Сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје на 29 ноември (среда) ќе работат со скратено работно време до 12:00 часот, а 30 ноември (четврток) се определува за неработен ден и тој нема да се одработува, известува Министерството за труд и социјална политика, врз основа на заклучоците донесени на 199 седница на Владата, одржана во вторникот.
- Оваа одлука се однесува и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, меѓутоа напоменуваме дека не се однесува на јавните предучилишни установи и здравствените установи. Информираме дека тие треба да изработат сопствени планови кои ќе овозможат непречено функционирање на установите, истакнуваат од МТСП.
Се препорачува општините на градот Скопје и Градот Скопје да ги спроведат заклучоците.
- Воедно, се препорачува на приватниот сектор на подрачјето на Градот Скопје, а особено во подрачјето на Општина Карпош и општините кои гравитираат кон Спортскиот центар „ Борис Трајковски“ и хотелот „Александар Палас“ да ги спроведат заклучоците - потенцираат од МТСП.
Ваквата одлука е донесена поради 30. министерски состанок на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември 2023 година во Скопје во организација на Министерството за надворешни работи.
Извор: МИА