Во 2014-тата година, македонска факултетска диплома зеле вкупно 196 странски студенти. Од нив, десетмина се од Албанија, 74 се од Косово, 47 се од Србија, а 65 лица се од други држави. Ова стои во евиденцијата на Државниот завод за статистика во делот наменет за странските студенти.
Од странските дипломци, 104 дипломирале на државните универзитети, 91 на приватните, а еден студент дипломирал на некој од верските факултети. Најмногу странци имало на Државниот универизтет во Тетово - 77, 11 имало на штипскиот универзитет „Гоце Делчев", 54 на Универзитет на Југоисточна Европа, 11 биле студенти на Универзитет за туризам и менаџмент - Скопје, а странци имало и на Меѓународниот балкански универзитет - 17.
Студенти од регионот кај нас има речиси на секој универзитет. На штипскиот универзитет на пример, студираат десетици студенти од Турција. Тие самите велат дека доаѓаат овде на студии бидејќи овде животот е поевтин, но и школарината што ја плаќаат на универзитетот е пониска со онаа што би требало да ја платат на некој турски универзитет. Најмногу се запишуваат на медицински факултет и на фармација. Македонската диплома им е признаена во Турција. Како што самите велат, на пример во Истанбул на државнуиот медицински факултет многу тешко се совладувале испитите. Имало строги критериуми за упис, односно ако не положат приемен испит го губат правото на пристап до високото образование.
- Освен тоа многу се скапи студиите, за една година треба да се платат 10.000 евра, а тоа не може да си го дозволи секој. Затоа доаѓаме овде зошто се` е поевтино - коментираат студенти од Турција.
На овој универзитет пред две години се запишале 80 студенти од Турција, но има студенти и од Бугарија, Германија и Грција. Сите странски студенти што студираат во Македонија, мора да имаат положено испит за познавање македонски јазик, за да можат понатаму да продолжат со студии.