X
 17.02.2017 Образование

Јеротиќ: „Најмногу сакајте се кога детето е мало“

Владета Јеротиќ е истакнат српски лекар, психијатар, книжевник и академик. Ова се некои од неговите најдобри цитати кои се однесуваат на родителството и воспитувањето деца.

„Детето до крајот на третата година е како сунѓер. Колку само мајката и таткото треба тогаш да се сакаат! И така да биде до петтата година, па после малку препирки, но првите три до пет години, и поради детето и поради себе, за детето да ја впие љубовта на таткото и мајката“.

„Не знам дали еден човек е во состојба да сака ако не бил сакан. Или на друг начин, колку и со каква сила во детството сме биле сакани, толку и ние ги сакаме другите“.

„Детето старо три, четири години ги слуша мајката и таткото како не се расправаат, туку дебатираат на некоја тема, па не се согласуваат. Без висок тон, секој ги изнесува аргументите, дозволувајќи му и на оној другиот да каже што има. Тука започнува дијалог и така детето се учи на дијалог. Иако ништо не разбира (што зборуваат неговите родители), некако сфаќа дека не се согласуваат, но дека користат аргументи, а не висок тон“.

„Детето во досегашното патријархално воспитување е воспитано во крајности: или со прекумерна строгост или со прекумерна нежност (особено во последните децении). Пресудна улога во воспитувањето имаат родителите, особено во првите неколку години од животот, бидејќи генетиката и промената на надворешните околности подоцна може да предизвика негативни карактеристики во однесувањето на децата“.

„Управувањето со агресивната и сексуалната енергија која ни е биолошки дадена, во вид на вроден инстинкт, започнува многу рано. Врз развојот на личноста влијае и тоа колку правилно родителите ги контролираат своите нагони. Импулсивното препуштање на ненадејните ескплозивни празнења на оваа енергија, претставува незрелост за секој поединец кој не прави ништо за да ја воспита волјата и моралната хигиена на своите животински желби“.

„Доколку мајката со својата љубов кон детето исполнета со доење, грижа и приврзаност (не претерана грижа, бидејќи претераната знае да биде знак за невротичен страв кај мајката), на оваа мајчинска љубов се придружува и таткото - ако тие останат доследни во изразување на вистинските чувства кон детето, тогаш создадени се добри услови за вербата на детето во животот, да остане трајна“.

„Она што е кај децата фасцинантно, убаво, тоа е нивната доверба - нивното брзо простување на навреди, восхитување, чудење. Тоа се елементи кои вреди да се чуваат цел живот“.

„Родителите се прашуваат зошто, кога мајката и таткото му велат: „Не го прави тоа“, „Не го јади тоа“ - зошто детето, секогаш, ама буквално секогаш го прави забранетото? Зошто баш тоа, кога родителите велат не? Човекот чувствува потреба забраната да ја погази, да ги испита границите, да се направи баш она што не треба, за да се провери она што е забрането. Но, ако родителот тоа го каже со љубов, тогаш детето ќе го послуша“.

„Во Европа денес, мажот заедно со жената активно учествува во чување на децата - од нивното раѓање, па поделбите се речиси маргинализирани. Секое казнување и наградување на децата е уцена“.

„Ако детето е немирно, остави го, често тоа е знак дека детето е интелигентно и бистро суштество. А родителите, во незнаење, за мирното и послушно дете велат „моето добро дете“, а всушност нивното дете е исплашено и несигурно. Секако, понекогаш се раѓа и дете кое едноставно е такво, иако е силно и паметно. Немирното дете е знак за интелигентно дете. И токму таа интелигенција не му дозволува лесно да се помири со се` што му се кажува“.

„Благите граници овозможуваат интензивно влијание од надвор, но таквото прифаќање на промените може да го загрози специфичниот семеен идентитет. Ваквите семејства карактеризираат незаинтересираност и меѓусебна неповрзаност на членовите. Родителите не се заинтересирани за растот и развојот на децата. Децата имаат преголема слобода и не прават разлика помеѓу добрите и лошите постапки. Емоционалните односи се ладни и детето не чувствува дека е сакано, заштитено и сигурно“.

„Важната работа која ја утврдува функционалноста на семејството се и семејните правила. Семејните правила се потребни бидејќи го чуваат семејството и обезбедуваат сигурност и предвидливост, што е особено важно за најмладите членови. Нив им се одредува организација на животот, начин на семејното функционирање, систем на вредности и верување. Но, проблемот настанува кога овие правила малку се повторуваат, бидејќи тие на некој начин се подразбираат, па така стануваат нејасни. Недоволно јасните правила формираат хаотични семејни односи, а крутите правила (кои не се менуваат) придонесуваат за комплицирани семејни односи. Во функционалните семејства отворено се комуницира за правилата. Тие се јасни и подложни на промени во согласност со потребите на членовите на семејството“.

Извор: Детињарије
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование