Star Trek е инспирација на генерации научници, астронаути, поборници за граѓански права, инженери и претседатели. Но, не изостануваат ниту лингвистите. Четврт век пред тимот на Game of thrones да го создаде дотракискиот јазик (Dothraki language), еден човек од екипата на Star Trek го измисли и целосно го разви јазикот на Клингонците. Марк Окранд, изумителот и на вулканскиот јазик, вели дека на овој начин се зголемува свеста за јазикот кај луѓето. „Можете да дознаете повеќе за вашиот јазик преку проучувањето на друг јазик. Преку клингонскиот, сакам да ги поттикнам луѓето да размислуваат за јазикот, воопшто.“
Клингонците за првпат се појавија во првата сезона на Star Trek во 1967 година, во епизодата Errands of mercy и зборуваа на англиски јазик. Дванаесет години подоцна, во 1979 година, нивната појава беше целосно променета, но и говорот им беше различен.
Во воведната сцена на првиот Trek филм, ги видовме Клингонците какви што ќе ни останат врежани во сеќавањата: со набрани чела, како изрекуваат команди насред вселенска битка. Во тој момент за првпат го слушнавме клингонскиот јазик на екраните (иако, претходно во сериите беше споменато дека Клингонците имаат свој мајчин јазик). Неколкуте реда дијалог што беа „титлувани“, ги смислил актерот Џејмс Дохан, кој ја толкуваше улогата на Скоти, главниот инженер на Ентерпрајз. Дохан сакал да создаде „дијалог што не е од оваа планета“.
Од тој момент, на сцена стапил Окранд, кој во тој период бил вработен како надзорник за преводи во Националниот институт за преводи (National captioning institute). Во една прилика, Окранд во Лос Анџелес се сретнал со близок пријател кој работел на Star Trek II: The wrath of Khan, и кој му кажал дека за потребите на новото издание на Патеките треба да ангажираат лингвист кој ќе го синхронизира разговорот помеѓу вулканците Спок и Савик. Окранд ги искористил „трагите“ од вулканскиот говор во првиот филм, иако во тој момент вулканскиот и не претставувал вистински јазик. „На снимената сцена актерите зборуваа на англиски, а мојата задача беше да кажувам бесмислени реченици што ќе се поклопуваат со движењата на усните на актерите“, рече Окранд. Две години подоцна, го повикаа да работи на третиот Star Trek филм, но овој пат со многу посложена задача: да го создаде клингонскиот јазик.
За почеток имал неколку насоки: гласовите и командите од првиот филм, имињата на ликовите од оригиналната серија и забелешките во сценариото каде што пишува дека клингонскиот јазик треба да биде гутурален. Згора на тоа, да звучи и вонземски. Но, тогаш сфатил дека јазикот треба да им биде удобен за зборување на актерите што живеат на нашата планета, а тоа значело дека гласовите треба да бидат природни за изговарање. За среќа, Окранд како докторанд на Беркли, работел дисертација за Муцунскиот јазик на индијанците од Калифорнија, што исчезнал во 1930 година со смртта на последниот говорник, па имал големо искуство и предзнаење во реконструирање на мртов јазик (во овој случај голема предност при создавањето непостоечки јазик).
За да го направи јазикот да звучи вонземски, Окранд ги комбинирал звуците од постоечки јазици со звуци што не се појавуваат во тие јазици. Си играл и со граматиката на тој начин што правел пермутации со позициите на составните делови на реченицата: подмет, прирок, глагол. Одлучил во клингонскиот јазик да го нема основниот глагол „сум“ (to be), што било проблем кога требал да го преведе Хамлетовото „да се биде или не“ за четвртото издание на Star Trek.
„Не постојат звуци во клингонскиот јазик што не може да се најдат во други јазици, но нивното комбинирање го прави уникатен овој јазик“, вели
Окранд.
Софистицираниот клингонски јазик се појави во Star Trek III од 1984 година. Следната година беше отпечатен и клингонскиот речник. Негова заслуга се, исто така, ромуланскиот и вулканскиот јазик.
Според Гинисовата книга на рекорди, клингонскиот е најзборуван измислен јазик во светот. Денес постојат: Клингонски венчавки, Клингонска божиќна песна, Клингонски превод на Библијата и Институт за клингонски јазик, кој ја промовира клингонската култура.
За крај, пригодниот поздрав со мала адаптација:
May the Klingon language live long and prosper или на клингонски:
yItaH 'ej yIcheptaH.