Од Стопанската комора, која ги обезбеди овие средства, велат дека средствата ќе се користат и за обуки на наставници и за менторите во компаниите за да се зајакне практичниот аспект на обуката. Можеби ова веќе се спроведува во праксата, но не во стручните училишта или кај сите високообразовни институции. Тука станува збор и за обуки како да се работи со машините што ќе бидат набавени.
Стопанската комора обезбеди 2,73 милиони евра за 37 нејзини фирми-членки преку поддршка од германската Влада за да се продолжи дуалниот систем на образование со 4 стручни училишта и со 2 факултети. Секој еден грант поддржува проект од 150.000 до 600.000 евра. Средствата што ќе ги добијат апликантите (конзорциумите) ќе се реализираат за набавка на машини или опрема за реализација на образовни програми за одредени квалификации, изградба или реновирање на работилници или лаборатории, набавка на средства за обука, како и за професионален развој на наставници/професори и ментори од компании, за да се зајакне практичниот аспект на обуката.
- Мотивот за една ваква иницијатива е резултат на недостигот на стручен кадар и неусогласеноста на потребите на реалниот сектор и она што се испорачува преку образовниот систем. Идејата за овој проект произлезе од Коморскиот инвестициски форум, кој е формиран на заедничка иницијатива на стопанските комори од шесте земји на регионот на Западен Балкан: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија. Коморскиот инвестициски форум спроведува заеднички активности за излез од оваа проблематика преку воведување на дуалниот модел на образование со фокус на практичната обука на работно место што ќе придонесе да се подобри конкурентноста на економиите. Средствата се распоредуваат според барањата на апликантите изнесени во проектот со кој аплицираат и затоа се различни за секој конзорциум - велат од Стопанската комора.
Овој фонд на располагање има 20 милиони евра во форма на грантови за сите 6 земји, а за нашата земја во првиот грант беа определени средства во висина од 3,4 милиони евра, додека пак за вториот грант неодамна беа определени 2,73 милиони евра. Регионалниот фонд ќе придонесе во процесот на креирање стручен кадровски потенцијал кој ќе поседува нови знаења и енергија, но и релевантни, стручни вештини и ќе биде оспособен да работи со современата и напредна технологија.
- Тоа ќе помогне за развој на компаниите, за зголемување на нивната продуктивност, за нивна извозна ориентираност и за конкурентност на надворешниот пазар. Вложувањето во кадровскиот потенцијал е императив за развој на економијата во земјата што овозможува да напредува и да придонесува, и во регионот и во Европа. Истовремено се зајакнуваат јавно-приватните партнерства помеѓу образовните институции и приватниот сектор, кои се значајни во системот на стручното образование во пазарно-ориентирана економија затоа што бизнисот и образованието не смеат да бидат два паралелни света, а придонесуваат за развојот на вештините и компетенциите - додаваат од Комората.
Првиот услов за аплицирање е воспоставување конзорциум преку потпишување меморандум за соработка од една образовна институција (стручно училиште или високообразовна институција) со најмалку две фирми/компании во кои ќе се реализира практичната обука за сите видови квалификации, од сите сектори и тоа за најмалку 15 до 30 ученици годишно. Образовната програма за која се реализира практична обука во компанијата мора да води до формална квалификација која е во согласност со националните законски барања.
Од Комората велат дека средствата ќе се користат и за обуки на наставници и на менторите во компаниите за да се зајакне практичниот аспект на обуката. Можеби ова веќе се спроведува во праксата, но не во стручните училишта или кај сите високообразовни институции. Тука станува збор и за обуки како да се работи со машините што ќе бидат набавени.
- Учењето треба да ја надополнува практичната обука, а праксата да го потврдува учењето, но за тоа да се спроведе, треба да имате обучени наставници и ментори. Набавените машини и опрема ќе бидат сместени во стручните училишта и факултетите, тргнувајќи од фактот дека за реализација на квалитетна практична обука во компанија, предуслов е учениците и студентите да бидат запознати со основните постапки во работниот процес преку практична настава и обука во училишните и факултетските работилници или лаборатории. Но за сместување на новите машини и опрема, потребни се соодветни просторни услови, за што се предвидени средства од грантот - објаснуваат од Комората.
Машинскиот факултет во Скопје, кој се најде на листата како еден од апликантите за овој грант, гледа позитивно на овој процес. Факултетот сѐ уште не можеше да открие детали, но се очекува да добие машини од германскиот инвеститор кој го донира грантот. Со тие машини ќе се помогне за обука на сите што имаат потреба од нивно користење. Истите апликанти ќе одат на практична обука во фирмите кои ќе бидат во соработка со Машински факултет за овој проект. Позитивно е што по завршувањето на грантот, тие машини ќе останат на факултетот и со тоа ќе се модернизира капацитетот.