Чак Фајнели е добар и вонредно вреден член на библиотеката „East Lake County Library“ во гратчето Соренто на Флорида. Господинот Фајнели на прв поглед чита без некаков шаблон, чита разновидни книги, од романите на Џон Стајнбек до детска книжевност.
Интересно е дека овој член на библиотеката некои книги ги чита само за неколку минути, ги изнајмува и веднаш ги враќа. За девет месеци тој позајмил 2.361 книга од библиотеката, со што ја подигнал квотата на изнајмување за 3,9 проценти.
Чак Фајнели постои само во администрацијата на библиотеката и тоа само во списокот на читатели, како што известува локалниот весник „Orlando Sentinel“. Директорот на библиотеката, Џорџ Доре, и неговиот асистент, Скот Ејми, го измислиле господинот
Чак Ф., му дале адреса, фалсификувана возачка дозвола и му дозволиле да изнајмува книги.
На втор поглед, се забележува дека наизглед бесмисленото изнајмување, сепак покажува некаков систем. Фајнели се интересира само за книгите кои долго време никој не ги побарал и кои чекаат на суровата судбина на автоматско исфрлување од електронскиот систем на библиотеката.
„Таму каде што машините немаат милост – мора да се најде човекот“, сметаат директорот и неговиот асистент.
Кога надзорниот одбор на библиотеката доби анонимна пријава, откриен е фантомот на библиотеката. Директорот веднаш бил суспендиран. Сепак може да се каже дека ова е претерана реакција, затоа што Доре ги спасувал книгите кои во подолг период не биле читани, што не значи и дека помалку вредат.
Освен тоа, ваква практика се спроведува и во други библиотеки низ Америка.
Компјутерскиот систем врз база на квотата на изнајменост одлучува кога некоја книга треба да се исфрли од употреба. Така стотици илјади книги завршуваат во корпа за отпадоци.
Дополнителен парадокс е тоа што истите книги, честопати мораат повторно да се набавуваат кога од некаква причина ќе порасне побарувачката за нив.
Дали овој директор е Робин Худ или можеби дури и Дон Кихот на библиотеката, останува на ваша проценка.