На 80-годишна возраст денеска во Скопје почина академик Томе Серафимовски, познат македонски скулптор. Погребот ќе се изврши во недела на градските гробишта во Бутел во 12 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 11 до 12 часот.
Македонската академија на науките и уметностите на 7 март ќе одржи комеморативна седница во 12 часот.
Серафимовски е автор на повеќе од 500 склуптури од траен материјал, 100 минијатури и идејни решенија од областа на ситната пластика, десетина релјефи, како и 40-ина изведени споменици и спомен-обележја низ земјава и во светот.[1] Од 1988 година е редовен член на МАНУ. Во својата 50 годишна кариера има одржано повеќе самостојни изложби во Македонија и странство, а добитник е на на голем број награди и признанија.
Томе Серафимовски е роден на 14 јули 1935 година во село Зубовце, Македонија. Основно училиште завршил во Гостивар, а во 1953 година се запишал во Сплитското училиште за применета уметност. На студиите во Сплит специјализирал склупторство, а за време на неговиот престој повремено работел и како сликар-сценограф во тамошниот Народен театар. Своето високо образование го продолжил на Академијата за ликовни уметности во Загреб, каде што дипломирал во 1963 година кај професорот Антун Аугистинчиќ.
Во 1966 година добил стипедија од француската влада и заминал за Париз, каде 4 години ја посетувал школата за убави уметности. Истовремено три години минал како соработник во ателјето на познатата аргентинска вајарка, Алиција Пеналба. По ваквите искуства, Серафимоски се вратил во Македонија, извесно време работел како сценограф во Радио Tелевизија Скопје. Од 1970 до 1984 година бил директор на Домот на културата во Гостивар. На 7 октомври 1988 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.