X
 09.06.2017 Култура

Ернесто Сабато за енциклопедизмот како „болест“ на образовниот систем

Аргентинскиот писател Ернесто Сабато е роден во 1911 година. Студирал математика, физика и филозофија, работел на истражување на зрачењето на атомите во Лабораторијата Кири, а потоа и во САД. Се откажал од занимавање со наука во 1945 година, за да се посвети на книжевноста, а подоцна и на сликарството... Есеите на Сабато претставуваат „обиди“ за повторување на ренесансниот потфат во 20-от век; неговото занимавање и со наука, и книжевност, и сликарство, па и со филозофија, ќе го принудат, што и самиот ќе го признае во еден свој есеј, во сите тие области да направи само површен обид, затоа што секој успешен обид во сите тие правци, би го „осудиле“ на невозможност за комуникација.

„Се присеќавам на учителите кои успеваа да ни пренесат делови од човековата епопеја; историја која не беше само механичко запомнување на еден куп имиња и датуми, туку велилчествени фрески на нации кои успеале да се воздигнат над сопствената непостојаност, како Венеција од сопствените мочуришта, за да се вивнат во освојување на сопствената величина.

Не станува збор само за републики и царства, туку за севкупноста на културата како човеково достигнување, како авантура на мислите и фантазиите: од изумот на тркалото до филозофијата, од првите знаци измислени од човечките битија за да комуницираат меѓусебно до најистенчените остварувања во музиката. Авантурата која мора ученикот да ја доживее како таква возбудлива борба меѓу силите на природата и историјата. Не мртов енциклопедизам, ниту каталог, ниту готова инстант наука, туку сознанија кои секој пат наново се создаваат во секој дух, како пронаоѓачи и учесници во таа со илјадници години долга историја. Не информирање, туку ФОРМИРАЊЕ. „Да знаеш напамет, значи дека не знаеш“, тврдеше Монтењ. Само така може да се достигне оној тип на култивиран човек кој е идеал на заедницата; не онаа сезнаечка личност која познава многу „модалитети на работите“, како што рекол Макс Селер, ниту  оној кој е способен да доминира и претскажува; затоа што првиот е еден обичен ерудит, а овој другиот е суштински научник, туку оној кој поседува склоп на еластични системи кои се потпираат на интуиција, владеење со реалноста и нејзина проценка.

За несреќа, не зборувам за минатото. Неодамна прочитав задача која ја напишал ученик, кој паднал на испит затоа што заборавил не-знам-кој процент на некој фамозен список на светски ’ртови. Исто така прегледав еден угледен учебник од книжевност кој во моментов се користи во нашите училишта, и само поглавјето посветено на шпанскиот 18 век, се однесува  на каталог  од имиња чие непознавање би било санкционирано од страна на кој било професор-ситничар;  заедно со датумите на нивното раѓање и смрт, со насловите на нивните дела, книги кои никој мој познаник не ги препознава, и заради тоа не сметам дека е помалку образована личност.

Исходот го знаеме сите: просечен професор речиси никогаш нема да може да стигне до современите писатели, кои би можеле во нивните срца најдобро да ја распламтат љубовта кон книжевноста, затоа што токму тие би можеле да проговорат на јазик кој им е најблизок на нивните дилеми и очекувања; затоа би требало книжевноста да се предава наназад, почнувајќи од современите автори, за би можел подоцна ученикот да се воодушевува со она што Хомер или Сервантес го пишувале за љубовта и смртта, за несреќата и надежите, за самотијата и херојството...

... И малку книги, под услов да се прочитани со страст, се единствениот начин нешто да се доживее, оти во спротивно би биле само едноставни гробишта на зборови. Затоа што псевдоенциклопедизмот секогаш се врзува за книжно образование, што претставува еден облик на смртта. Зар не постоеше култура пред изумот на Гутенберг? Културата не се пренесува само преку книги: се пренесува преку секакви човечки активности, од разговори до патувања, преку слушање музика, па дури и преку конзумирање храна....

... Никакви изотерми и логаритми, чија вредност во завладувањето со природата е неспорна и неопходна, не можат да послужат за вистинската цел; вистинското образование ќе мора да се постигнува не само заради стекнување на техничка делотворност, туку заради формирање на комплетни личности. “
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура