Германскиот систем на дуално образование е толку успешен што го имитира цел свет. Но, во Германија нема доволно кандидати за да се пополнат сите слободни места.
И покрај тоа, секој кандидат не го добива посакуваното место за обука.
Повеќе од половина милион млади луѓе овие денови започнуваат со своето стручно образование со германскиот дуален систем. Занаетчискиот сектор долго време се жали на тоа дека матурантите одат да студираат и не се запишуваат во нивните училишта и фирми. Оваа година биле пријавени 531.426 слободни места, но има само 501.878 кандидати. Од една страна опаѓа бројот на ученици, а од друга страна растат потребите на земјоделието. Шефот на Федералниот завод за вработување, Детлеф Шеле, вели дека бегалците донекаде го пополниле кадарот што недостасува.
Фото: Getty Images
Претседателот на индустриската и трговската комора на Германија, Ерик Швајцер, вели дека ситуацијата на пазарот на слободни работни места во дуален систем за кандидатите е подобра од било кога: - Претходно, компаниите избираа меѓу кандидатите, а сега често младите избираат меѓу неколку фирми - вели тој.
Но, не сите професии се подеднакво пожелни. Најпопуларните се местата за образование во трговијата, канцелариски менаџмент, како и индустриските комерцијалисти или мехатроничари.
Понудата и побарувачката не се совпаѓаат секогаш
И покрај побарувачката за ученици, не секој кандидат добил место за стручно образование. Официјално, минатата година 24.000 момчиња и девојки останале без посакуваното место. Истовремено, останале непополнети дури 49.000 распишани места. Во овој вид на регрутирање се вклучени помалку од една петтина од сите фирми. Исто така, образованието не го завршуваат сите ученици. Секој четврт го прекинува образованието во таа професија и пронаоѓа друго место. Процентот на оние кои целосно се откажуваат е 12 и 13 отсто.
Учениците се под голем притисок од шефовите, мораат да работат прекувремено. Особено во хотелската индустрија и гастрономијата, многу ученици се жалат на условите. Повеќе од една третина од учениците мораат да работат прекувремено. Секој десетти ученик извршува и работи што не се никако поврзани со работата и стручното образование.
Сепак, повеќето се задоволни со своето место во дуалниот систем - дури 72 отсто.Околу 22 отсто се делумно задоволни, а 6 отсто не се задоволни.
Минималната плата мора да се зголеми
Потпретседателката на германскиот сојуз на синдикати, Елке Ханак, инсистира на забрзана реализација на ветеното.
-Основата на модерното стручно образование се добрите и ангажирани инструктори во компаниите - вели таа. Ханак бара за учениците најмалку 635 евра месечно. Наредната година минимално 696 евра, третата година 768 евра, а четвртата 796 евра.
Ерик Швајцер смета дека ситуацијата за кандидатите значително се подобрила.
-Фирмите знаат дека можат можат да добијат поени само врз основа на висококвалитетни понуди. Затоа тие нудат поголеми приходи отколку што се вообичаени во браншата, организираат дополнителни обуки за послабите ученици, а на подобрите им нудат дополнителни квалификации и престој во странство - вели Ерик Швајцер.
Според официјалните
статистики, ученикот кој одлучил да стане мехатроничар заработува 1.027 евра, дупло повеќе од оние кои се одлучиле да бидат фризери, чија плата е 523 евра.