Масовна социјализација, недолекување на веќе болните деца, нивно носење во градинки и училишта, ослабениот имунитет кај децата, непочитувањето на протоколите за имунизација и навремена имунизација. Огромен е бројот на причини поради кои ни се случува овој ураган од разболени деца во овој период, со што се намали бројот на деца во градинките и во училиштата, а се зголеми бројот на деца што ги посетуваат амбулантите и педијатриските одделенија, вели Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар
Почна сезоната на респираторни инфекции. Градинките се полупразни, а детските клиники и педијатриски ординации со полни раце работа. Децата најчесто заболуваат од инфекции на горните дишни патишта, грип, респираторен синцицијален вирус (РСВ), стрептококите и стафилококите, моракселата... И заболувањата се повторуваат, а кај некои деца и долго траат.
Според д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар во Здравствен дом Скопје, критичниот период се должи на масовното комуницирање без ниту една мерка за заштита во време на ковид-19.
- Критичниот период дојде до израз сега кога сѐ уште имаме ковид-19 и стравот е уште поголем кај родителите поради сите случувања што ни се веќе реалност.
Период во кој ние согледуваме дека сегашното масовно комуницирање без ниту една мерка на заштита особено кај најмладите предизвика рој од вируси и бактериски инфламаторни заболувања на горниот и на долниот респираторен тракт. Ако ги погледнеме анализите, брисот од грло, нос, пневмослајдот, ќе видиме дека станува збор за мноштво предизвикувачи кои се постојано присутни, но сега дојде до нивна буквална експанзија. Инфлуенцата, параинфлуенцата, соевите на грипот, РСВ – риносинцицијален вирус или респираторен вирус, ковид-19, стрептококи, стафилококи, мораксела катаралис и ред други вируси и бактерии кои се изолирани со сите гореспоменати лабораториски методи. Зголемувањето на бројката е поради поголем број фактори кои придонесуваат да дојде до вакво рапидно покачување на бројот на заболени деца - посочува Ангелчо Андоновски.
Огромен број причини поради кои ни се случува овој ураган од разболени деца во овој период
Според него, заболувањата се препишуваат на социјализацијата, како внатрешна така надворешна, како на децата така и на родителите.
- Вектор преносливот во затворени простории без оглед на вентилацијата која секако дека е многу контаминирана. Недолекување на веќе болните деца и воедно нивно носење во градинки и училишта. Доста ослабен имунитет кај децата, некои сакаа да го прикажат како заспан, но сепак ќе наведам дека имунитетот е ослабен токму поради немање природен поттик на севкупниот имунолошки механизам, па затоа дојде и до негово слабеење. Едноличната и нездрава храна. Непочитување на протоколите за имунизација и навремена имунизација. Всушност, огромен број причини поради кои ни се случува овој ураган од разболени деца во овој период, со што се намали бројот на деца во градинките и училиштата, а се зголеми бројот на деца што посетуваат амбуланти и педијатриски одделенија. Ќе дадеме едно објаснување кое секако ќе биде корисно за родителите и ќе имаат предвид кога да реагираат навремено, бидејќи секако дека има потреба од брза реакција за да не дојде до појава на несакани последици - објаснува педијатарот Андоновски.
Грипот е една од почестите болести
Инфлуенцата или грипот (инфлуенца А, Б, параинфлуенца) е акутна, многу заразна болест предизвикана од вируси на грип, при која доминираат симптоми на воспаление во форма на температура, интензивна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, анорексија, повраќање, додека респираторните симптоми како кивање, болки во грло, кашлица се појавуваат подоцна. Сите симптоми на болеста, според докторот, се резултат на инфламација.
- Токсинот на вирусот покажува склоност кон нервната система и кардиоваскуларниот систем, што ја објаснува постојаната главоболка и склоноста кон хипотензија и кардиоваскуларен колапс. Поради изразената оштетеноста на имунолошкиот систем, овозможена е суперинфекција со бактерии, така што инфекцијата со вирусот на инфлуенца може патогенетски да се подели во две фази; првиот, примарен вирусен, кој трае 3-5 дена, и вториот, секундарен, бактериски, кој понекогаш е истовремено.
По период на инкубација од 1 до 3 дена (најкраткиот е 8 часа), болеста почнува наеднаш со висока температура, до 40 степени, која се задржува 3-5 дена. Температурата е придружена со силна главоболка, особено во фронталниот дел, движењата на очните јаболка се болни, чувствува болка во мускулите и во зглобовите, има чувство на слабост и се чувствува „како претепан“. Апетитот се намалува и пациентот повраќа или има дијареја. Поради хипотензија, постои тенденција за колапс. Во спорадични случаи, тешко е да се посомневаме на инфекција на респираторниот тракт врз основа на овие симптоми. Само вториот или третиот ден се појавуваат симптоми на респираторниот систем во вид на кивање, затнат нос, конјунктивитис, болки во грлото, кашлица. Кашлицата првично е сува, понекогаш рапава, проследена со горечки болки зад градната коска поради трахеит. За време на прегледот пациентот е силно фебрилен, а се забележува надуено лице, катарално воспаление на конјунктивата, фаринксот и крајниците. Аускултаторните наоди на белите дробови се вообичаено нормални, иако може да се најдат суви бронхијални хркулки, кои наскоро стануваат влажни. Кај некомплициран грип температурата трае 3-5 дена, а болеста завршува за 7-10 дена - детално ни објаснува Андоновски.
Се мешаат грип и ковид-19
Според него, родителите може да ги помешаат симптомите со појава на сомнеж за ковид-19, но сепак постои разлика која може да се направи според различностите во појавата на патолошките промени, а и секако со помош на тестирање и анализа на респираторен панел кој се прави во сите лаборатории.
- Третманот вообичаено се состои од користење антипиретици поради високата телесна температура, поголем внос на течности, топли напивки, мултивитаминизирање заради давање потпора на имунолошкиот систем и одмор. Инхалациите и примената на антибиотици зависат од бактериската нишка која е реалност, но секако да биде дадена во консултација со матичниот педијатар. Исто така, одредени антивиротици треба да се применуваат само каде што има оправданост за користење, специфични заболувања и тешки кардиоваскуларни проблематики и маани - советува Андоновски.
РСВ-инфекциите може да бидат опасни кај новороденчињата
Респираторен синцицијален вирус (РСВ) е малку познат вирус кој обично ги погодува децата. РСВ влијае врз грлото, носот, белите дробови и респираторниот тракт. Се шири преку капки. Повеќето луѓе со инфекција имаат благи симптоми, кои се слични на обичната настинка. Закрепнувањето трае две недели, меѓутоа, вирусот може да биде опасен за доенчињата и за сите оние со ослабен имунитет.
- Симптомите на инфекцијата може да бидат благи, како оние на обичната настинка, но некои пациенти може да имаат потешки симптоми и да развијат бронхиолитис и пневмонија. Според експертите, 1 до 2 отсто од новороденчињата што имаат РСВ, а се помлади од шест месеци, треба да бидат хоспитализирани. Во зависност од климата, вирусот РСВ се појавува во текот на есента, зимата и пролетта. Раните симптоми на РСВ инфекција кај новороденчињата и децата се течење на носот, намален апетит, кашлица, која во подоцнежна фаза може да се претвори во отежнато дишење. Симптомите кај малите бебиња се раздразливост, намалена активност, намален апетит, апнеа или мали прекини на дишењето за време на спиењето - посочува педијатарот.
РСВ-инфекциите може да бидат опасни кај новороденчињата, особено кај оние што се родени предвреме, помлади од шест месеци, деца на возраст под две години кои имаат проблеми со срцето, белите дробови и невромускулните проблеми, деца кои имаат ослабен имунолошки систем. Периодот на инкубација за РСВ е обично од 3 до 8 дена. Кај доенчиња помлади од 6 месеци и кај лица со ослабен имунитет вирусот може да се пренесува до 4 недели, дури и кога нема повеќе симптоми. Луѓето што немаат придружни болести закрепнуваат во рок од 1 до 2 недели, дополнува Андоновски.
- Третманот зависи од симптоматологијата и процената на лекарот, инаку се препорачува домашен престој за да се спречи понатамошно ширење на вирусот, одмор, постојана рехидрација, користење назален аспиратор, користење спрејови на база на физиолошки раствор, земање лекови за ублажување на треска, како што се парацетамол и ибупрофен - додава Андоновски.
Моракселата - еден од најактуелните предизвикувачи на заболувања кај децата
Другите предизвикувачи се бактериите, освен стрептококите и стафилококите, еден од најактуелните предизвикувачи на заболувања кај децата во овој период е моракселата.
- Moraxella catarrhalis е најчесто изолирана и поврзана со инфекции на средното уво кај деца над 3 месеци, хроничен серозен отитис, акутен и хроничен синузитис (висока температура, обилен секрет од носот, постназално капнување, кашлица, болка во синусите, главоболка итн.), инфекции на горниот и долниот респираторен тракт. Во ретки случаи, тешки инвазивни инфекции - менингитис, бактериемија, ендокардитис, гноен артритис итн. Кај децата симптомите се појавуваат за кратко време и се долги и упорни. M. catarrhalis предизвикува бронхитис и пневмонија кај деца со хронични белодробни заболувања и понекогаш е причина за бактериемија и менингитис, особено кај имунокомпромитирани лица. Бактериемијата може да биде комплицирана од локални инфекции како што се остеомиелитис или септичен артритис - ни појаснува докторот.
M. catarrhalis не е чувствителен на пеницилин, амоксицилин, ампицилин, ванкомицин, но има добра чувствителност кон комбинирани пеницилини: амоксицилин-клавулон, цефалоспорини со широк спектар, тетрациклини и еритромицин.
- Спроведувањето антибиотски третман, во случај на изолирана мораксела, се спроведува само од самиот лекар и под контрола, а потребата од употреба на локални или системски антибиотици треба строго да се процени. Третманот обично е потребен кога има присуство на специфични клинички симптоми - додава Андоновски.
Внесот на суплементи треба да е балансиран
Како што вели Андоновски, стрептококните и стагилкокните инфекции се исто така чести и перзистентни поради меѓусебната контактибилност на децата во градинките и училиштата. Тие ни се добро познати и симптоматологијата главно е лесно препознатлива појади појава на кивавица и болка во грлото, најдобро е секогаш да се направи брис од грлото и носот и да се направи антибиограма која ни е и основа за правилен третман.
- Секако дека секогаш треба да се знае да се реагира навреме поради можна појава на дехидрираност поради високите температури при појава на овие предизвикувачи. Навремениот преглед и воспоставувањето правилна дијагноза е клучни поради тоа што би го заштитиле детето и би се избегнале несакани последици, вклучително и подолг престој во хоспитални услови. Навремените анализи и лабораториски наоди ни се помагала без кои денес не би можеле да замислиме правилно поставување на секоја дијагноза, а со тоа и правилен терапевтски третман - изјавува Андоновски.
Работата на имунолошкиот систем кај децата е битна во текот на целата година, не само во овој период.
- Постојана здрава исхрана, контрола на внесот на минерали и витамини, физичка активност, прошетки на чист воздух се мал дел од палетата наречена здрав имунитет, здрав организам. Внесот на суплементи треба да е балансиран и да се дава контролирано и во дадени моменти. Исто така, би напоменал и контрола на слабокрвноста кај децата на која треба да се обрне поголемо внимание токму поради честите инфекции кои го оштетуваат овој крвен сегмент, а со тоа и целокупниот одбранбен систем на еден млад организам. Создавањето здрави навики кај децата е посебна задача како на образовниот систем така и на родителите, кои секако дека сакаат нивните најмили да се постојано здрави - категоричен е Ангелчо Андоновски.