Кога ќе дојдат чуварите, овие затвореници не знаат дали е за последен пат. Во затворскиот оддел за осуденици на смрт во Белорусија, единствената земја во Европа каде што сѐ уште има смртна казна, на осудениците никогаш не им се кажува кога ќе бидат погубени. И кога тоа ќе се случи, се чува како државна тајна.
Во десетте месеци што ги минал како осуденик на смрт, Генади Јаковицки знаел дали е ден или ноќ само по бледата светлина што се пробивала низ заштитниот капак на прозорецот од неговата ќелија, каде што белите светилки биле вклучени дури и кога тој спиел.
Место во кое лесно се губи чувство за време. Тој бил држен во изолација и секакво излегување надвор му било забрането. Посетите биле под силна контрола и освен адвокатите, само на блиските роднини им било дозволено да го видат еднаш месечно. Тогаш Јаковицки бил ваден од неговата ќелија и бил придружуван, со врзани раце, а чуварите му ја наведнувале главата надолу. Нему, како и на сите други, никогаш не му било кажано каде оди, објаснува ќерка му Александра. Затворениците само се прашувале дали ќе се сретнат со роднините, со адвокатите или, пак, ќе бидат погубени. Таткото и ќерката се гледале преку прозорец и секогаш биле набљудувани од чувари.
Генади Јаковицки
Фото: BBC
- Не зборувавме за случајот, забрането беше. Можевме само да зборуваме за семејни нешта - раскажува Александра.
На една од осумте посети Александра, која тогаш имала 27 години, му се пожалила за долгото време на чекање за нов пасош.
- Чуварите саркастично рекоа: „Имаш уште малку време“ - објаснува Александра.
Често опишувана како последната европска диктатура, Белорусија е единствената земја во Европа и во поранешниот Советски Сојуз што сѐ уште ја користи смртната казна, а процесот е обвиен во тајност. Егзекуциите се извршуваат со пукање во глава, но точниот број е непознат: се мисли дека од 1991 година, кога Белорусија стана независна земја, се извршени повеќе од 300. Според „Амнести интернешенл“, две егзекуции биле извршени минатата година. Се верува дека во моментов на списокот има шестмина мажи. Според законите во оваа земја, жените не можат да бидат осудени на смрт.
Оние што се осудени се чуваат во една од високообезбедените ќелии во подрумот на Предистражниот притворен центар 1, затвор сместен во замок од 19 век, кој сега делумно е распаднат, а се наоѓа во центарот на главниот град Минск. На активистите и на новинарите ретко им се дозволува пристап.
Фото: BBC
Осудениците се соочуваат со големи прекршувања на човековите права, вклучително и психолошки притисок, а често се користат и тортура и други сурови, нечовечни и деградирачки третмани, се наведува во извештајот на Виасна, локална група за човекови права, од 2016 година.
Според кажувањата на поранешен вработен во затворот, на затворениците не им е дозволено да седат или да лежат на креветите надвор од одредените часови за спиење и тие поголемиот дел од денот го минуваат одејќи низ ќелијата. Се вели и дека нивното право за праќање и примање писма често не се почитува.
- Условите се застрашувачки. Ги третираат како веќе да се мртви - вели Аиша Јунг, активист од АИ во Белорусија, која една деценија работела на егзекуциите.
Според извештаите од групите за човекови права, Јаковицки, кој живеел во Вилејка, град оддалечен околу 100 километри од Минск, бил обвинет за убиството на неговата 35-годишна партнерка во нивниот стан по дводневно пиење со неговите пријатели во јули 2015 година. По расправијата, во која тој наводно ѝ удрил неколку тупаници, тие заминале во друга соба, каде што Јаковицки заспал. Потоа тој вели дека не се сеќава што се случило.
Кога се разбудил, ја нашол мртва, со скршена вилица и делумно гола. Ја облекол во нејзините фармерки, на кои имало дамки од крв кои претходно не биле таму, и ја известил полицијата. Три дена подоцна бил уапсен.
Активистите велат дека Јаковицки се соочил со психолошки притисок за време на неговото прво испрашување и дека луѓето што биле во станот дале различни изјави.
- Некои сведоци беа пијани на суд. Потоа тие рекоа дена не можат да се сетат што се случило. Не беа обезбедени докази - објаснува Александра.
Јаковицки веќе бил осуден на смрт поради убиство во 1989 година, но казната му била ублажена на 15 години затвор. Александра вели дека судот во Минск го искористил ова како главен доказ против нејзиниот татко. Во јануари 2016 година било утврдено дека тој е виновен за второ убиство, нешто што тој го негирал, и бил осуден на смрт.
Фото: BBC
На денот на погубувањето јавен обвинител им кажува на затворениците дека нивната молба за претседателско помилување е одбиена.
- Тие се тресеа или од студ или од страв и нивните луди очи зрачеа таков хорор што беше невозможно да ги гледаш - вели Алех Алкајеу, поранешен претседател на затворот каде што се извршуваат егзекуциите.
На затворениците им се врзуваат очите и ги носат во специјално уредени соби каде што пристапот е ограничен само на оние што ќе добијат дозвола од обвинителот: никогаш нема член од јавноста. Ги присилуваат да клекнат на колена и ги стрелаат. Се вели дека целата процедура трае околу две минути. Неколку недели или месеци подоцна се известуваат и нивните роднини. Во некои случаи, известувањето е со испраќање кутија во која има неколку лични предмети на осуденикот. Телата никогаш не им се враќаат на фамилиите и локациите каде што се закопани остануваат државна тајна, што, според специјалниот известувач за ОН, Миклос Харасзти, е прекршување на човековите права на осудениците и на нивните роднини.
На референдумот во 1996 година 80 отсто од Белорусите беа против аболиција на смртната казна. Резултатите не беа признати меѓународно бидејќи имаше тврдења за прекршувања. Владата на претседателот Александар Лукашенко сѐ уште го користи овој резултат за да ја оправда својата политика и секоја промена ја направи зависна од друго народно гласање. Во меѓувреме, парламентарна група дискутира што може да се направи, но набљудувачите велат дека може да помине некое време пред да се донесе каква било одлука.
Дотогаш, Белорусија најверојатно ќе остане единствената европска земја која е надвор од Советот на Европа.
Неодамнешните анкети сугерираат дека поддршката за смртната казна се намалила, но се верува дека некаде помеѓу 50 отсто и две третини од жителите сѐ уште ја поддржуваат оваа практика.
Јаковицки бил погубен во ноември 2016 година, на 49-годишна возраст. Еден месец подоцна фамилијата добила писмо во кое било потврдено дека тој бил погубен.
- Не ги добив неговите лични работи, не го видовме телото. Му имав дадено фотографии. Не добив ништо - вели Александра, која сега е активист против смртната казна во
Белорусија.