X
 29.04.2023 Здравје

Зошто болестите сѐ почесто се пренесуваат од животните на човекот?

Од ковид-19 до мајмунските сипаници, птичји грип, па и ХИВ, многу болести се пренесени од животните на луѓето. Зооноза е болест или инфекција која се пренесува од животните на луѓето и обратно. Патогени агенси може да бидат бактерии, вируси или паразити.

Овие болести најчесто се пренесуваат при контакт помеѓу животното и човекот, преку храната или преку пренесувачи како што се инсектите или пајаците. Некои болести на крајот стануваат специфични за човекот, како ковид-19. Според Светската организација за здравје на животните, 60 отсто од заразните болести кај луѓето впрочем се зоонози.

За кои животни станува збор?

Лилјаците чуваат многу вируси кои може да се пренесат на луѓето. Некои од нив се познати долго време, како што е вирусот на беснило, но многу се појавиле во последните децении, како што се ебола, коронавирусот САРС, Сарс-КоВ-2 (кој предизвикува ковид-19) или вирусот нипа, кој се појавил во Азија во 1998 година.


Фото: Pixabay

Освен лилјаците, јазовците, смрдливците, куните и ласиците често се поврзуваат со вирусните зоонози. Други цицачи, како говедата, свињите, кучињата, лисиците, камилите и глодачите може да бидат домаќини на вируси. Покрај тоа, сите вируси што предизвикале големи пандемии на грип имале птичјо потекло, директно или индиректно. Конечно, инсектите може да бидат носители на многу вирусни болести што ги погодуваат луѓето.

Зошто се почести случаите на зооноза?

Зоонозите се појавиле пред илјадници години, но се почести во последните неколку децении. Меѓу другото, зголемениот број меѓународни патувања го овозможи брзото ширење на овие болести. Луѓето ги нарушуваат екосистемите и го забрзуваат ширењето на вируси со тоа што заземаат сè поголеми подрачја од планетата. Индустрискиот напредок го зголемува ризикот од ширење на патогени помеѓу видовите.

Освен тоа, трговијата со диви животни ја зголемува изложеноста на луѓето на микроби кои може да ги носат. Сечењето на шумите го зголемува ризикот од контакт помеѓу дивите животни, домашните животни и луѓето.

Треба ли да стравуваме од нова пандемија?

Климатските промени ќе принудат многу животни да ги напуштат своите екосистеми во потрага по места кои се поволни за живот, според истражување од 2022 година. Со поголемото мешање, животинските видови ќе ги пренесуваат своите вируси, што ќе доведе до појава на нови болести кои би можеле да се пренесат на луѓето.

Експертите предупредуваат дека без превентивна стратегија, пандемиите ќе бидат сè почести, побрзо ќе се шират, ќе убиваат повеќе луѓе и повеќе ќе влијаат врз глобалната економија. Се проценува дека постојат 1,7 милиони непознати вируси кај лилјаците и птиците, од кои над половина милион може да ги заразат и луѓето.

Извор: Kreni zdravo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје