Се чини дека серијата „Куќа од хартија“ е еден од најголемите профитери од глобалниот карантински начин на живот оваа пролет. Додека во годините кога се прикажуваше првата епизода серијата стекна завидна база на обожаватели и може да се смета за апсолутен успех и мегахит на шпанската ТВ-мрежа „Антена 3“, вистинско чудо се случи кога правата за продолжение на снимањето ги презеде „Нетфликс“ - срушени се рекорди што години наназад ги држеа серии како „Игра на тронови“, „Почудни нешта“, „Живи мртовци“ и други.
Ако сè уште не сте ја гледале, можете да го направите тоа на „Нетфликс“ каде што на англиски е преведена „Money Heist“. Префрлајќи се на „Нетфликс“, „Куќа од хартија“ доби нешто ново, она малку што ѝ недостигаше за да ги освои срцата на гледачите на планетава (апсолутно најгледана серија на сите времиња во САД што не е на англиски јазик). Пред сè, „Нетфликс“ ѝ донесе добро координирана маркетинг-машинерија за создавање интерес, анализирање целни групи и различни култури и агилно приспособување на барањата во моментот. Создадена како најнова франшиза и главна „златна кокошка“ на познатата стриминг-платформа.
Англискиот наслов на серијата е „Money Heist“ (Грабеж на пари), но оригиналниот наслов „La casa de papel“ во превод значи „Куќа од хартија“, односно државната печатница за пари. Во таа смисла, не станува збор за класичен грабеж, затоа што групата не краде постојни пари, туку печати нови.
Фото: Screenshot/YouTube
Во првата сезона, која се состои од два дела и беше прикажана во 2017 и 2018 година на шпанската телевизија „Антена 3“, мистериозен професор чии мотиви не се целосно јасни на почеток собира група искусни луѓе кои им пркосат на законите: крадци на банки, воени ветерани, криминалци. Така тој создава идеален тим во кој секој има свој придонес и секој е избран со причина. За да го заштити идентитетот на избраните луѓе, професорот на секој од нив му доделува име според светските метрополи: Токио, Берлин, Москва, Најроби, Рио, Денвер, Хелсинки и Осло. Нивната задача е да влезат во Кралската печатница за пари каде што треба да испечатат 2,4 милијарди евра и да избегаат. Секако, планот наидува на многу компликации и драмата може да почне. Заложниците не се однесуваат онака како што би сакале киднаперите, многу од крадците не ги почитуваат однапред договорените правила, па Денвер во една епизода почнува и љубовна афера со заложничка.
За тоа време полицијата е веќе околу зградата, а главната инспекторка стапува во контакт со професорот, па дури и има афера со неговото алтер его. Пред крајот на сезоната таа конечно сфаќа дека организаторот на грабежот и нејзиниот нов партнер се една иста личност - сепак, одбива да го пријави.
По третата сезона многу работи остануваат да висат во воздух, па јасно е дека наголемо
се подготвува четврта сезона, а неодамна беше објавено дека почна нејзиното снимање.
Во што е тајната на успехот на оваа серија?
Што точно е потребно да се случи за една серија што не е на англиски јазик да доживее таков планетарен успех?
Накратко, ова е востание на малиот човек против големиот систем кој е студен и без емпатија - преземајќи ги работите во своја рака. Десетина луѓе се на работ на законот, собрани од мистериозен лидер, нивен организатор и идеолог, во мисија да нападнат државна печатница за пари, но не за да ограбат, туку од неа да излезат со повеќе од 2 милијарди свежо печатени пари.
Иако звучи како клише-холивудско сценарио, приказната и нејзината реализација со динамиката како „Единаесеттемина на Оушн“, и мелодрама што може да ја смислат само Шпанците (истиот режисер, Алекс Пина, ја режирал и „Серанови“) создаде автентична атмосфера и многу простор за идентификување со некои од ликовите. Ова идентификување носи многу поголем потенцијал - идентификување со нешто што би можеле да си го замислиме во нашите тинејџерски фантазии дека еден ден ќе станеме - бунтовници со идеја, лоши момци со неодолива харизма, јунаци со многу негативни карактеристики во кои на крај секогаш преовладува доброто.
Речиси архетипски концепт - Робин Худ со лице на Салвадор Дали, но и во црвен комбинизон на работничката класа. Класната поделба е присутна во секој дел од светот и е како „слон во просторијата“ кој се преправаме дека не го гледаме поголемиот дел од времето. Додека му служиме на систем што ја продлабочува оваа поделба, ние во себе криеме потреба за бунт, што ретко знаеме да го артикулираме во густиот распоред со обврски и задоволства од што се состои популарната култура и капиталистичкиот ритам на животот. Таа празнина ја пополнува „Куќа од хартија“ - малиот човек стои на линијата на големиот систем и успева да го надигра.
Фото: Screenshot/YouTube
Во заднина се слуша „Бела чао“, химна на пролетаријатот, народот, револтот против големиот непријател и вербата во победата што доаѓа само со жртва и единство. Овие разбојници не се таму само за да ги задоволат своите себични потреби, туку и да покажат дека сите ние можеме да бидеме и да направиме сè и дека не постојат граници. Овој пат непријателот е во сегашноста и е многу реален - тој е системот на кој сите му припаѓаме и за чии недостатоци сме свесни. Можеби споредбата е несоодветна од уметнички агол, но исто како што се идентификувавме со Џанго додека во филмот на Тарантино поправа дел од историската неправда на американскиот југ, така и сега се идентификуваме со организирана криминална група поради која народот излегува на улиците, берзите доживуваат крах, а полициските инспектори се преиспитуваат дали се наоѓаат на вистинската страна во вечната борба на доброто и злото.
Сепак, „Куќа од хартија“ не е ремек-дело
Популарноста никогаш не била мерка за квалитет, па затоа мора да се признае дека на серијата ѝ недостигаат многу работи за да речеме дека е одлична. Причините се очигледни.
Уште во првите епизоди станува јасно дека гледаме акционен трилер во кој преовладуваат елементи на теленовела. Ликовите се делумно продлабочени колку што е потребно за една акциска сцена или љубовна афера, самиот концепт е иритантно нереален, приказната предвидлива, а дупките во заплетот се како минско поле преку кое поминуваат актерите и гледачите со затворени очи.
Тогаш, дали „Куќа од хартија“ е преценета? Во суштина, не станува збор за тоа. Нејзиниот успех лежи во тоа што пронајде заеднички јазик кај луѓето од Турција, на Филипините, во Италија, Нов Зеланд - го артикулира нивниот гнев против системот и потребата за нов вид херој. Дали овде станува збор за нешто поголемо од лесна забава, ќе каже времето.
Дотогаш, ако не ви пречи малку претенциозна адреналинска забава што ќе ја загрее вашата романтична страна додека си играте бунтовник со далечинскиот управувач, „Куќа од хартија“ може да биде одличен избор.