Со доделување на наградите за најдобрите кинематографери вечерва во Битола, заврши фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.
Добитник на златна „Камера 300“ за филмот „Најсреќниот ден во живото на Оли Маки“ е кинематограферот Јани Патери Паси. Сребрената „Камера 300“, отиде во рацете белгискиот снимател Рубен Импенс, за филмот „Белџика“, а бронзената „Камера 300“, интернационалното жири му ја додели на кинематограферот, Матијас Тролструп од Данска, за филмот „Бенг Генг“.
„Минатата година го снимавме овој филм и беше прв долгометражен филм за повеќето од нашата екипа. Бевме многу ослободени и направивме многу работи храбро и не зажаливме за ништо. Многу сум изненаден што ја добивам оваа награда и ви благодарам на сите, на жирито, на сите мои колеги од главната конкуренција. Навистина сум пресреќен“, изјави Јани Патери Паси, добитник на златната „Камера 300“.
На свеченото затворање му беше врачена и специјалната награда златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на познатиот кинематографер Федон Папамихаил, а на британски продуцент, Сајмон Пери, друштвото на филмски уметници му ја додели наградата „Голема ѕвезда“ за исклучителни резултати во македонската кинематографија. Пери беше еден од продуцентите на „Пред дождот“, најуспешниот македонски игран филм.
„Сајмон Пери е човекот без кого македонската кинематографија немаше да биде ваква каква што е и немаше да го има својот најголем успех со филмот „Пред дождот“. Тој го препозна Милчо Манчевски и потенцијалот на филмот и застана цврсто и самоуверено зад тој проект. Сајмон Пери е човек кој им овозможи на многу млади и непознати режисери да го остварат својот сон. Во тие турбулентни години за Македонија како држава, тој се бореше и како продуцент и како човек кој ја чувствува Македонија како своја земја“, рече Тозија.
На почетокот на церемонијата, водителката од отворањето, се качи на сцената и во знак на протест за откажаната сценска изведба, се соблече боса, а се појавија и неколку учесници кои беа дел од изведбата за време на отворањетоо. Но, обезбедувањето, реагираше брзо и ги отстрани од сцената револтираните уметници.
После доделувањето на наградите, пред проекцијата на филмот „Златната петорка“, директорот на фестивалот Благоја Куновски изрази задоволство од програмата и севкупната организација на фестивалот.
„Дами и господа, ви благодарам. Ваков крај на фестивал секој би посакал, кога имате тројца лауреати во жирито, кои ниту поголеми фестивали не успеваат да ги имаат, а ние го имавме задоволството да го затвориме на овој начин 37-то издание. Пред се Ви благодарам за вашата искрена посветеност на филмската уметност. Фестивалите се прават за публиката“, рече Куновски.
Во контекст на реакциите во врска со откажувањето на изведбата на фестивалот, Куновски изјави дека некои луѓе ја злоупотребуваат и не ја заслужуваат шансата да бидат дел од фестивалот.
Фестивалот беше затворен со филмот „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски.