Со изработката на овој алманах учениците покажаа дека се стекнале со знаења и вештини кои ќе им бидат потребни во иднина – вели класниот раководител, професорот Александар Костадиноски
„Алхемичар е човек кој од еден поглед создава спомен“, „Не прекинувај кога ќе се измориш, прекини кога ќе завршиш“... Ова се само дел од креативните пораки на матурантите од графичката струка од средното училиште „Ристе Ристески - Ричко“ од Прилеп, кои сами го изработија алманахот. Велат дека ќе им остане најубав спомен за средношколските денови.
Тие сами се фотографирале и го изработиле дизајнот на уникатниот матурски алманах.
Класниот раководител, професорот Александар Костадиноски, вели дека во ова училиште тоа е традиција веќе петта година по ред. Учениците сами го дизајнираат алманахот за матурата. Фотографијата се изучува при фотографска секција, а дизајнот е во рамките на предметите Графички дизајн и Практична настава.
- Со изработката на овој алманах учениците покажаа дека се стекнале со знаења и вештини кои ќе им бидат потребни во иднина – вели тој.
Оваа генерација од графичката струка брои 17 ученици. Училиштето во соработка со стопанството и наставниот кадар направило реструктурирање, а тоа резултирало со поголем интерес за упис.
- По оваа генерација, која сега матурира, се запишаа и по 34 нови ученици во другите години, како резултат на нашите напори да ја направиме поатрактивна. Може да се пофалиме дека во секоја генерација имаме по 2-3 ученици што се многу талентирани и се наша гордост – вели Костадиноски.
Тој и неговите ученици уживале додека го подготвувале алманахот.
Давид Цветковски, еден од матурантите, за Факултети.мк вели дека додека го работел алманахот научил многу работи што не ги знаел, а се однесувале на практичната работа со дизајн.
- Стекнав многу знаења кои ќе ми користат на факултет и при работа. Не е многу тешко да се изработи ваков производ ако имаш добар тим кој може да даде секаква идеја и сѐ од себе. Во изработката ни помогна нашиот класен раководител, професорот Александар Костадиноски – вели Цветковски.
- Уживавме додека работевме заедно со соучениците. Научив како да развијам чувство на естетика и игра на бои. Искрено, воопшто не беше тешко да се направи ова, секако, со помош на класниот – ни изјави матурантот Александар Ристески.
Во овој клас има само две девојки. Една од нив е Мелиса Сулејманоска, која вели дека кога нешто се работи со љубов и желба, не е тешко.
- Овој алманах ќе ни остане како најубав спомен. Во текот на изработката ни беше навистина многу забавно, уживавме, се дружевме и бевме пресреќни. Имавме можност секој сам да си ја изработи својата страница со текст и слики и беше одлично. Во иднина овие стекнати знаења многу ќе ни користат како графички техничари, особено на идното работно место – вели таа.