X
 15.02.2021 Здравје

Ковид-19 може да направи сериозни нарушувања на нервниот систем. Ни требаат постковид-амбуланти

Повеќе од една третина од пациентите со Ковид-19 развиваат и невролошки компликации, некои од нив се акутни, но некои се јавуваат и по две недели од дијагностицирањето, и тоа кај пациентите што првично имале полесни респираторни симптоми, покажуваат светските статистики.

- Овие компликации може да бидат многу сериозни, но и тешко препознатливи - објаснила д-р Габриела Новотни од Клиниката за неврологија на редовната онлајн-дискусија на Лекарската комора, која се организира и за размена на искуства и сознанија во дијагностиката и третманот на пациентите со Ковид-19.

Ковид-19 треба да се лекува со холистички пристап, односно наместо лекување на поединечни системи и органи, да се пристапи кон третман на целиот организам бидејќи специфично за коронавирусот е неговиот интелигентен пристап преку кој ја открива и таргетира генската слабост на организмот и дава доминантна клиничка манифестација, која кај секој пациент е различна.

- Затоа, кај ова заболување неопходно е да се бара и да следи спектарот на симптоми како кај ниту едно друго заболување - заклучи д-р Новотни.

SARS-KoV-2 е респираторен вирус но, за жал, тој не предизвикува само респираторно, туку комплексно мултисистемско заболување. Д-р Новотни вели дека од невролошките компликации, едни од првите симптоми се губење на осетот за мирис, главоболки, но се јавуваат и многу посериозни синдроми, како мозочен удар, енцефалопатии или синдромот на Гилен-Баре.

- Трудовите проценуваат дека до 36 проценти од лицата заболени од Ковид-19 имаат невролошки манифестации. Вирусот, директно напаѓајќи го нервниот систем, може да предизвика промени на расположението кај заболените, проблеми со меморијата, проблеми во движењето или когнитивни тешкотии. Вирусот има потенцијал да предизвика респираторна инсуфициенција дури и во услови кога нема сериозен наод на белите дробови. Во фазата на цитокинска бура може да предизвика мозочен едем, а како компликација се јавуваат и мозочни удари. Јасно е дека невролошките компликации што ги дава Ковид-19 се сериозни. Важно да се препознае дека има невролошко засегање за да може соодветно да се лекува - вели д-р Новотни.

Мозочен удар може да биде и иницијална манифестација на Ковид-19. Д-р Новотни презентирала случај од Клиниката за неврологија кога бил донесен пациент на 14-годишна возраст кој кого била дијагностицирана церебрална венска тромбоза (мозочен удар) и наод за билатерална пневмонија, типична за Ковид-19. Иако не е добиен позитивен наод од тестирање за коронавирус, сепак, со оглед на возраста и здравствената состојба било јасно дека иницијатор за состојбата е Ковид-19. Лекувањето било успешно.

- Ковид-19 може да даде и одложени автоимуни одговори, како последица на молекуларна мимикрија, кои ги предизвикуваат антителата што организмот ги создава како последица на инфекцијата со Ковид-19. Трнење на дланките и стапалата и отежнато движење се симптоми кои би можеле да упатат на овој тип компликации. Сериозни и тешки компликации се и невропсихијатриските, како што се тешкотии при спиењето, несоници, страдање на меморијата, збунетост, намалена функционалност, делириум и психози. Имаме еден специфичен Ковид-19 делириум, состојба во која во период од неколку дена пациентот престанува да зборува и да се движи. Ако оваа манифестација на болеста остане непрепознаена, пациентите може да завршат во психијатриски установи или центри за згрижување, а всушност станува збор за инфекција со Ковид-19 - објаснува д-р Новотни.



Таа го отвори и прашањето кое веќе се дискутира во светот, дека како што по шпанскиот грип се појавила епидемија на енцефалит летаргика, дали можеби и сега ќе се случи нешто слично, односно дали паркинсонизмот, што е главна манифестација на енцефалит летаргика, ќе биде третиот бран на Ковид-19 пандемија.

Посебен акцент во дискусијата што ја водела проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Комората, се стави на потребата од отворање постковид-амбуланти за подолготрајно следење на пациентите инфицирани со SARS-CoV-2 бидејќи компликациите кои може да ги направи вирусот значително може да го нарушат квалитетот на животот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје