X
 15.05.2026 Живот

Матуранти од Мостар воодушевија со хуман гест: Тајно ѝ го обновиле автомобилот на класната со кој спасува улични животни

Матурантите од IV.1а клас од средното сообраќајно училиште во Мостар, ѝ приредиле незаборавно изненадување на својата класна раководителка Данијела Сабљиќ.

Како што е традиција матурантите на крајот од учебната година да им подаруваат спомен на своите класни раководители, така постапиле и учениците од Мостар, но нивниот избор на подарок воодушевил многумина.

Во договор со нејзиниот син и една колешка, учениците привремено „го украле“ нејзиниот автомобил, кој таа со години го користела за хуманитарни цели, помагајќи им на напуштените и повредени улични животни.

Поради таквата намена, автомобилот бил во прилично лоша состојба, исполнет со ќебиња, транспортери, влакна и траги од секојдневната грижа за животните на кои им го посветувала своето време.

Сакајќи да ѝ покажат благодарност за годините поддршка и разбирање, матурантите решиле да направат несекојдневен гест. Автомобилот целосно го исчистиле, средиле и обновиле, враќајќи му сосема нов изглед.

- Испратив уште една генерација, мојот IV.1а клас, позитивно најдобриот клас во досегашниот стаж. Генерација прекрасни млади луѓе кои ме оставија без зборови со оригиналниот подарок во кој е вложен огромен труд, и на кој работеа деноноќно - напишала класната раководителка Данијела по изненадувањето.

Овој гест на матурантите од Мостар предизвика бројни позитивни реакции на социјалните мрежи и многумина го посочија како пример за благодарност, заедништво и почит меѓу учениците и професорите на крајот од едно важно животно поглавје.

Извор: Klix.ba
Фото: Facebook

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот