и виртуелниот сурогат за реалноста.

Цртаниот бил светлосни години далеку од тогашната суверена анимација на „Дизни“, што уште повеќе го надополнува успехот што го постигна.

Авторот на овој цртан филм, Душан Вукотиќ (1927–1998) е најнаградуваниот автор во поранешна Југославија. Бил член на Загрепската школа за цртани филмови, а работел како режисер, сценарист, аниматор, стрип-цртач и карикатурист.

 

Извор: b92.net
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура