По трет пат книжевната академија Табернакул (во состав: Ферид Мухиќ, Горан
Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски и претходните добитници на
наградата Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев) ја
доделува истоимената книжевна награда. Овогодишни лауреати се германската писателка
Херта Милер и британскиот драмски автор Том Стопард.
Целта на оваа книжевна награда е да ги промовира најзначајните, светски признати
книжевни вредности на македонски јазик, како и да покаже дека Македонија е земја со долга
книжевна и културна традиција, земја што покажува особена почит за сите актуелни
книжевни и културни глобални достигнувања.
Книжевната награда Табернакул ја претставува бронзена скулптура чиј автор е
академскиот вајар Горан Стаменков. Лауреатите, исто така, добиваат и златник од
Книжевната академија Табернакул, како и паричен износ од 5.000 евра.
Оваа година свеченото доделување ќе биде на 15 октомври во Скопје. И двајцата
добитници ќе присуствуваат на доделувањето. Претходниот ден ќе се одржи прес-
конференција со добитниците.
На свеченоста ќе бидат промовирани следниве изданија од добитниците на
македонски:
- Романот Патување на една нога и збирката есеи Секогаш истиот снег и
секогаш истиот чичко од Херта Милер.
- Трилогијата Брегот на Утопија и трите драми Аркадија, Рокенрол и Тежок
проблем од Том Стопард.
За добитниците:
Херта Милер (1953) е германска писателка, добитничка на Нобеловата награда за
книжевност во 2009 година. Родена во Романија, работела како преведувач, а со пишување
почнала уште во младоста. Пишува романи, раскази, поезија и есеи. Нејзините дела се
преведени на повеќе од дваесет јазици.
Том Стопард (1937) е британски драмски писател. Од 1997 е носител на титула витез
што ја доделува британската кралица. Роден во Чехословачка, за време на нацистичката
окупација пребегнал и по Втората светска војна се преселил во Велика Британија, откако
поминал три години во интернат во Индија. Работел како новинар и како театарски критичар.
Автор е на повеќе култни драми, меѓу кои е „Розенкранц и Гилденстерн се мртви“ поставена
на сцената на Драмскиот театар во Скопје, како и на сценариото за филмот „Вљубениот
Шекспир“.