Во „Службен весник“ во Србија неодамна беше објавен нов правилник за овошните сокови и сродни производи кој наметна нови ригорозни правила за оваа индустрија. Сепак, на производителите им е даден долг рок за приспособување бидејќи прописите ќе почнат да се применуваат дури од први јули следната година.
Во делот на правилникот кој се однесува на дозволените состојки, утврдени се нови правила од Директивата 2012/12/ЕУ, како што се оние што се однесуваат на додавање шеќер. Таа состојка како додаток веќе нема да биде дозволена во овошните сокови, овошните сокови од концентриран овошен сок и овошните сокови во прав. Затоа ќе бидат забранети и пишувањата на амбалажите кои често се употребуваат, како „без додаден шеќер“.
Додавањето шеќер, мед или засладувач ќе се толерира само во производство на нектар и тоа во количина до 20 отсто од вкупната маса на готовиот производ.
Оваа европска директива е усвоена уште во 2012 година на пазарот на унијата поради грижа за здравјето на граѓаните и во обид да се намали внесувањето шеќери. Овошните сокови сочинуваат 10 отсто од сите безалкохолни пијалаци што се продаваат во ЕУ. Уделот на сокови направени од концентрат е 87,6 отсто, додека чистите овошни сокови сочинуваат 12,4 отсто. Според соопштението на Европската комисија, соковите што дотогаш би можеле да се најдат на полиците во супермаркетите може да содржат и до 150 грама шеќер на
литар.