Додека одел по пат, еден старец ја набљудувал природата и уживал во прекрасните пролетни бои. Наеднаш здогледал еден маж кој на грбот носел тежок товар. Од товарот му се треселе нозете.
„Зошто самиот себеси се осудуваш на толку тешка работа и страдање?“, го запрашал старецот мажот.
„Се мачам за моите деца и моите внучиња да бидат среќни“, одговорил мажот. „Мојот прадедо себеси се осудил на тежок живот и работа за доброто на мојот дедо, мојот дедо за доброто на мојот татко, а татко ми за мое добро, па како што следува, јас ќе се помачам за среќата на моите деца“.
„Дали некој од твоето семејство беше среќен?“, мудриот старец го запрашал мажот.
„Па, досега не, но сметам дека моите деца и внуци ќе бидат среќни“, му одговорил мажот.
„За жал, неписмениот човек не може да научи да чита, како што кртот не раѓа орел“, воздивнал стариот мудрец. „
Прво самиот мораш да научиш да бидеш среќен, а дури после тоа ќе ги научиш децата да бидат среќни. Тоа ќе им биде најдрагоцениот подарок од тебе“.