X
 25.10.2023 Живот

Ресторан во кој гостите јадат во темница крие неверојатна приказна

Влегувате во фоајето на ресторанот, каде што е целосна темница. Лица со оштетен вид или целосно слепи лица ги земаат вашите лични работи и ги ставаат во гардеробата. Потоа ве водат до масата на која седат уште неколку луѓе кои не ги познавате и не можете да ги видите бидејќи е целосна темнина.

Набрзо доаѓа келнерот, нарачувате храна и пијалаци, па јадете во темница и разговарате со луѓето околу вас.

Звучи неверојатно, но зад концептот на ресторанот „Данс ле ноар?“ има една исклучително инспиративна приказна која треба да ја доживеете со сите ваши сетила.

 
Еден од најоригиналните ресторани во светот

Ресторанот се наоѓа во срцето на Лондон, во традиционалниот кварт Келркенвел. Бил отворен во 2006 година и нуди можност за дегустација на различни јадења во целосен мрак.

- Вечера или ручек во мрак е оригинално искуство кое ни овозможува да ја преиспитаме нашата перцепција за вкусот, да го оживееме нашиот однос со светот и другите и да доживееме изненадувачка средба со нешто сосема различно - пишува на веб-страницата на ресторанот.

Редовно рангиран меѓу десетте најоригинални ресторани во светот, овој ресторан е уникатна дестинација за романтични вечери, семејни собири или вечера со пријателите. Луѓето доаѓаат овде за да ги прослават своите успеси, да слават родендени, годишнини, да организираат ергенски и момински забави, а најинтересно е тоа што никогаш не знаат кој седи на соседната маса.

 
Во „Данс ле ноар?“ ја нагласуваат посветеноста на нивното влијание врз животната средина и прашањата поврзани со социјалната и еколошката одговорност. Ресторанот посветува внимание на прашањата за одржливост во прехранбената индустрија, следење на изворите на месо и риба, како и на висока пропорција на органско овошје и зеленчук во јадењата. Кујната создадена од готвачите е дизајнирана со внимателен избор на најквалитетни состојки. Сите менија се ригорозно тестирани и подобрени преку стручни дегустации, а сето тоа се одвива во целосна темница.

Како што велат од ресторанот, кога ни недостасува главното сетило, видот, повеќе ги користиме другите сетила: слухот, допирот и мирисот. Со нив успеваме да јадеме во темница и да си го најдеме приборот за јадење.


Цела вечер водич ви е слепо лице

Слепите луѓе и луѓето со оштетен вид природно покажуваат подобра снаодливост во мракот. Имено, кога слепото лице води личност која може да гледа, оваа динамика на врската претставува неверојатна вежба на емпатија која нè поттикнува на единствена размена на доверба.

- Тоа е извонреден начин за промовирање на позитивната свест за слепилото и попреченоста. Исто така, ги уништува нашите предрасуди и нè учи дека човекот е многу повеќе од неговиот надворешен изглед - велат од ресторанот.

Овој ресторан е место кое вреди да се посети, а концептот на ресторанот се прошири и можете да го најдете на разни места: Лондон, Париз, Мадрид и Нов Зеланд.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот