Учебници за учениците ќе има. За време на летниот период Министерството за образование и наука успеа сите одобрени учебници да ги испечати и до 1 септември тие ќе бидат испорачани до училиштата и ќе им бидат на располагање на учениците. Еден мал дел учебници, кои не се испечатени, всушност сѐ уште се во постапка, односно за нивно одобрување одлучува Националната комисија за учебници, по што и тие ќе бидат испечатени и испорачани, соопшти Министерството за образование и наука.
Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали за ученици и прирачници за наставници кои, како што наведува, ќе ја збогатат наставата. Тие се изработени од Бирото за развој на образованието и ќе бидат достапни само во електронска форма на веб-страницата на Бирото. Постои и можност секое училиште на своја иницијатива, индивидуално да одлучи да ги испечати.
-По однос на интегрирањето предмети, јавноста знае дека овој процес не е нов, се спроведува десетина години наназад и како резултат од него е произлезен предметот Природни науки, за кој досега никогаш немало реакции. Интегрирањето на предметите не предвидува укинување содржини. Историја, географија, биологија, хемија, физика и натаму ќе бидат дел од науките што ќе бидат соодветно застапени во наставниот план за основно образование, а ќе ги предаваат наставниците што и досега ги предаваа овие предмети. Секој наставен предмет ќе има повеќе модули што ќе овозможат ученикот да ја изучува наставната содржина од повеќе аспекти, односно да добие поцелосна слика за одредена случка, процес, состојба и слично. Транспарентно, во многу наврати досега, информиравме на кој начин ќе се предаваат овие интегрирани содржини, информира МОН.
Нагласува дека ниту еден наставник нема да остане без работа, без часови, поради воведувањето на новите интегрирани наставни програми. Бројот на часови ќе биде идентичен како и порано.
-Она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на она што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење. Како поддршка на наставниците и на учениците во реализацијата на новите програми се новите кабинети по природни науки, опремени од страна на МОН со поддршка на Светска банка минатата година, како и новите наставни и нагледни средства за предметите од групата на општествени науки, како Историја и Географија, набавени годинава, посочува МОН.
За сите новини во основното образование, МОН додава дека обезбедува и директна поддршка за наставниците и за стручниот кадар во училиштата со цел правилна имплементација.
-Па така, континуирано организираме обуки за наставниот кадар на различни теми кои се од интерес за нивното работење. Даваме можност преку креиран каталог со 26 акредитирани програми (22 за наставници и четири за стручни соработници), секој самостојно да избере кој тип на лични компетенции ќе ги надгради. Колку за информација, само во периодот од октомври до декември 2022 година, на околу 600 обуки присуствуваа над 14 илјади наставници и 800 стручни соработници. Додека во периодот од јуни до крајот на овој месец на обуките учествуваат 17.200 наставници и 1.100 стручни соработници, додава МОН.
Големо олеснување за наставниците, нагласува Министерството, ќе биде воведувањето на новиот електронски дневник кој, како што наведува, „треба да ги надмине предизвиците на кои тие укажуваа досега“. Софтверското решение е веќе изготвено, со поддршка од ИПА-фондовите на ЕУ и е во фаза на тестирање, по што ќе биде воведен како пилот-проект во одреден број училишта до конечно имплементирање во сите училишта во државата.