X
 24.11.2016 Живот

Сурова војна на владата на Мјанмар против Рохинџите

Долги години Мјанмар ги прогонува Рохинџите и ги лишува од основните права, како што се државјанството, бракот и слободата на вера.

 

mjanmar


Весникот Њујорк Тајмс објавил едиторијал за уште една кампања што ја спроведува војската на Мјанмар против припадниците на муслиманското малцинство Рохинџа во државата. Весникот наведува детали за масовно повредување на човековите права и изразува  незадоволство од премиерката на државата, Аунг Сан Су Кју, која патем е добитничка на Нобеловата награда за мир.

Њујорк Тајмс пишува дека Мјанмар веќе долги години ги прогонува Рохинџите и дека ги лишува од основните права, како што се државјанството, бракот, слободата на верување и образованието. После насилството што почнало во 2012 година од страна на будистичките екстремисти и протерувањето на десетина илјади Рохинџи од сопствените домови, многумина од нив ги ризикувале своите животи бегајќи во чамците на криумчарите, додека повеќе од стотина илјади припадници на ова етничко малцинство живеат во бедни логори, се наведува во весникот.

Мјанмарската војска почнала уште една кампања против народот Рохинџа, поради што стотина од нив биле приморани да ја преминат границата и прибежиште од ескалацијата на насилството да побараат во Бангладеш.

Тековната акција на мјанмарската војска почнала како одговор на акцијата на вооружените напаѓачи на 9. октомври, кога загинале девет полицајци во покраината Аракан. Идентитетот на напаѓачите е непознат, но во вестите се повторуваат разни претпоставки: од тоа дека нападот го извршиле нарко банди, сè до исламистички терористи.

Оттогаш биле убиени повеќе од 100 припадници на народот Рохинџа, главно цивили, од страна на мјанмарската војска. Сателитските снимки што ги објавија Human Rights Watch, покажуваат дека најмалку 430 домови северно во покраината Аракан се запалени меѓу 22. октомври и 10 ноември.

Во весникот, исто така, стои дека постојат веродостојни наводи за грабежи, убиства и силувања на жени од страна на војниците, што владата ги негира. Претседателот на комисијата за спроведување истрага за убиствата на полицајците од 9. октомври, рекол дека војниците не силувале жени Рохинџи, бидејќи биле „премногу валкани“.

Најголеми критики Њујорк Тајмс упатува кон премиерката Аунг Сан Су Кју, која и самата го застапувала мислењето дека Рохинџите не се граѓани на државата, туку странци од Бангладеш, и дека за убиството на полицајците владата реагирала во рамки на законот.

Се споменува дека прекинала испораката на хуманитарна помош во тоа подрачје, додека УНИЦЕФ предупредува дека таму има илјадници деца кои се во опасност од гладта и недостатокот од медицинска нега.

Влијателниот американски весник од мјанмарската влада бара итно допуштање на испораката на хуманитарна помош на сите на кои им е потребна. ОН и САД повикуваат да се спроведе непристрасна истрага за насилството, а HRW бараат од владата на Мјанмар да им се обратат за помош на Обединетите Нации.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот