X
 16.09.2016 Наука

Објавена најпрецизната 3D мапа на Млечниот пат

Европската вселенска агенција (ESA) ја објави најдеталната мапа на Млечниот пат, откако ги каталогизираше прецизните позиции и јачината на светлината на 1,1 милијарда ѕвезди.

ЕСА ја објави мапата во средата, врз основа на записите од нивното летало Геја кое е лансирано во вселената во 2013 година со единствена цел - изработка на најпрецизна мапа на ѕвездите од нашата галаксија.

Роботското летало, кое е лоцирано на околу милион милји над Земјата, поседува камера со милијарда пиксели  и е опремено со повеќе од 100 електронски детектори.  Добиениот графикон е дваесет пати покомплетен од претходните прикази на Млечниот пат, но сè уште претставува  дел само од еден процент од ѕвездите во нашата галаксија.

Макс Бауер од ЕСА одделот наречен Наука и роботски истражувања, на конференцијата за новинарите изјави дека Геја е толку моќна  што кога би била поставена на Земјата би можела да види монета од едно евро на површината од месечината.

Новата мапа се заснова на податоците што се собрани во периодот од април 2014 до јуни 2015 година. Вселенската агенција  се надева дека најновите податоци  ќе им бидат од помош на астрономите подобро да ја разберат структурата на Млечниот пат, и да видат како истата се менувала низ времето.
Геја е конструирана како ревизија и продолжение на Хипаркос - ЕСА сателитот кој вршеше опсервации во периодот меѓу 1989 и 1993 година.

Астрономите веруваат дека оваа мапа ќе придонесе за значајни научни откритија.
“Денешното издание ни дава прв впечаток за извонредните податоци кои нè очекуваат и ќе го револуционираат нашето разбирање за тоа како ѕвездите се дистрибуираат и се преместуваат во нашата галаксија”, изјави директорот на роботичките научни мисии при ЕСА, Алваро Хименез.

Проценките покажуваат дека Гeја до крајот на својата мисија би можела да идентификува  неверојатни 70.000 нови егзопланети (планети кои се наоѓаат надвор од Млечниот пат)  што би претставувало драматичен пораст во однос на досега познатите 3.500 планети.

“Гeја ќе  биде вонредно корисна за егзопланетите, особено за системите кои имаат планети како Јупитер”, појасни  Тимо Прусти, проектен научник на Гeја. “Бројките ќе бидат импресивни, очекуваме бројка од околу 20.000. Но, мора да бидеме трпеливи,  бидејќи за егзопланетите мора да се собираат податоци најмалку 5 години за да се види отстапувањето во движењето.”



Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука