X
 26.05.2016 Образование

Зошто е важно правилно да им се чита на децата?

За читањето да има било каква корист за детето, не е доволно тоа само пасивно да слуша. Многу родители мислат дека едноставното читање е доволно.

Насекаде читаме дека децата треба да читаат или да им се чита од најрана возраст. Читањето се смета за важно за развојот на јазикот и писменоста бидејќи се работи за плоден и клучен контекст на интимна интеракција меѓу возрасниот и детето, за време на кој двајцата се насочени кон исто дејствие. На тој начин се зацврстува емоционалната поврзаност меѓу родителот и детето, се поттикнува развојот на вокабуларот, се создаваат позитивни ставови кон читањето за подоцнежните години.

Истражувањата покажуваат дека периодот од раѓањето до третата година е критичен за долгорочниот развој на јазикот, когнитивноста, емоциите и социјализацијата. Според Куртис и Шулер, детето е подготвено да слуша приказни веќе околу 16-та недела, а од 6-от месец е способно да реагира на интонацијата на гласот на читателот. Просечната возраст која се препорачува за почеток на читање е меѓу 7 и 9 месеци. Колку порано детето дојде во допир со читањето и книгите, толку подобро ќе му се развива јазикот подоцна.

Развојот на јазикот и способноста за читање се под влијание на околинските фактори, па така недостатокот на книги може да има последици. Можно е да се случи детето во петтата година да има јазични проблеми или помалку да чита. Едно долго истражување покажало дека бројот на книги кои ги слуша детето во шестиот месец од животот може да ја предвиди успешноста на тестовите за упис на училиште.

Де Бериш покажал дека читањето на младите деца многу повеќе влијае на развојот на писменоста, слушањето и интеракцијата со возрасните отколку читањето во постара возраст. Сепак, читањето не е доволно. Суштината е во тоа колку родителот успешно го предизвика детето да реагира на содржината и колку може да го поттикне неговиот интерес и желбата да му се чита што повеќе, што може да се задржи и на постара возраст.

Повеќето од истражувањата за читањето се основани на теоријата на Виготски, во која подготвеноста на родителот да се вклучи во работата со детето и да ги создава активностите се поврзува со зоната на проксималниот развој. Зоната на проксимален развој се однесува на разликата меѓу моменталните способности на детето и она што може да го научи само.

Како што ја нагласувал Виготски важноста на јазикот и социјалната интеракција за когнитивен развој, Мареј и Иган се обиделе емпириски да откријат дали децата на кои им се чита покажуваат и понапреден когнитивен развој во однос на децата на кои им недостасува оваа активност. Примероци од над 11.000 деветмесечни бебиња покажале дека јазичните активности се поврзани со читањето, покажувањето слики и зборувањето со детето. Резултатите покажале дека читањето и постојаното зборување и обраќање на детето статистички значајно позитивно е поврзано со когнитивните резултати и когнитивниот развој на деветмесечните бебиња.

Со тоа се поддржала теоријата на Виготски, кој тврдел дека јазикот го поттикнува когнитивниот развој така што овозможува интернализација на информациите од надворешниот свет и ја подобрува самоконтролата над когнитивните процеси како што се помнењето и мислењето. Значи, читањето и зборувањето не носат корист само на развојот на јазикот туку и за други аспекти на когнитивниот развој.

Ефектот се задржува и на постара возраст, покажало истражување на 6.000 испитаници кои правеле тестови на 16-годишна возраст. Влијанието од читањето книги е дури четирипати поголемо од поседувањето родители кои се факултетски образовани.

За читањето да има било каква корист за детето, не е доволно тоа само пасивно да слуша. Постојат два стилови читање кои се препознаваат како корисни: описен стил и стил ориентиран на влијание. Описниот се фокусира на опишување на сликите во текот на читањето, додека вториот стил се фокусира на дискусијата за значењето на приказната по завршување на читањето. Првиот е корисен за децата кои од самиот почеток имаат пониско ниво на вокабулар, додека вториот за оние кои имаат повисоко почетно ниво.

Родителот мора да биле подготвен да објаснува додека детето слуша, да користи што поширок распон на зборови и комплетна структура на речениците. Децата учат зборови кога се заинтересирани и не можат да научат зборови следејќи телевизиски програми бидејќи тоа не нуди интеракција. Децата учат зборови тогаш кога им е јасно нивното значење. Вокабуларот и граматиката се учат во исто време.

Конечно, родителите треба да имаат позитивен став. Постојаните забрани како „Остави го тоа!“ имаат негативен тон и служат за затворање и завршување на разговорот. Потврдите како „Баш ти е интересна таа играчка!“ го поттикнуваат интересот на детето, го одржуваат разговорот, а така се градат и вокабуларот и граматиката.

Извор

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование