Уште откако го глумеше капетанот Кирк во франшизата „Ѕвездени патеки“, името на Вилијам Шатнер е синоним за вселена. Така, не беше изненадување да се слушне дека 91-годишниот актер бил меѓу патниците во вселенскиот шатл „Блу ориџин“ на Џеф Безос во октомври 2021 година. Во тоа време Шатнер го опишал патувањето како најдлабокото искуство што можел да го замисли, а во неговата нова книга навлегува во повеќе детали за своето време во вселената. Она што тој има да го каже, ќе ве изненади.
Извадок од книгата „Boldly Go: Reflections on a Life of Awe and Wonder“ открива дека патувањето во вселената не му влијаело како што мислел. Со оглед на тоа што имаше 90 години кога ја посети вселената, тој е најстариот жив човек што патуваше во вселената.
Бил многу нервозен бидејќи знаел дека работите може да тргнат наопаку. Но, ги надминал своите стравови.
Како што вели, се сеќава на неговите први моменти на доживување на бестежинска состојба и како другите патници веднаш почнале да уживаат во нејзините ефекти. Но, за Шатнер нешто друго било поважно.
- Сакав и имав потреба да стигнам до прозорецот што е можно побрзо за да видам што има таму - пишува тој во книгата.
Љубовта на Шатнер кон универзумот е длабока и тој долго време бил фасциниран од неговите мистерии. Но, како што ја свртил главата да погледне во вселената, го обзела неочекувана сензација.
- Кога погледнав во спротивна насока, во вселената, немаше никаква мистерија, немаше величествена страхопочит да се види... сѐ што видов беше смрт - се сеќава тој.
- Видов ладна, темна, црна празнина. Беше различна од сите црнила што можете да ги видите или почувствувате на Земјата. Беше длабока и сеопфатна. Се свртив кон светлината на домот. Можев да ја видам заобленоста на Земјата, белата боја на облаците и синилото на небото. Тоа беше живот. Негување, одржување, живот. Мајката Земја. И јас ја напуштав - додава тој.
Фото: Freepik
Тогаш Шатнер сфатил дека она што претходно го замислил е погрешно. Тој мислел дека со одењето во вселената, ќе има подлабоко разбирање за врската помеѓу сите живи суштества. Наместо тоа, гледањето во црната бездна на вселената го исполнила со тага. Всушност, тој вели дека тоа е меѓу најсилните чувства на тага што некогаш ги почувствувал.
- Контрастот помеѓу злокобното студенило на вселената и топлината на Земјата ме исполни со огромна тага. Моето патување во вселената требаше да биде прослава; наместо тоа, се чувствував како да сум на погреб - вели тој.
Шатнер открива дека не е сам во таквите чувства. Она што го доживеал било нешто што се нарекува „ефект на преглед“. Искусено од астронаутите како Мајкл Колинс, Јуриј Гагарин и Леланд Мелвин, оваа когнитивина промена од истражувачите е опишана како состојба на страхопочит, предизвикани од особено впечатлив визуелен стимул.
Овој ефект е трансформативно искуство што може да предизвика поголема благодарност за Земјата како целина и се карактеризира со огромни емоции. Шатнер нашол длабока утеха гледајќи ја Земјата од вселената, што предизвикало длабока тага кога помислил на уништувањето со кое се соочува нашата планета од страна на луѓето.
- Искуството десеткратно го засили мојот сопствен став за моќта на нашата убава, мистериозна, колективна човечка испреплетеност и на крајот ми врати чувство на надеж во срцето - вели тој. Тој сфатил дека ние како луѓе сме безначајни, но со тоа што сме свесни за тоа, имаме шанса да ѝ се посветиме на планетата и да ја промениме нејзината иднина.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Wikipedia/Wikimedia Commons