X
 18.12.2016 Живот

Нови детали за откривањето на скривницата на Ана Франк од Нацистите

ана франк

 

Судбината на Ана Франк стана симбол на голем број човечки трагедии од Втората светска војна. Според досегашните сознанија, Ана и нејзиното семејство биле откриени од Нацистите бидејќи некој ги предал, кој знаел каде се кријат.


Но, новите истражувања го доведуваат во прашање овој дел од приказната. Постои можност полицијата тој ден да не тргнала да бара Евреи, туку Ана и нејзиното семејство ги пронашла случајно, истражувајќи сосема неповрзана работа. „Во новото истражување не се занимаваме со предавство, туку со рација. Зошто се случила? Врз основа на кои информации и од каде овие информации дошле?“, вели еден од истражувачите на амстердамскиот музеј „Куќата на Ана Франк“, кој стои позади истражувањата.

Имено, во истата зграда каде се криела Ана Франк се правела и измама со купони за намирници. Истражувањето открива дека во зградата работеле два продавачи кои биле уапсени после рацијата бидејќи тргувале со купони за храна. Во април 1944 година, Ана Франк во нејзиниот дневник ги споменува продавачите, споменувајќи дека поради нивното апсење нејзиното семејство повеќе нема купони, што укажува на тоа дека и тие добивале храна и купони од продавачите.

„Компанијата која се занимавала со нелегални активности и апсењето на двајцата продавачи е доволно за да се привлече полицијата“, пишува Гертјан Броек, истражувач во „Куќата на Ана Франк“. Истражувањето покажува дека полицијата била привлечена од илегалните активности и дека сокриеното семејство било пронајдено сосема случајно, но не се исфрлува можноста да биле предадени.

Во корист на новата теорија одат и други податоци. На пример, должноста на двајцата полицајци кои учествувале во рацијата не била барање скриени Евреи. Едниот се занимавал со кражба на пари и дијаманти, а другиот работел во единицата која се занимавала со економски криминал.

Понатаму, не постои евиденција од телефонски број преку кој на полицијата ѝ било јавено дека во зградата се криеле Евреи. Повеќето приватни телефонски линии за време на војната биле прекинати, така што постои реална можност да немало повик или пак да дошол од друга институција. Целата рација траела два часа, што е значително повеќе отколку што би било потребно за пронаоѓање и апсење на скриени Евреи и никој никогаш не бил осуден поради предавство, бидејќи за никој осомничен не постоеле доволно цврсти докази.

После апсењето, осуммина кои се криеле во куќата биле депортирани во Аушвиц. Ана и нејзината сестра Маргот биле испратени на принудна работа во логорот Берген-Белсен каде починале од тифус. Од осумте луѓе кои се криеле во куќата во Амстердам, војната ја преживеал само таткото на Ана, Ото Франк, кој верувал дека некој ѝ се јавил на полицијата и ѝ кажал каде се криеле.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот