X
 08.02.2021 Здравје

Филипче потпиша договор за набавка на кинески вакцини. Министерството најавува двосменско работење на ЈЗУ и термини за вакцинација на 10 минути

Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“, соопшти Министерството за здравство. Оттаму истакнуваат дека со договорот Република Македонија треба да обезбеди 200.000 вакцини од кинеската компанија „Синофарм“, кои се наведува дека ќе пристигнат овој месец, но точниот датум и сите информации поврзани со испораката се очекува да бидат утврдени во текот на следните денови.

- Министерството за здравство, почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобалната политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, истакна дека податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи - стои во соопштението.

Во него се наведува дека е направен детален план за транспорт на вакцината од аеродромот до економските оператори (веледрогерии), кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

- Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и процена на капацитетите за складирање на целата количина. Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. Овој тип вакцини имаат оптимален однос помеѓу безбедноста и ефикасноста, поради тоа може да се даваат на сите граѓани, без ограничување по која било основа. Конкретно за оваа вакцина на „Синофарм“, термините за вакцинација во ЈЗУ ќе бидат на 10 минути, по пациент. ЈЗУ ќе работат во две смени со цел да се постигне што повисока стапка на вакцинација на дневно ниво. Според Националниот план за вакцинација против Ковид-19, први ќе се вакцинираат здравствените работници од ковид-центрите, матичните лекари и останатите вработени во матичните ординации, вработените во итна помош и други здравствени работници опфатени во првата група од Фаза 1, како и возрасните граѓани над 70 години - се наведува во соопштението.
 
Од Министерството додаваат дека сите вакцини што се на пазарот се развиени на безбедни платформи, односно се безбедни за граѓаните, како и дека производителите на вакцини имаат документи од нивните национални агенции, а некои производители дополнително се регистрирани и од европското и од американското регулаторно тело за квалитет на лекови.

- Воведувањето на вакцинацијата за Ковид-19 ќе одигра клучна улога во намалување на штетните ефекти врз здравјето на популацијата и општеството воопшто, јакнење на колективниот имунитет во услови на пандемија. Имунизацијата е силно оружје во борба со коронавирусот, но и покрај тоа, здравствените мерки за лична заштита задолжително треба и понатаму да се почитуваат - заклучуваат од Министерството за здравство.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје