За да се намали ширењето на грипот, лекарите советуваат заразените да останат во изолација неколку дена, да пијат многу чаеви, течности, да јадат суои и свежо овошје. Здравите да избегнуваат контакт со болни, да ги мијат рацете редовно, да пијат витамини и минерали, доволно течности, пред се обична вода, незасладени чаеви и природни сокови.
Грипот ги преполни болниците во земјава, а полна е и Клиниката за детски болести. Пациенти со симптоми кои наликуваат на грип се згрижуваат секојдневно во ординациите, а оние со полесни симптоми се враќаат на домашно лекување со совети како да се справат со болеста. Локалните служби информираат дека преполнето е детското одделение во болницата во Кавадарци, а директорката на детската клиника Аспазија Софијанова пред Нова година изјави дека вирусот се шири, а се случува да го нападне и централниот нервен систем кај некои пациенти. Слична е состојбата и во регионот. Албанија го одложи отворањето на училиштата по новогодишниот одмор поради ширењето на грипот и најавениот студен бран. Хрватските агенции објавија два смртни случаи, а целата земја е зафатена од епидемија на грип.
Следете ги симптомите на болните
Лекарите велат дека поради сериозноста на вирусот треба многу да се внимава. Родителите да ги следат децата и симптомите на болеста. Иако во Македонија не е прогласена епидемија, на Клиниката за детски болести е набавен лекот „Тамифлу“, а превентивно веќе е направена вонредна состојба. Софијанова за домашните медиуми изјави дека се обезбедени изолирани простории, за да не се заразат дечињата кои се во болница од друга причина.
Лекарите од Кавадарци велат дека вирозите го наполниле детското одделение во болницата, каде деновиве се згрижени 22 деца и веќе нема слободни места. Според педијатаорт Мирјана Шемова, на лекување се задржуваат најчесто деца со респираторни заболувања, вирози и бронхопневмонии. Децата со полесни симптоми на болеста се враќаат на домашно лекување.
Од Крива Паланка, пак, соопштуваат дека досега, заедно со општината Ранковце, се регистрирани 22 лица заболени од грип. Од нив две се дечиња на возраст од 5 до 14 години, 17 се на возраст од 15 до 64 години, а тројца пациенти се постари од 65 години. За една недела има 1024 заболени од грип во Кавадарци, за разлика од минатата година кога во истиот период биле регистрирани само 58 случаи. На подрачјето на Кавадарци и Росоман досега се евидентирани вкупно 1.420 пациенти со сезонски грип.
- За разлика од лани овој период, бројот на болните од грип е зголемен за речиси 25 пати - вели Ристе Јовановски, специјалист-епидемиолог во Центарот за јавно здравје од Кавадарци.
Болки во ушите, проблем со рамнотежата
Четиричлено семејство од Скопје се уште ги чувствува последиците на болеста од минатиот месец. Болеста била проследена со зголемена температура, затнат нос, силна болка во ушите, болки во главата, коските и мускулите.
- Сите бевме болни. Не знам дали беше грип, никој не ни кажа таква дијагноза. Кај сите различно се манифестираше. Малото детенце два месеца беше со размрсулавено носе и малку зголемена температура. Поголемиот син, јас и сопругата имавме висока температура, со силни болки во ушите, дури имавме проблем и со рамнотежа. Сите пиевме антибиотици заради болките во ушите. Се уште не сме до крај излекувани - вели С.И. (43) од Скопје.
И од Струга јавуваат дека се зголемува бројот на болни од грип. Досега се регистрирани 112 случаи со симптоми кои наликуваат на грип. Од Центарот за јавно здравје во Струга велат дека бројката е многу поголема во однос на истиот период лани. Реалната бројка на заразени е многу поголема, оти многу заболени не отишле на лекар. Најголем број од болните се на возраст од 15 до 64 години.
Во Велес 80 болни дечиња до 4 години
Центар за јавно здравје од Велес соопшти дека во минатат недела Велес се регистрирани 1.123 болни од сезонски грип. Меѓу болните има и 80 деца на возраст до 4 години, а 221 дете се на возраст од 5 до 14 години. Во групата од 15 до 64 години има најголем број болни - 683, а на возраст над 65 години има 139 болни. Во декември вкупно биле регистрирани 1.756 заболени, додека во ноември имало само двајца болни.
Еподемиолозите од земјава велат дека годинава грипот почнал порано од вообичаено, а го очекуваат големиот бран на заболени од грип во февруари и март. За да се намали ширењето на грипот, лекарите советуваат заразените да останат во изолација неколку дена, да пијат многу чаеви, течности, да јадат суои и свежо овошје. Здравите да избегнуваат контакт со болни, да ги мијат рацете редовно, да пијат витамини и минерали, доволно течности, пред се обична вода, незасладени чаеви и природни сокови.