X
 30.06.2017 Здравје

Одлуката на Европскиот суд за вакцинациите предизвика лавина од реакции


Вакцинирање бебе

Минатата недела, Евроскиот суд за правда донесе одлука која би можела да предизвика лавина од отштетни барања и сериозно да го загрози едно од најголемите постигнувања во историјата на медицината, кое нè ослободило од бројни заразни болести, значајно продолжувајќи го животниот век на луѓето.

Како што пишува „Си-ен-ен“, според одлуката на највисокиот суд во ЕУ луѓето ќе можат да поднесуваат тужби до фармацевтските компании со обвиненија дека нивните вакцини им предизвикале болест дури и ако немаат соодветни здравствени аргументи за тоа. Доволен доказ за поврзување на вакцината со болеста би бил фактот дека недолго по вакцинирањето, кај нив се развила некаква болест која дотогаш ја немале во својата здравствена историја.

Одлуката предизвика остри критики од бројни стручни лица и експерти. Ендру Полар, професор по детска инфектологија од  Универзитетот во Оксфорд, за „Телеграф“ изјави дека пресудата на Европскиот суд не е во согласност со нормалниот рационален пристап кон анализа на докази. Тој предупреди дека таа би можела да ја загрози програмата за вакцинација која секоја година во светот спасува милиони животи.

На пример, само од сипаници, кои се најпозната заразна болест, заради недоволна вакцинираност во светот секојдневно умираат околу  400 деца. А вакцината чини помалку од еден долар!

Судиите со својата пресуда покажаа дека не го разбираат значењето на темелните научни поими како што се корелацијата и каузалитетот, кои се клучни за разликување кога е потребно нешто да се докаже, сметаат поборниците на вакцинирањето.

На секој што има елементарно здравствено образование му е јасно дека корелацијата, без оглед дали е временска или од некој друг вид, никако не може да се смета за доволен доказ за причината. Затоа, апсурдно е да се тврди дека одредена вакцина предизвикува некаква болест само затоа што времето на дијагностицирање честопати се совпаѓа со моментот на вакцинирањето, или затоа што бројот на дијагностицирања следи сличен тренд на раст како и трендот на вакцинирањето, објаснуваат тие.

Од друга страна, познато е дека антивакциналистите ширум светот упорно истакнуваат дека последните години аутизмот е во пораст, дека тој пораст е во согласност со порастот на вакцинирани деца, како и дека обично се јавува кај деца непосредно вакцинирани од ММР. Од ова, како и од студиите на „гуру“-то на антивакционизмот, Ендру Вејкфилд, изведуваат заклучок дека вакцината предизвикува аутизам.

Уште од 1998 година, кога Вејкфилд го објави својот прв труд на оваа тема, до денес се спроведени стотици студии кои се обидуваат да ги реплицираат резултатите на британскиот гастроентеролог кој ја изгубил лиценцата заради ваквите тврдења или да пронајдат научен доказ за поврзаноста меѓу вакцините и аутизмот, но до денес, ниту една студија не успеала во тоа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје