X
 15.07.2015 Колумни

Само да знаеше.. (втор дел)

Само да знаеше.. (прв дел)


Придушените зраци светлина кои продираа низ подотворените ролетни беа предвесник на уште едно сиво и лигаво утро. Со неговото будење, започна и борбата меѓу неговото мрзеливо тело и брз ум кој полека но сигурно се активираше. Знаеше дека оваа тивка борба помеѓу неговиот ум - кој го тераше да биде активен и да создава, и неговото тело - кое го тераше да биде пасивен и да го уништи она кое дотогаш го беше создал, која секое утро одново и одново се повторуваше можеше да трае до бесконечност и затоа тој мораше брзо да завземе страна и да ја оконча, барем привремено, оваа негова внатрешна војна која траеше неполни 26 години.


Се крена од креветот и влезе во бањата. Додека млазот вода течеше лизгајќи се и отстранувајќи го слојот негативна енергија од површината на неговото тело, низ својата глава течеа задачите кои требаше да ги заврши денес. Ги премотуваше сите бројки и нивните разноразни и многубројни комбинации а кои стоеја во извештаите над кои ги трошеше саатите од неговата младост.
Целиот негов живот се вртеше околу нив. Поради нивната отсутност уште од најмали нозе сфати колку голема е нивната важност, а во годините кои следеа научи како максимално да го користи умот како алатка за нивно стекнување и понатамошно мултиплицирање.

Неполни 2 години работеше во сметководственото биро на еден од оние кои владееја со неговиот град. Моќта на неговиот газда не произлегуваше од бројот и профитабилноста на бизнисите кои ги поседуваше – тој единствено го поседуваше ова сметководствено биро, туку од работата која ја вршеше за останатите моќници: прикривање на огромни суми кои наместо да и бидат исплатени на државата како даноци, беа припојувани на огромните профити кои и онака ги остваруваа.
Додека одеше кон неговото работно место, ги гледаше празните шишиња од алкохол кои беа оставени во близина на купчињата пикавци и знаеше дека тоа е уште едно од делата на елитистите. Го знаеше тоа бидејќи полицијата имаше наредба единствено ним да им дозволи да се однесуваат така: мнозинството, кои беа неинформирани и не го знаеја ова, мислеа дека полицијата заради моќта на елитистите се плаши да превземе нешто и го казни ваквото нивно недолично однесување, а во реалноста елитистите беа само алатка која вистинските моќници ја користеа за да ги продаваат своите производи и услуги барем дваесет пати поскапо отколку што навистина вредеа.

Една од нив беше и таа. Но таа никогаш не успеа да стане навистина дел од нив – таа само се преправаше дека е. Таа само сакаше да припаѓа на таа “елитна” група која само навидум владееше а која во реалноста немаше ама баш никаква моќ, само и само да биде почитувана од страна на мнозинството кои живееја со заблудата дека тие, елитистите се оние кои владееја.
Нејзината реакција, тој ден кога за прв пат ја виде, ја издаде и му покажа дека таа ни оддалеку не е тоа што сакаше светот да мисли дека е. Позади маската од дигнатост, студ во односите со сите под нејзиното ниво и ароганција спрема оние кои се дрзнуваа да и прозборат први, без таа да го бара тоа од нив, се криеше едно мало и исплашено дете – дете кое тој го гледаше секогаш кога таа беше во неговите прегратки.

**
Неговиот моментален ангажман во сметководственото биро ни оддалеку не претставуваше случаен избор. Уште додека студираше и ја изучуваше економската наука, размислуваше како да им се придружи на оние кои владеат бидејќи знаеше дека неговото место е на врвот, меѓу нив. Неговото вработување во сметководственото биро беше само првото делче од огромната сложувалка која тој ја имаше разработено во неговиот ум а која требаше да ја нареди во реалноста во десетте години кои следуваа.

Неполни 2 години му требаа за да ја изгради довербата во очите на својот газда и вербата во планот кој, по четири дена, требаше да им го презентира нему и на уште 3 други регионални моќници.

Овие неколку дена беа критични за него. Овие неколку дена кои следуваа претставуваа пресвртна точка во неговиот живот и зависно од квалитетот на планот за изведување на презентацијата и квалитетот на неговото презентирање зависеше дали тој до крајот на животот ќе останеше дел од мнозинството – каде не припаѓаше, или ќе станеше дел од оние малкуте кои владееја – каде што вистински припаѓаше.

Истите неколку дена реши да ги искористи за да ја истестира силината и искреноста на нејзината љубов: го направи тоа целосно дистанцирајќи се од неа и посветувајќи го целото време за да работи и да ја вежба својата презентација. Не и креваше на телефон. Не и враќаше на пораки. Не се вклучуваше на интернет.

***
Конечно осамна денот. Средбата меѓу него и четворицата моќници беше закажана во еден интимен рибен ресторан надвор од градот. По завршувањето на работното време, заедно со неговиот газда се одвезоа до ресторанот. Таму веќе беа пристигнати двајца: едниот беше сопственик на агенција за обезбедување, а другиот поседуваше компанија за производство и преработка на храна и се чекаше да пристигне и последниот, најмоќниот човек во регионот кој беше сопственик на неколку кафулиња, ресторани, дискотека, бутици и што ли уште не. Никој со сигурност не знаеше што се поседува тој човек, кој по половина час чекање конечно им се придружи. Неговиот физички изглед: кусо, ќелаво и дебело човече ни оддалеку не укажуваше дека токму тој е оној кој ги влечеше конците и одлучуваше за се во целиот регион.
Ова беа зафатени луѓе кои немаа време за празни разговори и затоа знаеше дека мора што е можно побрзо да премине на главното и да им ја презентира неговата идеја.

-Претпоставувам дека мојот газда веќе Ви кажал за мојот предлог..
-Па ни спомна нешто.-го прекина дебелото човече.-но не ни ги кажа деталите.

Тоа беше знак дека е време да започне со неговата презентација.

-Добро тогаш.-рече, стана од неговиот стол и од папката која стоеше пред него извади листови на кои беа бројки и графикони и им приложи по еден примерок на секој од четворицата. Откако секој од четворицата доби примерок, ги остави да ги разгледат десетина секунди, по што започна.
-Додека бев на студии, бев принуден да работам за да се издржувам. Но за разлика од другите кои беа во слична ситуација која мојата и кои работеа, тие ги трошеа сите заработени пари, а јас заштедував колку што можев повеќе и тие заштедени средства ги оплодував на различни начини.
-На какви начини?-се вмеша овде сопственикот на агенцијата за обезбедување.
-Па поради ограничениот пристап до интернет во тоа време, бев принуден тоа да го правам преку спортско обложување..
-И сега планираш на ист начин да ги умножуваш нашите пари?!-нервозно праша сопственикот на агенцијата.
-Па да. Бидејќи никој од Вас четворица не е сопственик на обложувалници, спортското обложување ќе биде еден од начините преку кои ќе расте Вашиот вложен капитал.
-Ма нема шанси да вложам ни евро во овие твои ескурзии!-викна сопственикот на агенцијата и тресна со тупаница врз масата.

Ударот врз масата го штрекна кусото човече и тој скокна во својот стол. Откако се намести во својата стара позиција му се сврте на неговиот нервозен пријател.

-Полека бе! Што се силиш?-му викна-Остави го момчето да доврши со презентацијата, потоа сите заедно ќе одлучиме дали вреди или не да инвестираме во него. Мене она што досега го слушнав многу ми се допадна. Продолжи момче.

-До кај бев? А да: спортско обложување. Моето спортско обложување не беше исто со она спортско обложување на мнозинството кое не е ништо друго освен класично коцкање. Во моево обложување се беше однапред познато: знаев колку имам, знаев колку сакам да имам, знаев колку треба да вложам за да го добијам она што сакам да го имам, знаев дали можам да си дозволам да го изгубам она кое го имам а треба да го вложам за да го добијам она што сакам да го имам а сеуште го немам.

Дебелото човече по оваа реченица започна да се смее.

-Ми се допаѓаш момче.-му рече по што се повторно му се сврте кон неговиот нервозен пријател кој сеуште вриеше од бес-Ме потсеќа на тебе кога пред точно 20 години дојде да бараш позајмица и поддршка за да го започнеш бизнисот кој сега го поседуваш. Кога малку подобро ќе подразмислам, цел е на тебе: висок е и храбар скоро колку тебе. Само што има малку повеќе коса. И памет.

По оваа реченица сите четворица започнаа да се смеат. Сопственикот на агенцијата за обезбедување не баш од срце но сепак се чувствуваше дека попушта неговиот бес.

-На почетокот, за да ја изградам самодовербата, имав цел да го зголемувам капиталот за половина процент месечно. До крајот на студиите, мојата самодоверба порасна доволно па започнав да атакувам на еден процент месечно.
-Со месечно вкаматување или без?-се вмеша дебелото човече.
-Со.-му одговори кратко, по што продолжи.-Откако се вработив и обезбедив стабилен извор на финансиски средства, мојата самодоверба а и знаење пораснаа доволно за да можам без никаков страв да тврдам дека можам било која количина пари да ја зголемувам за еден ипол процент месечно.

-Твојот газда ни спомна дека бараш позајмица од 40.000 евра, по 10.000 евра од секој од нас четворица, и дека гарантираш дека за 5 години ќе ни вратиш околу 98.000 евра?
-Да, токму така. 40.000 евра со месечно зголемување на капиталот од 1,5% плус вкаматување по 60 месеци ќе бидат претворени во нешто помалку од 98.000 евра. Значи Вашите 10.000 евра ќе бидат претворени во околу 24.500 евра.
-За толку малку профит да ги вложувам во тебе?-се вмеша повторно сопственикот на агенцијата за обезбедување.

-Па вложете ги во некоја банка и за 5 години, со овие мизерно ниски годишни каматни стапки, подигнете 11.000 евра. Или ризикувајте и вложете ги во некој инвестиционен фонд во кој Ви ветуваат дека капиталот ќе Ви го зголемуваат за минимум 10-15% годишно, но не Ви нудат никакви гаранции дека средствата ќе Ви бидат безбедни.

-А каква гаранција имаме дека кај тебе ни се безбедни средствата?-се трудеше да се направи паметен сопственикот на агенцијата.
-Прва гаранција: работам кај Вашиот пријател. Доколку не си стојам на ветувањето, тој слободно може да ми ја сопре платата. Мојата месечна плата е 500 евра. Значи доколку не успеам да си достојам на ветувањето, мојот газда може наместо мене, мојата плата 16 години и 4 месеци да Ви ја дава Вам. И втора гаранција: доколку не си стојам на ветувањето и решам да го избегнам отплаќањето на мојот долг, Вие имате и луѓе и методи за да или ме натерате да платам или..она другото.
-Само 1,5% месечно?-праша дебелото човече.
-Па господине, би можел најверојатно и повеќе, но тоа повеќе нема да биде инвестирање туку ќе премине во коцкање. А јас не сакам да се коцкам: ни со свои а уште помалку со туѓи пари.-гледајќи го право в очи го излажа.

Тој добро знаеше дека знае и може капиталот да го зголемува за 3 и повеќе проценти месечно, но доколку им го кажеше тоа, ќе го скратеше својот дел од колачот кој изнесуваше “скромни” 138.000 евра. Искрено, не му беше толку до оваа голема сума пари колку што му беше до тоа да ја стекне довербата на овие четворица моќници, но сепак кога веќе му се укажуваше прилика..
-Јас мислам дека слушнав доволно-започна со посериозен тон дебелото човече-и мислам дека ова паметно момче заслужува да му дадеме шанса да се докаже. Да бидеме искрени 10.000 евра за секој од нас се ситна сума. И момче, мене искрено не ми е важно дали ќе го зголемуваш капиталот играјќи спортска или надевајќи се дека крупието ќе спинува некој од твоите броеви на рулет..

-Господине за да нема забуни, зголемувањето на капиталот воглавно ќе се врши преку трговија со акции на берзата и вложување во пазарот на опции.
-Како и да е. Утре дојди во моето кафуле да ти ги дадам парите.-рече дебелото човече, по што стана од својот стол, што значеше дека средбата е завршена и дека тој утре ќе ги добие 40.000 евра кои ги бараше.

Непосредно пред да тргне да си оди, нагло се сврте кон него и му рече тивко но сериозно:
-Твојот живот започна и се одвиваше пред нашите очи. Не сакам таму и да заврши.
Откако се врати дома неколкупати си помисли да и се јави и да ја сподели убавата вест со неа, но сепак реши да не го направи тоа денес, туку утре по земањето на парите. Исто така донесе и една друга сериозна одлука која беше директно поврзана со неа..

****
Веднаш по работа се упати кон кафулето на дебелото човече. Неможеше ни да претпостави што го чека таму. Само што влезе внатре и направи неколку чекори, слушна некаква врева. Се сврте да види што е причината за вревењето и таму го виде она што не посакуваше да го види дури ни неговиот најголем непријател: неговата сакана го гушкаше и бакнуваше нејзиниот дечко а сите лигуши присутни околу нив ги сликаа и им пристапуваа да им честитаат.

Ја искористи гужвата и одблесоците на бројните блицеви и помина во нејзина непосредна близина. Таа низ солзите радосници го погледна за кратко но најверојатно не го препозна по што се сврте и погледна во друг правец. Тој го искористи свртувањето на нејзиниот поглед и што е можно побрзо се упати кон скалите кои водеа до канцеларијата на дебелото човече.

Без да тропне, се втурна внатре ко избезумен. Дебелото човече стоеше со рацете позади грб и набљудуваше што се случува долу во неговиот локал. Најверојатно вревата го беше натерала да стане и провери дали е се во ред.

-Добар ден.-го поздрави безволно, на што дебелото човече полека се сврте и упати кон неговата фотеља.
-Што ти е бе? Изгледаш како да си видел дух.
-Не е ништо. Да преминеме на она за кое сум дојден.
Дебелото човече погледна уште еднаш низ стакленикот во младите долу кои сеуште примаа честитки од останатите гости по што го врати погледот врз него. Се насмевна благо, но не му рече ништо: најверојатно сфати што се случува но сепак реши да го поштеди од мачење и дополнителна емотивна болка. Ја отвори полека најгорната фиока од бирото и од неа извади црна ќеса во која се наоѓаа парите и му ја фрли.

-Се гледаме за 5 години.-му рече.
-До следното видување.-му рече, се поздрави и замина.


P.S. Никогаш не знаеше што со сигурност се случува во главата и во градите на другата страна. Стоеше парализирано. Со телото беше овде, а со мислите во оној мал, розов свет кој, сантим по сантим, го градеа заедно. Го гледаше како се руши, како гори, како се пеплосува.. А се ќе беше поинаку, само да знаеше..

 

Тарик АсановАвтор: Тарик Асанов

Апсолвент на Економски факултет во Прилеп, насока сметководство, финансии и ревизија. Прочитај ги сите статии на Тарик Асанов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни