Грижата за сопственото здравје е вашето огледало. Бидете задоволни и среќни секој ден
Автор: Д-р Бетим Даути, интернист, кардиолог
Една од најчестите болести на денешницата е артериската хипертензија, позната како зголемен крвен притисок. Дефиницијата за артериската хипертензија е трајно покачување на вредностите на систолниот притисок (повеќе од 40 милиметри живин столб) или на дијастолниот (повеќе од 90 милиметри живин столб), или на двете вредности на крвниот притисок во мирување.
За покачен крвен притисок се смета притисок на крвта кој е над или еднаков на 130/80 mmHg, според американските препораки, односно над 140/85 mmHg, според европските препораки, но најважно, добиен по неколку мерења во текот на неколку денови или недели.
Најчесто причината за покачен крвен притисок се влијанија од нашата околината и некои генски предиспозиции, а таа се нарекува ПРИМАРНА или есенцијална хипертензија која ја нотираме кај 90-95% од пациентите. Кај помал број пациенти може да зборуваме за СЕКУНДАРНА хипертензија кога се појавува покачен крвен притисок како последица на бубрежни, ендокринолошки, невролошки и други заболувања.
Вистинскиот проблем кај хипертензијата е што болеста се развива и трае без посилно видливи симптоми за самите пациенти, па тие подоцна се јавуваат на лекар за совет и терапија, со исклучок ако вредностите на притисокот се многу високи или ако болеста траела многу долго.
Лекувањето е комбинирано со насоки за промена на начинот на живот на пациентите, хигиено диететски режим и фармакотерапија (диуретици, бета-блокатори, АЦЕ-инхибитори, блокатори на Ca-канали и др).
Пациентите со покачен крвен притисок доаѓаат на преглед кога ќе се рaзвијат компликации и тоа ни претставува главна причина за задоцнето лекување. Обично се жалат на утрински силни главоболки во тилот, најчесто по будење, зуење во ушите, иритабилност, вртоглавица, повраќање. Други симптоми се: отежнато дишење при напор, депресија, аngina pectoris, односно градна болка, палпитации, губење на свеста, отежнато дишење при мирување, крвавење од носот, прекумерно потење, брза промена на бојата на кожата на лицето, нарушување на сонот...
Д-р Бетим Даути
По направените анамнеза, лабораторија и други прегледи и поставување на дијагнозата ова се основните совети:
1. Физичка активност - Сметам дека ова е првиот чекор кон подобрување на целокупното здравје на вашиот организам. Физичката активност и повеќе движење од она што досега било вообичаено за вас ќе придонесе до подобрување на работата на срцевиот мускул и негово зајакнување, а и ќе помогне во регулирање и намалување на крвниот притисок. Физичка активност ја ставам под број еден бидејќи јас лично го применувам овој совет со вежбање во фитнес-сала и брзо одење. Сè што вие можете е дозволено. Тоа значи дека доколку можете да играте фудбал, тенис, зумба, да вежбате во сала, да возите велосипед, брзо одење, качување по скали... Правете го! А, во деновите кога не спортувате, пробајте да се занимавате со градинарство, ем полека вежбате ем медитирате. Да напоменам, треба да практикувате 45 минути вежбање дневно, 4 до 5 пати во текот на една недела. Доколку за почеток ви е тешко да го фатите ритамот или да го издржите целото време, може времетраењето да се подели на 3 пати по 15 мин. во текот на еден ден. Секоја друга физичка активност е исто така добредојдена.
2. Телесна тежина - Одржување соодветна телесната тежина е вториот совет за кој набрзо се договараме со пациентите. Секако дека добивање телесна тежина блиску до идеалната која се одредува според индексот на телесна маса BMI index (Body Mass Index) е најдобро, но за почеток ајде да намалиме 3 до 5 килограми ако имате прекумерна телесна тежина. Верувајте ова ќе направи разлика прво во вашиот физички изглед, а второ ќе помогне во намалување на притисокот, а тоа намалување на килограмите доведува до паѓање на систолниот притисок за 4,5 mm Hg, и на дијастолниот притисок за 3,2 mm Hg.
3. Редовна и здрава исхрана – За ова има повеќе работи на кои сакам да ви обрнам внимание. Прво оброците мора да се редовни, добро испланирани и избалансирани. Тоа значи да немаме прескокнување на оброци или преоптоварување со храна само во еден или два оброка во текот на денот. Исто така, внимаваме да ги консумираме сите макронутритиенти - јаглехидрати, протеини и масти, но во избалансирани оброци. На сите ни е веќе добро познато и повеќе пати е зборувано и клинички докажано дека исхраната со помали количини на јаглехидрати помага за регулирање на крвниот притисок и намалување на телесната тежина. Но тоа не значи да ги одбегнуваме целосно јаглехидратите, туку да ги внесуваме во помали количини и паметно. На пример, потврдено е дека консумирањето неколку коцки црно чоколадо со 70 % какао дневно доведува во намален ризик од срцеви заболувања и помага при намалување на крвниот притисок. Ајде да го намалите внесот на натриум, односно користете помалку сол во оброците. Кога имаме хипертензија или покачен ризик од срцево заболување, дневниот внес на сол да се задржи на 1,5 мг и 2,3 мг дневно. Препорака е храна со помалку количина на сол – житарици, овошје, зеленчук, грав, риба, намалете го внесот на црвено месо, намалете го внесот и на конзервирана храна. Знам дека е омилено, но избегнувајте чипсови, пица, грицки, преработки на месо, па дури и дехидрирани супи.
Зголемете го внесот на калиум преку консумирање банани, риба, кајсии, спанаќ, јогурт, авокадо и сл. Но да напоменам на зголемен внес на калиум треба да внимаваат пациентите со бубрежни заболувања.
4. Избегнувајте да консумирате повеќе кафе, газирани пијалаци и поголема количина на алкохол во текот на денот.
Од течности, моја препорака за намалување на крвниот притисок се чаевите од ѓумбир, може и зелен чај или сок од целер. Да за многу зелена салата со мали порции месо и зачини, па дури и лук. За лукот има студии кои тврдат дека го намалува систолниот за 12 mm Hg и дијастолниот притисок за 5 mm Hg.
5. Стоп за пушењето - Ова е најголем совет, а за него тешко се договараме. Но престанете да пушите! Никотинот од цигарите влијае врз кардиоваскуларниот систем така што го зголемува периферниот отпор во крвните садови предизвикувајќи на тој начин пораст на систолниот и на дијастолниот притисок. Порастот на притисокот доведува до зголемено оптоварување на срцето и тоа мора да пумпа со поголема сила. Никотинот директно го забрзува срцевиот ритам, односно го зголемува бројот на отчукувања на срцето.
6. Намален стрес - Времето во кое живееме е врзано со стресот, но мора да најдеме начин да го намалиме тоа влијание преку слушање музика, попладневни прошетки и престој на чист воздух, читање книги, медитација, техники на длабоко дишење, јога, па дури и градинарство.
7. Квалитетен сон - На сите ни е потребен добар и квалитетен сон. Новите истражувањата покажале дека со нередовно спиење помалку од 6 часа во текот на нокта се зголемува ризикот од појава на хипертензија. Треба да запомните дека во текот на сонот, крвниот притисок се намалува, што е физиолошка појава. Затоа водете распоред на активности и оброци. Вежбајте преку денот, а активностите за опуштање планирајте ги кон крајот на денот, исто така немојте да земате обилни оброци пред спиење.
8. НАЈВАЖНО - Редовно земање на препишаната терапија - Лековите се земаат по однапред договорен редослед со вашиот лекар, кои лекови ги земате наутро, а кои навечер.
Сè заедно, лековите плус спроведување на советите за здрав начин на живот и здрава исхрана, редовните лекарски контроли, на 3, 6 месеци или еднаш годишно, дури иако нема тегоби и добро се чувствувате, и СТЕ УСПЕАЛЕ - сте го регулирале крвниот притисок.
Грижата за сопственото здравје е вашето огледало. Бидете задоволни и среќни секој ден.