X
 06.02.2021 Наша тема

Бразилката Таила Фариас од тетовскиот ФК Љуботен: Прво што сакав да пробам кога дојдов беше бурек

Секогаш ми велеа дека Европејците се студени луѓе. Дека не се отворени едни кон други и дека не се гушкаат многу, но тука запознав многу љубезни и дружељубиви луѓе. Вие сте како нас, Бразилците. Разговарате со сите, се гушкате, се спријателувате и мислам дека тоа е многу важно и убаво, вели Фариас, која во Љуботен пристигна од редовите на Ботафого, а претходно има настапувано и за Васко де Гама

Тетовци сезонава од прва рака ќе ја видат убавината на бразилскиот фудбал, откако тамошниот женски фудбалски клуб Љуботен неодамна се засили со младата 19-годишна Бразилка Таила Фариас. Таа е поранешен младински репрезентативец на Бразил, а во Љуботен пристигна од редовите на Ботафого. Фариас претходно има настапувано и за Васко де Гама.
Љуботен беше прилично активен на трансфер-маркетот оваа зима, со цел да направи сериозен тим со кој ќе ја подигне свеста за женскиот фудбал и притоа ќе си ја олесни борбата за опстанок во лигата.



- Јас сум родена во Рио де Жанеиро. Фудбал играм откако знам за себе. Може да се каже - уште кога сум била бебе. Со професионалните тренинзи почнав на деветгодишна возраст. Секогаш сум била спортски тип и ме привлекувале и други спортови. Пред фудбалот, на самите почетоци, тренирав бокс, џудо и пливање. Сепак, подоцна одлучив посериозно да му се посветам на фудбалот - вели Фариас.

Европскиот континент е преполн со бразилски фудбалери, но сепак се поставува прашањето како Фариас се решила токму за Љуботен и за Македонија. Таа има солидно резиме зад себе, но токму нејзиниот авантуристичкки дух ја навел да се проба во за неа целосно непозната дестинација.



- Сакам нови места и нови предизвици и тоа е една од причините поради кои дојдов во Љуботен. Вие имате поинаков начин и стил на игра, а тука и културата и луѓето се сосема различни и сакам да ви го претставам бразилскиот фудбал. Сакам да видите дека станува збор за стил на игра кој е забавен и ги прави луѓето среќни. Немав чуено за Македонија и не знам многу работи за оваа земја. Допрва ќе учам и имам голема помош од луѓето во клубот - изјави Фариас.

Прв допир со снегот

Најголемата промена за Фариас, според неа, е студеното време, со оглед на тоа што зимите во Бразил се доста поблаги. Иако е нецел месец во Љуботен, Фариас веќе искуси нешто што досега го немала видено во животот.
- Засега многу ми се допаѓа тука. Единствено што е многу студено. Вие имате и снег, а ја никогаш досега немав видено снег. Првпат видов снег тука пред некој ден и многу ми се допаѓа. Студен е, но прекрасен - додава таа.



Бразилците се познати по својот топол карактер и желбата за дружба. По заминувањето од својата земја Фариас си помислила дека нема да сретне такво нешто на друго место, но кога дошла во Македонија, се изненадила.

- Секогаш ми велеа дека Европејците се студени луѓе, дека не се отворени едни кон други и дека не се гушкаат многу, но тука запознав многу љубезни и дружељубиви луѓе. Моите соиграчи и мојата цимерка ми помагаат да се снајдам во оваа средина. Не очекував такво нешто пред да дојдам тука. Вие сте како нас, Бразилците. Разговарате со сите, се гушкате, се спријателувате и мислам дека тоа е многу важно и убаво - вели Фариас.

„Многу пиете кафе”


Покрај карактерот на луѓето, Фариас се изненадила и од многу други работи што ние ги правиме тука. Храната е различна од таа во Бразил, но сепак ѝ се допаѓа. Една од првите работи што сакала да ги проба кога дошла тука бил бурекот.



- Храната овде е премногу зачинета за мој вкус и има многу сосови. Но, сепак, е многу добра. Јас многу сакав да пробам бурек. Го имам видено само на слики и одлично изгледаше. Исто така, забележувам дека многу пиете кафе. Наутро, напладне, па дури и навечер исто така излегувате и пиете кафе. Тоа ми се допаѓа. Во слободното време засега многу се одмарам. Некогаш доаѓаат моите соиграчи и се дружиме, играме нешто, или пиеме кафе. Ми треба време да се навикнам на временската зона бидејќи е доста поразлична од таа во Бразил. Сакам да одам на планина каде што има снег и да видам како е таму. Видов слики и изгледаше многу убаво - раскажува Фариас.

„Кристијано Роналдо ми е омилен“

Омилен играч ѝ е Кристијано Роналдо. Таа верува дека со напорна работа и посветеност може да се успее во сè, па и во фудбалот. Фариас верува во потенцијалот на тимот на Љуботен, кој располага со шест нови странски засилувања, но и со многу млади играчи.



- Љуботен има многу млади девојки со голем потенцијал. Тие само треба да работат напорно и ќе бидат супер. Чекор по чекор. Има и многу девојки од други земји што играат за нивните репрезентации и се многу добри. Желбата ни е да играме многу и да си поминеме добро, и ни посакувам сè најдобро. Мојата цел и мото е секогаш напорно да се работи. Секогаш го давам максимумот и се трудам да го правам тоа со што е можно помалку грешки. Сепак сме луѓе и нормално е да грешиме. Би сакала долго да останам овде. Ми се допаѓаат луѓето и градот. Би сакала еден ден да играм за ПСЖ, каде што игра Нејмар и напорно работам за да си ја остварам таа цел - завршува Фариас.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема